Достапни линкови

Фон дер Лајен – Сега треба ЕУ да испорача, потребен е уште еден чекор


Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев во Скопје
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев во Скопје

Разговараме и со Бугарија со цел да ја надминеме оваа последна пречка. Има многу добри идеи за коишто вреди да се размисли, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Премиерот Зоран Заев вели дека решението треба да се бара во португалскиот предлог.

Постигнавте извонреден напредок и донесовте храбра одлука. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. Сега ЕУ треба да испорача, не губете верба, но треба да направиме уште еден чекор напред, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Скопје.

„Со двете страни работиме и разговараме, и со Бугарија, со цел да ја надминеме оваа последна пречка. Има многу добри идеи за коишто вреди да се размисли, сè со цел да ја надминеме последната пречка и да започнеме со првата меѓувладина конференција. Наша цел е да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија пред крајот на годината. Има многу работа, сметам дека е добар процес, многу разговори, зашто што има многу теми коишто може да се решат со добар дијалог, со инвестирање на добри идеи за тоа како да се решат проблемите. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес којшто веќе не треба да биде попречуван од овие теми“, рече таа.

Таа вели дека со целото срце посакува почетокот на преговори со Албанија и Македонија да почнат до крајот на годинава. Фон дер Лајен не одговори директно на новинарското прашање дали ако не се надмине бугарската блокада, Македонија и Албанија ќе се разделат на европскиот пат и рече дека фокусот сега е двете држави да започнат со преговорите до крајот на годинава.

Премиерот Заев рече дека ќе ги интензивира разговорите со Бугарија со искрена волја да се направат чекори поблиску до решение на отворените прашања.

„Ние и досега покажавме подготвеност и конструктивен придонес за решавање на билатералните односи преку взаемно почитување и заштита на националното достоинство, но идентитетските прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори и среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања, кои се исто така и европски вредности“, рече Заев.

Тој рече дека верува оти до крајот на годинава може да се најде решение кое ќе ги почитува идентитетските прашања и македонскиот јазик.

„Јас верувам дека ќе постигнеме договор на темелите на предлогот на Португалското претседателство, кое што и Словенечкото претседателство го прифати како можно решение, коешто реално е прифатливо и за двете страни и тука некаде е решението“, рече Заев.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва го доставија предлогот за решавање на македонско-бугарскиот спор во јуни годинава, но Софија веднаш го отфрли. Предлогот предвидува двете страни да испратат декларации за јазикот – Македонија да признае дека јазикот е кодифициран во 1945, а Бугарија да изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и дека јазикот во сите идни документи на ЕУ да биде сметан во согласност со Уставот на земјава. Бугарија бара да се признае бугарското потекло на македонскиот јазик.

Фон дер Лајен во Скопје пристигна од Тирана, каде што се сретна со тамошните власти. Заедничката прес-конференција со Заев ја одржаа во Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со европски пари.

Таа во наредните три дена ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан. Како што беше најавено во Брисел, таа утре ќе ги посети Косово, Црна Гора и Србија, а ден подоцна, Босна и Херцеговина.

Таа се среќава со балканските лидери една недела пред Самитот ЕУ - Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.
Еден ден по посетата на Фон дер Лајен во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG