Достапни линкови

Херојска програма за четирите децении Скопје џез фестивал


Плакатот за 40 Скопски џез фестивал
Плакатот за 40 Скопски џез фестивал

Со учество на артисти како Матс Густавсон, херојот на скандинавската џез сцена, новата ѕвезда на џезот, американската басистка Линда Меј Хан О, славниот кубански пијанист Роберто Фонсека...од 20 до 24 октомври ќе се одржи јубилејното 40 издание на Скопски џез фестивал.

На градот крај Вардар и воопшто на македонската културна сцена, на државата како целина, од 20 до 24 октомври ќе им се случи 40-то издание на Скопски џез фестивал. Ќе им се случи манифестацијата која во изминативе четири децении беше заштитник на урбаниот дух на Скопје и која од него, од Македонија, направи пожелувана дестинација не само за врвните светски џез музичари, за оние кои ја испишувале историјата на импровизираната музика, туку и за оние кои допрва ќе ја исполнуваат таквата мисија. И уште повеќе за сите љубители кои поодамна знаат дека овде нема програмски компромиси и дека и во зло време потписниците настојчиво ќе ги бранат своите заложби за врвна интернационална манифестација која мисли чекор понапред.

И, колку притоа таквото нималку балканско поведение да им е трн во очите на оние чија кусогледост и калкулантски пристап да не им одат во прилог. На оние чиј однос кон сопствениот идентитет, национална гордост и најмногу самосвест и не им толку гајле. Небаре така ќе бидат повисоко во хиерархијата на партиските пазарења и продавањето илузии. Само навидум „важни“ во ваквата искривена буништарска реалност.

Јордан Костов

А, овојпат кога на четири деценискиот јубилеј што е (или би требало да биде) привилегија за сите слободно умни во оваа наша Македонија, за нашата културна реалност, згора несомнено доказ за истрајноста и показ како треба да се работи, како да се биде конкурентен во светот, Фестивалот се одржува помеѓу двата круга на Локалните избори и бројните лаги и ветувања кои со невидена леснотија ќе бидат пласирани безмалку од сите претенденти на власт. Значи, повторно со битки за секоја кованица од институциите што треба да се гордеат со „својата паметна културна политика“ за умно вложениот денар во државата, згора речиси комплетно избркан од локалниот медиумски простор ( овде не се рачунаат ниту окупираните социјални медиуми) и во услови на бројни ограничувања што со себе ги донесе Корона-вирусот. А банално ќе биде и тоа дека треба по којзнае кој пат да ги споменуваме врските на Скопје со европските и светските метрополи, сместувачките капацитети, посебно условите во концертните простори...и другите симптоматични нешта што не и прилегаат на една цивилизирана средина ( па дури и во повој) а кои рака на срце изискуваат многу енергија за да се надминат.

Најбитно од се* е дека ќе го биде во стандардниот термин со настапи на единаесет докажани имиња од САД, Европа, Куба и од Македонија врз чија умешност и звучни визии ќе блеснат рефлекторите во салите во Националната опера и балет и во Младински културен центар.

Матс Густавсон

Јубилејот со својот специјален славенички соло перформанс ќе го отвори шведскиот саксофонист, импровизатор и херој на скандинавската фри-џез сцена Матс Густавсон. Оној виртуозен џез-панкер што неколкупати со различни постави (THE THING, FIRE, FIRE ORCHESTRA...) сме го виделе и чуле во градов и кој несомнено е еден од најсилните промотори на манифестацијата. Истата вечер во НОБ од САД ни доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, која зад себе има импресивна листа на соработки со ѕвезди како Пет Метини, Кени Барон, Џо Ловано, Дејв Даглас, Тери Лин Керингтон, Виџеј Ајер... само малкумина од оние големци на кои имавме можност да им бидеме домаќини през годиниве.

Линда Меј Хан О

На 21 октомври во Национална опера и балет најнапред е предвидено да ни се случи средбата со триото на грчката пијанистка, композиторка и импровизаторка чиј „отвоен музички јазик им пркоси на жанровите“ - Тања Џанули. Нешто потоа закажана е и средбата со интернационалниот квартет на исклучителниот дански гитарист Јакоб Бро. Рамо до рамо до него ќе бидат саксафонистот Марк Тарнер, Хорхе Роси на тапани и Томас Морган на бас.

Следната вечер ќе биде оркестарски обоена, па така публиката најнапред ќе има можност да го проследи перформансот на ансамблот на македонскиот хармоникаш, пијанист, композитор , импровизатор, аранжер и продуцент Јордан Костов ( патем, составен од најзначајните македонски џез музичари, Андреас Гинтер на тенор саксафон, флејта и пијано и Јапинг Ванг на јанџин) кој ќе го промовира албумот „Interwining a Fugue“, најновото издание на СЏФ. Следователно, ќе се случи и концертот на L.U.M.E. ( или ако сакате Lisbon Undeground Music Ensemble) предводен од композиторот и пијанист Марко Баросо.

Moor Mother

Длабоко во ноќта најупорните и оние што милуваат екслузивности во МКЦ ќе имаат можност да бидат сведетели на појавата и мисијата на американската поетеса, пејачка, визуелен уметник и активистка од Филаделфија – Каме Ајева, односно Moor Mother, која во случајов за свои собеседници ќе ги има Дуду Којате, легендарниот перкусионист на ART ENSEMBLE OD CHICAGO и ко-домаќинот Густавсон.

Во сабота на 23 октомври најнапред е предвидено да се одржи експлозивнoто шоу на австријците SHAKE STEW, кои во изминативе три години со три албумски објави се вистински феномен и кои како седум члена постава ( двајца, тапанари, двајца басисти и тројца дувачи) со многу хумор нудат високо енергетска мешавина на жесток џез, елементи на афро-бит, трансоидни пасажи и спиритуални џез ерупции несомнено се претенденти да ја освојат и македонската публика.

SHAKE STEW

И, по една така замислена неодолива понуда предвидено е да се реализира и еден од ексклузивитетите на јубилејното издание на Скопскиот џез фестивал – премиерно да биде изведен специјалниот проект NU MUSIC 4посветен на мултикултуралноста и музичкото наследство на џез-легендата Дон Чери. Него го потпишуваат славниот турски перкусионист Окај Темиз кој цела една декада работем со американскиот визионер, Кристер Ботен на нгони, бас кларинет и пијано, Густавсон и трубачот Горан Кајфеш.

Конечно ова јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал ќе го заокружи триото на врвниот кубански пијанист, пејач, мултиинструменталист, композитор и продуцент, добитник на Греми – Роберто Фонсека кој овде доаѓа со музиката од албумот „Yesun“ од 2019 година на кој му гостуваат реномираниот американски саксафонист Џо Ловано и прочуениот француско-либански трубач Ибрахим Маалуф.

Роберто Фонсека

Кон ваквата најава само уште информацијата дека во рамките на придружната програма предвидени се изложбата на плакати на Скопскиот џез фестивал под наслов „Complicate Simply!”, потоа премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: Aretha Franklin:Amazing Grace“ и „Blue Note: Beyond the Notes”, како и настап на најпознатиот албански џез состав во моментов - AJS Quartet.

Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани и две нови албумски изданија на SJF Records - најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и СВЕТЛОСТ + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТРА, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG