Достапни линкови

Белградската филхармонија ќе го свири романтичарот Малер во Скопје


Плакатот за концертот на Белградската филхармонија во Скопје

Белградската филхармонија, еден од најдобрите симфониски оркестри на Балканот, на 9 октомври во 20 часот, ќе гостува во Скопје. Во Големата сала на македонската Филхармонија ќе ја изведе Симфонијата бр.6 од австрискиот класик Густав Малер. Диригент ќе биде маестро Габриел Фелц од Германија.

Само по два дена од најавеното грандиозно отворање на новата сезона со концертот насловен „Данте 700“, кога нашиот национален оркестар под диригентство на маестро Габриел Бабешелеа и со врвниот македонски и светски пијанист Симон Трпчески и хорот „ПроАрс“ ќе ги изведе Пијано концертот бр. 2 и Данте симфонијата на големиот Франц Лист, во Филхармонија уште еден голем концерт. Овојпат саботната ноќ крај Вардар, во саботата на 9 октомври, со својата изведба ќе ја обои Белградската филхармонија, според познавачите еден од најдобрите симфониски оркестри на Балканот. На програмата е Симфонијата бр.6 од австрискиот композитор и претставник на романтизмот - Густав Малер, а зад диригентскиот пулт исправен ќе биде и ќе раководи Габриел Фелц од Германија.

Основана во 1923 година, Белградската филхармонија денес од познавачите и критиката се смета за еден од најдобрите филхармониски оркестри во регионот и ансамбл кој понуди вистинско звучно освежување на меѓународната концертна сцена.

Така, според Financial Times станува збор за култен српски оркестар, во Independent ќе забележат дека тоа е еден од водечките европски оркестри, Washington Post ќе ги почести со зборовите „оркестар кој гледа само напред во иднината“, а во New York Times ќе бидат „ансамбл кој со себе носи голема доза наследство и гордост“.

Специфичниот имиџ, како резултат на инвентивните уметнички концепти и посебно креативниот маркетинг, влијаеја на бележаната препознатливост на Оркестарот. На тој начин Белградската филхармонија набрзо привлече многу славни имиња од светот на класичната музика кои безрезервно ја дадоа својата поддршка за нејзиниот понатамошен развој. Меѓу нив особено се издвојува повеќе децениското пријателство со диригентската ѕвезда Зубин Мехта, кој редовно одржува добротворни концерти со Оркестарот. Впрочем, станува збор за прв оркестар во регионот, но и пошироко кој ги започнува своите концертни сезони со комплетно распродадени билети

Инаку, шеф-диригент на Белградската филхармонија од сезоната 2017/18година е Габриел Фелц со кого доаѓаат во Скопје, а главен гостин-диригент е маестро Даниел Рајскин.

Во последните неколку години, оркестарот имаше забележливи меѓународни турнеи и гостувања во Италија, Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Франција, Словенија, Хрватска, Оман... и други земји.

Најважниот интернационален ангажман во новата историја на овој оркестар е првата турнеја во САД која опфати настапи во Чикаго, Кливленд, Вашингтон и во њујоршкиот „Карнеги хол“, во октомври 2014 година. Од поновите меѓународни успеси се издвојуваат и гостувањето во Москва, во престижната сала „Чајковски“, во септември 2016 година, како и двата многу успешни настапи во Музик ферајн во Грац, во 2018 година.

Белградската филхармонија во 2017 година, започна традиција на концерти на отворено кои бележат историски успех и се едни од најголемите од областа на класичната музика на Балканот. Повеќе од 30 илјади луѓе присуствуваа на првиот концерт кој го водеше шеф-диригентот Фелц, а како специјален гостин настапи познатиот Индиец Мехта.

Маестро Габриел Фелц фото: Марко Ѓоковиќ

Габриел Фелц, кој сеуште е актуелен шеф-диригент на Белградската филхармонија, наедно од од 2013 година работи и како генерален музички директор на Дортмундската опера и шеф-диригент на Филхармонијата во Дортмунд. По три многу успешни години, договорот му е обновен до 2023 година. Со необичниот избор на програми за редовните настапи и интенцијата за раст и подобрување на уметничкиот квалитет, тој успеа значајно да ја зголеми посетеноста на концертите на сите овие оркестри.

Во неговата приказна стои дека е роден во 1971 година во Берлин. Габриел од 1989 до 1994 година, студирал на Музичката академија „Ханс Ајзлер“ во Берлин, на одделите за диригирање и пијано. По студиите, станал асистент на Герд Албрехт во Хамбуршката државна опера (1994–1995). Своите први ангажмани ги добил во операта во Либек (1995–1997) и во театарот во Бремен (1997–2001).

Згора на тоа Фелц диригирал со водечките оркестри во Германија, како што се Дрезденскиот државен оркестар на Саксонија, Симфонискиот оркестар на Баварската радио-телевизија, Баварскиот државен оркестар, Германскиот симфониски оркестар од Берлин, оркестарот „Концертхаус“ од Берлин, оркестарот на Франкфуртската опера и музеј, Државната капела од Вајмар... и други.

Од друга страна богатиот дискографски го прави еден од најистакнатите диригенти на својата генерација. Неговиот репертоар опфаќа дела од Моцарт и Бетовен преку Рахмањинов, Елгар, Прокофјев, Скрјабин и Рихард Штраус до Ноно и Лигети. Снимката на сите симфонии од Малер (за продуцентската куќа Dreyer-Gaido) кои Фелц ги реализира со Филхармонијата на Штутгарт беше оценета од критичарите како „најнеобичен и најконтроверзен циклус во последните години“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG