Достапни линкови

Русковска - Наскоро обвинение за Рашковски


Русковска нема да се кандидира за уште еден мандат
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:01 0:00

Русковска нема да се кандидира за уште еден мандат

Истрагата за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски е во завршна фаза, вели шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во интервју за РСЕ. Се истражува како може Рашковски да си дозволи гаранција од околу 500 илјади евра за замена на мерката притвор во домашен притвор, а во истрагата влегува и прашањето од каде му парите на Рашковски за хациенда во Побожје. Русковска вели дека и случајот Империја е во завршна фаза, а најавува и дека по истекот на мандатот нема да се кандидира повторно за прв човек на Обвинителството.

Обвинителке Русковска во тек е истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово. Дали се повикани сведоци на распит?

Ние не можеме да викнеме сведоци затоа што не ја водиме истрагата за пожарот. Наш дел е само во јавната набавка, да се разгледа документацијата, да се анализира и потоа да се одлучи што понатаму.

Согласно договорот, набавката на модуларните болници одела преку Министерството за труд и социјална политика. Дали тогаш министерката Јагода Шехпаска ќе биде повикана како еден од сведоците за случајот?

Веќе ви одговорив на прашањето. Додека не направиме анализа не можам да кажам дали некој ќе се вика и кој ќе се вика.

Проектот за тетовскиот ковид центар го доби фирмата Брако, односно набавката и за контејнерите и инвентарот и опремата за ковид центрите. Сопственици на Брако според документацијата за набавката се поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и Благој Шалев. Но, овластеното лице кое ја потпишува набавката е Шалев. Доколку се утврди кривична одговорност за набавката тоа би значело дека само Шалев би одговарал?

Видете сега навлегуваме во областа на шпекулации. Стварно однапред не можам да кажам. Дали воопшто има одговорност прво треба да се види. Ако има некоја одговорност, односно во делот ако е повреден Законот за јавни набавки или во делот, бидејќи посебен закон е донесен за набавка на овие модуларни болници или во тој дел ако е повреден тогаш ќе одлучиме кого ќе распитаме и кого ќе викнеме. Сето останато е во делот што го води Основното обвинителство во Тетово.


Доколку не фигурира никаде потписот на министерот за здравство Венко Филипче, односно набавката одела преку Министерството за труд и социјална политика тогаш Филипче не би бил предмет на истрагата?

Повторно навлегуваме во шпекулации. Прво треба да ја видиме документацијата па евентуално ако сметаме дека нешто во делот на набавките не е во ред ќе се одлучува кој и дали ќе биде повикан, дали како сведок, дали како лице од кое се бараат потребни известувања затоа што тоа се ќе биде во предистражна постапка.

Како германските експерти ќе помагаат во утврдување на причините за пожарот?

Тоа ќе треба да ги прашате колегите од Тетово.

Обвинителке како го доживувате фактот дека Зоран Милески кој беше осуден на три години затвор во еден од најголемите случајот Рекет кој го предводевте добил прекин на издржување на казната поради тахикардија?

Видете, прво како човек не само како обвинител, стварно многу ме погоди сообраќајната несреќа што се случи каде загина човек. Тројца или четворица се тешко повредени. Во тој дел Обвинителството нема ингеренции во извршување на санкциите. Значи нашето завршува кога ќе добиеме правосилна пресуда, односно работата на Обвинителството. Се понатаму е во доменот на извршување на санкции. Така што за тоа ќе треба да го прашате директорот на затворот што го одобрил прекинот.

Но, ве прашувам вас лично, бидејќи вие го предводевте тој случај?

Видете, не можам да кажам. Не сум ја видела документацијата да знам дали бил оправдан прекинот или не. Наше мислење се бара само доколку прекинот е подолг од 30 дена и тогаш на увид ни се доставува или медицинска документација или било што за да даде свое мислење и да се произнесеме по предлогот за прекин на казната. Вака јас немам видено и не можам да знам дали е стварно оправдан тој прекин или не.


До каде е истрагата за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски?

Истрагата е во завршна фаза. Го добивме материјално-финансиското вештачење. Се чека уште едно вештачење, треба до следната недела да стигне и тоа и ќе се викаат осомничените да дадат своја одбрана, доколку сакаат.

Дали тоа значи дека наскоро би можело да има обвинение?

Да.

Истражувате ли како може Рашковски да си дозволи гаранција од околу 500 илјади евра за замена на мерката притвор во домашен притвор?

Да.

Дали во истрагата влегува и прашањето од каде му парите на Рашковски за хациенда во Побожје?

Да.

Колку фактот што таа е на име на неговите малолетни деца е проблем во истрагата, кога се уште нема нов закон за проверка на потекло на имот?

Не е проблем воопшто, затоа што и сегашниот закон предвидува доколку се утврди одговорност, се разбира, доколку судот утврди дека некој е виновен, има проширена конфискација и тука спаѓаат членовите на потесното семејство – сопруга, маж, деца, зависи кој е обвинет, така што тоа воопшто не е проблем и според постоечката законска регулатива.

Рековте дека го истражувате потеклото на парите, дали дојдовте до некакви сознанија од каде се тие пари?

И предистражната и истражната постапка се преставуваат тајно, така што не можам да откријам повеќе од она што ви го кажав.

Зошто случаите кои се од интерес во јавноста, како „Империја“ не се главен приоритет на обвинителството со цел побрзо да се заврши истрагата, бидејќи знаеме дека трае со години?

А, зошто мислите дека не се приоритет?

Бидејќи трае со години, а на пример за случајот Рекет истрагата траеше само три месеци и имаше обвинение.


Видете, некаде во декември месец 2019 е заведен тој предмет во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и можам да ве уверам дека не е во застој и колку што имам информација и таму вештачењето е во завршна фаза.

Главниот осомничен во предметот, бизнисменот Орце Камчев тврди дека истрагата не е завршена дека нема докази за обвинение. Дали тоа е причината?

Тој ако смета така тогаш полесно ќе си ја докаже невиноста пред суд.

Како го коментирате тоа што премиерот Зоран Заев јавно вели дека Вас не ви верува за случајот со Рашковски и друго предмети, а во истовреме тврди дека политичарите мора да ги тргнат рацете од судството и од обвинителството?

Јас никогаш не коментирам ничии изјави, ни лично сметам дека не е важно политичарите, без разлика кои, ми веруваат или не, како обвинител мене ми е важно да ми верува судот

Во тек е кампања на Владата против корупцијата „Сега се е јавно“. Се согласувате ли со ставот на премиерот Заев дека корупција нема во високите ешалони од власта и дека таа е присутна на трето ниво, односно кај административните службеници?

Па повторно не сакам да коментирам туѓи изјави. Со самото тоа што се води постапка за поранешен Генерален секретар на Влада, имаме обвинение за поранешен потпретседател на Собранието, така што не сметам дека корупцијата е само во третиот ешалон.

Дали имаме напредок во борбата против корупцијата, кога во последниот извештај на Стејт департментот се укажува дека корупцијата е постојан проблем во земјава. Транспаренси интернејшнал ја рангираше на 111 место земјата според Индексот за перцепција на корупцијата.

Сега генерално не можам да кажам, сепак има други релевантни институции и меѓународни го коментираат или го кажуваат тоа. Но сметам дека за овие три години Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција направи многу голем напредок во борбата против корупцијата што беше и нотирано и во извештајот на Европската унија за минатата година. Во извештајот имаше дел каде што во борбата против корупцијата беше споменато само ова обвинителство, дека постои напредок.

Може ли да се води борбата со корупцијата со кампањи или поважна е работата на обвинителството да оконча предмети кои се во интерес на јавноста?

Борбата против корупцијата не може да се води со кампањи, може да ја водат единствено истражните органи, тука е полиција, тука е финансиска полиција, обвинителство.

Наредната година ви истекува мандатот, очекувате ли повторно да бидете на чело на Обвинителството?

Не, според новиот Закон за Јавно обвинителство единствено шефот за гонење на организиран криминал и корупција се избира на непосредни избори, така што немам намера воопшто да конкурирам, односно да водам кампања за мој реизбор.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG