Достапни линкови

„Апокриф“ на Добрила и Дориан – смел и искрен до нота албум


Добрила и Дориан на концертот одржан на ОФФест 2020 година
Добрила и Дориан на концертот одржан на ОФФест 2020 година

Со идеја да биде прво издание на дуото Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ, долгогодишни музички соборци, деновиве како 45-та објава на SJF Records, беше објавен „Апокриф“, албумот за кого ќе биде забележано дека е „смел и искрен до нота“ и кој ако му се предадете ве вози до сржта на музиката.

Апокриф“ е таен ракопис креиран при скокот од познатото во лебдечките мелодии и импровизации, откривајќи ја одново тишината. Албумот својата инспирација ја црпи од две места, два различни традиционални музички изрази, кои кога се мешаат создаваат нова урбана музичка слика со своја рамка. Тоа е звучна интерпретација која се потпира на емоциите и светогледот на овие современи автори кон традицијата и културното наследство на македонскиот музички регион.

Со овие зборови печатени на кориците од „Апокриф“ етномузикологот Александра Кузман, инаку долгогодишен член на СТРИНГ ФОРСИС и ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, ќе го проследи излегувањето на првиот заеднички албум како дуо на своите колеги Добрила Грашеска (вокали) и Дориан Јовановиќ (уд и удиралки). Инаку, на објавата се забележани нивните изведби и аранжмани на седум македонски традиционални композиции, песни како „Кирајџиче“, „Аир да не сториш“ „Столен ми болен легаја“ ( за која е и снимен промотивен видео клип), „Три години стана“... и други, кои едноставно пленат со потребата да се слезе длабоко и со искреност својствена само за надарените да бидат поминати низ нивните творечки сентименти. Едноставно песните класици наново да се фрлат во висините и да се пречекаат исправено. Простум. Како што доликува и како што ги создал и оставил да раснат и бидат пеани од генерациите народниот гениј. Без ситни пресметки и нималку пожелувани неприродни калеми.

Од таму писателот, педагог и музичар Владимир Мартиновски, со право воопшто нема да го крие своето воодушевување. Тој радосно ќе кликне: Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ снимиле брилијантен албум! Апокриф" (СЏФ, 2021) е смел, искрен и до нота маестрално изведен проект. Албум кој, ако го пуштите еднаш, како спирала ќе ве подига нагоре и по секое пуштање си велите - ај пак! Драгоцен албум кој безрезервно го препорачувам!

Инаку, објавата се појавува непосредно по минатогодишниот инспиративен настап на Добрила и Дориан на ОФФест, а Оливер Белопета од СЏФ, споделувајќи ја радоста за објавата и за ваквиот след на настаните, со констатација дека станува збор дело кое е брана пред масовната естрадизација на македонската култура. Сега и овде.

Во екот на масовната естрадизација на македонската музичка култура, која не е само така спонтано излезена туку очигледно ужива и поддршка од највисоките иснтитуции кај нас, ваквите изданија се многу ретки. И тука е нашето задоволство што овој проект, ако го слушате вниумателно ќе видите дека е длабоко во нашите македонски традиции и истовремено се вклопува во созвучјата на светската музика. Тој чест на исклучоците се разликува од многуте, јас би рекол, „свадбарски проекти“ кои доминираат летово во Македонија и ќе биде убава шанса нашата музика која поседува светски квалитет да излезе надвор од границите на нашата земја. Имено, веќе во септември Добрила и Дориан ќе настапат на еден голем европски фестивал, по што ќе следуваат и други нивни настапи на манифестациите каде што се свири „светска музика“, вели Белопета.

Дориан, Добрила и Оливер Белопета на промоцијата на „Апокриф“ фото: Ангел Ситновски Бојс

Добрила Грашеска, патем чии вокални квалитетите на публиката и се познати и не само од настапите и објавите на ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, забележува дека материјалот што со Дориан го забележале во изминатиот едногодишен период е своевидна зен-реакција, нешто што тие долго го носеле во себе и е продукт на годините созревање, размисли и видувања за она што би можело да се направи со македонската традиционална музика и што од неа би можело да произлезе.

Ова е нашето време. Времето кое што сме го поминале со нас, во нас и заедно се појавува во „Апокриф“. „Апокриф“ е нашето откривање на музиката, а уште повеќе откривањето на тишината која што се појавува меѓу неколку стиха, неколку експериментални звуци со кои сакам да си поигрувам. Неколку воздишки. Тоа е она што сме го откриле во овој тн апокриф, она што е покриено, скриено, што е непризнаено, а ние сме нашле начини на кои ќе ги откриваме работите на само наш специфичен начин. Затоа е апокрифно, затоа што е надвор од канонот, од она што го знаеме како такво и на кое сме му дале сопствен печат, појаснува Добрила.

Дориан од своја страна смета дека всушност ова дело е плод на еден спонтан процес, на искреност и на наталоженото долгогодишно заедничко искуство.

За мене лично овој албум тргна многу спонтано од едно „ај да пробаме“ и по таа спонтаност се појави искреност којашто успеавме до крај да ја задржиме и тоа е она што ме прави среќен. Таа искреност од нас двајца, неусиленост и комотност во практикување на нештата, ќе рече Јовановиќ.

Кон сево ова само уште информациите дека на материјалот за албумот е снимен во август и септември минатата пандемиска 2020 година во студиото „Профундус“ во Скопје. Инженери на звук биле старите познаници и пријатели Дориан и Бојан Угриновски, за дизајнот бил задолжен Зоран Кардула, извршен продуцент е Оливер Белопета, а проектот делумно е помогнат од Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG