Достапни линкови

Струја од јаглен како одговор на енeргетската криза


Електрични постројки
Електрични постројки

Македонија може силно да биде погодена од растот на цените на електричната енергија на европскиот пазар, вели академик Абдулменаф Беџети. Во услови на „историски најниско ниво“ на хидропотенцијалите, државата спасот го гледа во струјата од загадувачкиот јаглен.

Цените на пазарот на електрична енергија во Европа годинава бележат голем раст. Поскапувањето на гасот достигна до 400 проценти, јагленот над 200 отсто со што директно се зголемува цената на производството на струјата, која во период од една година на Берзата за енергија во Будимпешта (HUDEX) порасна од 56 евра на први јануари до 166 евра за мегават час според денешните податоци. Властите во Македонија веќе најавуваат зголемено производство од термоелектраните на јаглен за да се избегне увоз на струја по енормни цени.

Зголемената побарувачка на струја е главо поради намаленото производство од ветерните централи низ Европа во услови на недостигот на ветер во Северното Море и избегнувањето на енергијата од загадувачките електрани на јаглен поради европската Зелена агенда, како што наведуваат и стопанствениците. Дополнителен проблем се недоволните резервите за гас во Европа. Но, што може да се очекува во следниот период со цените на струјата и на енергенсите во Македонија?

Ситуацијата може силно да не погоди, оценува академик Абдулменаф Беџети кој вели дека хидропотенцијалите во земјава „можеби се на историски најниско ниво“ поради недостиг на вода и затоа според него во моментов производство на струја од хидроцентралите во земјава е доста ограничено.

„Од друга страна, со либерализацијата на енергетскиот пазар многу компании кои влегоа либерално да набавуваат струја склучиле договори коишто испорачателите на енергијата нема да можат да ги исполнат и веројатно таму може да дојде до поскапување од 40 до 50 отсто на испорачаните производи од енергетскиот биланс“, вели Беџети во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Тој додава дека тоа „многу ќе ја искомплицира состојбата“ и веројатно ќе треба да се бараат алтернативни решенија од каде ќе може да се зајакнат капацитетите за одреден временски период, од три до шест месеци.

„Веројатно ќе се ангажираат дополнителните капацитети на термоелектраните, но со увоз на јаглен и на поквалитетен јаглен. Тоа се можностите и комбинациите и веројатно ова ќе потрае затоа што доаѓа и сезона на побарувачка“, вели Беџети.

Инаку, минатиот месец Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека забележува оти некои компании за снабдување незаконски ги откажуваат договорите со своите клиенти, како што изјави претседателот на институцијата Марко Бислимовски.

Илустративна фотографија. Косово - Чад од косовските електрани на јаглен во Обилиќ, во близина на Приштина. Северна Македонија периодов набави јаглен од Косово за производство во РЕК Осломеј.
Илустративна фотографија. Косово - Чад од косовските електрани на јаглен во Обилиќ, во близина на Приштина. Северна Македонија периодов набави јаглен од Косово за производство во РЕК Осломеј.

Деновиве се случи и инцидент во кој Аријанит Џафери - синот на поранешниот функционер Муса Џафери физички го нападна директорот на РКЕ Бислимовски поради започната постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма „У Пауер“, откако МЕПСО пријавиле дека ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит.

Според надлежните од РКЕ, во моментов притисокот е врз компаниите на слободниот пазар кои купуваат струја во директни договори со лиценцирани трговци според цените на европската берза, но не и врз домаќинствата за кои цената ја регулира државата (РКЕ).

Во Македонија во период од една година два пати беше поскапена струјата за домаќинствата. Еднаш во август 2020 година кога имаше зголемување за 7,4 отсот, додека во јули оваа година за 12,3 проценти, но тогаш Владата го намали ДДВ-то од 18 на 5 отосто за да нема удар врз сметките на граѓаните.

Според податоците на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), дневното производство на струја во моментов е 79 проценти од термоелектрантие во земјава, 18 проценти од хидроелектраните и 3 отсто ветерници.

За да се спречи енергетска криза, Владата веќе донесе одлука за интервентен увоз на јаглен за македонските електрани за производството да се подигне на максимално ниво и да се обезбеди нивна работа на подолг период, како што соопшти претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. Во соопштението се вели дека состојбата со гасот ве земјава се очекува да биде стабилна до крајот на годината.

Генералниот деректор на АД ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека АД ЕСМ ќе го засили ископот на сопствен јаглен според максимелните капацитети кои ги има, но дека побарувачката на електрична енергија е таква што пресметките покажуваат дека и со количините набавен јаглен е исплатливо да се продава и произведува струја.

Тој додаде дека со високите цени на електрична енергија на берзите, кои според него ќе се задржат и во следните месеци и во текот на следната година, поевтино и посигурно е да се набави јаглен за производство на електрична енергија, отколку да се увезува струја по енормни цени.

„Со тоа ќе оствариме приход како компанија и држава, а ќе го стабилизираме и ценовниот шок на кој сега се изложени и уште повеќе ќе бидат стопанаството, но и институциите кои со електрична енергија се снабдуваат на слободниот пазар“, вели Ковачевски.

Ковачевски рече дека со планот за ископ на јаглен и производство на електрична енергија АД ЕСМ има стабилно производство и ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата „по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почувствува ценовен шок кај граѓаните“, вели тој.

Во изминатиот период, вели Ковачевски, одредена количина јаглен била набавена од Косово за производство во РЕК Осломеј, а дека ќе биде реализаирана уште една набавка на јаглен за РЕК Осломеј и за РЕК Битола.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG