Достапни линкови

Битолските трговци со надеж чекаат да се подигне рампата на Меџитлија


Граничниот премин Меџитлија –Ники

Битолските трговци едвај ги чекаат грчките купувачи, по најавата дека ќе се отвори граничниот премин со Грција кај Битола. Тие очекуваат дека прометот ќе им се зголеми за 20 отсто. Границата е затворена повеќе од една година поради пандемијата, а најавите се дека рампата може да се крене на 1 јули.

Надеж кај битолските трговци дека бизнисите ќе им тргнат на подобро предизвика најавата на градоначалникот на грчката Oпштина Преспа, Панајотис Паскалидис, дека од први јули ќе се отвори граничниот премин кон Грција преку Битола, Меџитлија –Ники. Битолските трговци, фризери, стоматолози, пумпаџии и сопствениците на други услужни дејности едвај ги чекаат грчките купувачи. Тие прогнозираат дека прометот ќе се зголеми барем за 20 проценти откако ќе се отвори граница. Рампата е спуштена една година како една од мерките за заштита од ширење на коронавирусот.

„Отворањето на преминот би значело многу и туристички, и економски зашто тука народот си заминува.“

„Ќе има сигурно подобрување, инаку вака како што е откако се намали пандемијата со 10 проценти е подобрен бизнисот, сега се надеваме дека ако ја отворат границата ќе се подобри прометот.“

„Барем за 20 проценти ќе крене работата. За битолската чаршија е голема штета што ги нема Грците, секој ден си имавме работа.“

„Во интерес на сите е да се отвори границата, да имаме поголем промет“, коментираат трговци од битолската чаршија.

Уште во мај годинава имаше најава дека ќе се отворат сите копнени гранични премини кон Грција, но проработи само Богородица. Пред три години кога се потпиша Преспанскиот договор беше најавено дека ќе се отвори граничниот премин Маркова Нога, но рампата остана спуштена. Се догради и железничката пруга од Битола за грчка граница, но веќе две години се најавува дека недостигаат уште технички детали, а никако да се пушти во промет.

Битолчани кои традиционално се ориентирани кон Грција и ја отвораа тамошната туристичка сезона секое лето, годинава почнаа да се откажуваат од одморите на Егејското Море и планираат летување во Албанија. Причина за тоа е граничниот премин Меџитлија – Ники кој речиси цела година е затворен за премин. Грција е оддалечена од Битола 16 километри, но според сегашните услови граѓаните од цела југозападна Македонија за да влезат во Грција преку преминот Богородица кај Гевгелија мора да патуваат 170 километри.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG