Достапни линкови

Заврши средбата Бајден - Путин, разговарано за нуклеарна и сајбер-безбедност


Путин и Бајден се ракуваат пред средбата во Женева.
Путин и Бајден се ракуваат пред средбата во Женева.

Американскиот и рускиот претседател, Џо Бајден и Владимир Путин, заминаа од Женева по Самитот меѓу двајцата лидери на кој разговарале за низа прашања од нуклеарната безбедност од компјутерската безбедност и човековите права.

Немаше непријателство за време на состанокот и разговорот беше прилично конструктивен, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Женева.

„Нашата проценка за многу прашања се разликува, но според мене, двете страни покажаа желба да се разберат меѓусебно и бараат начини да се приближат“, рече Путин.

Рускиот претседател рече дека со Бајден се договориле да ги вратат своите амбасадори на нивните места, во обид да се намалат тензиите, но засега нема потврда за тоа од Белата куќа.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, беше повлечен од Вашингтон пред околу три месеци откако Бајден го опиша Путин како убиец.

Американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан ја напушти Москва пред речиси два месеци, откако Русија му предложи да се врати во Вашингтон на консултации.

Путин исто така рече дека Русија и САД имаат заедничка одговорност за нуклеарната стабилност и дека ќе разговараат за можни измени на нивниот неодамна продолжен нов договор Старт за контрола на оружјето.

Рускиот претседател ја отфрли загриженоста на Вашингтон во врска со апсењето на опозицискиот политичар Алексеј Навални, за зголеменото воено присуство на Русија во близина на границата со Украина и за обвинувањата од САД дека неидентификувани Руси се одговорни за низата компјутерски напади во САД.

Путин рече дека Навални го игнорирал законот и знаел што ќе се случи ако се врати во Русија од Германија, каде што се лекуваше од речиси фаталното труење во Русија со нервен гас новичок од советско време.
Тој исто така го обвини Киев за прекршување на условите од прекинот на огнот со проруските сепаратисти во источна Украина.

Путин рече дека тој и Бајден разговарале за работата на Радио Слободна Европа, која во Русија е означена како „странски агент“, како одговор на, како што рече, сличните постапки со американските медиуми во САД.

Тој рече дека Вашингтон и Москва ќе започнат консултации за сајбер-безбедноста, тврдејќи дека најголемиот дел од компјутерските напади врз Русија се од САД.

На одвоена прес-конференција, американскиот претседател рече дека „во мачни детали“ разговарале за секое прашање.

Претседателот Бајден рече дека на средбата ги отворил прашањата за човековите права, меѓу кои и за двајцата Американци, Пол Вилан и Тревор Рид, кои според него се „неправедно затворени“ во Русија.

Тој исто така рече дека ќе продолжи да ја нагласува загриженоста за случаите како Алексеј Навални, затворениот лидер на руската опозиција.
Бајден додаде дека ќе продолжи да зборува за загриженоста за „основните човекови права, затоа што тоа сме ние“.

Американскиот претседател рече дека со Путин детално разговарале за следните чекори што нивните земји треба да ги преземат за мерките за контрола на оружјето што го намалуваат ризикот од војна. Дипломати и воени експерти од двете земји треба да се сретнат на „дијалог за стратешка стабилност“ за да се постават темелите за идните мерки за контрола на оружјето, рече Бајден, но не кажа кога ќе почнат тие разговори.

Бајден рече дека разговарале и за тоа одредени видови на критична инфраструктура да не се чепкаат при сајбер нападите.

Белата куќа соопшти дека состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин завршил по скоро четиричасовни разговори.

Бајден и Путин се состанаа во Женева
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

Претседателите се сретнаа прво на еден помал состанок, а потоа им се приклучија и други претставници од двете земји.

Првата рунда разговори меѓу Бајден и Путин во Вила де ла Гранж во Женева траеше 90 минути и присуствуваа само претседателите, двајцата министри за надворешни работи Ентони Блинкен и Сергеј Лавров и двајца преведувачи. Средбата потоа продолжи во поширок формат со делегации од двете земји.

Од американската страна, на проширениот состанок требаше да присуствуваат Блинкен, советникот за национална безбедност Џејк Саливан, потпретседателката на државниот секретар за политички работи Викторија Нуланд, американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан и стручњаците за Русија во Националниот совет за безбедност Ерик Грин и Стергос Калудис.

Во руската делегација се Лавров, советникот на Путин за надворешни работи Јури Ушаков, заменикот на Лавров Сергеј Рјабков, началникот на генералштабот на руската армија Валери Герасимов, рускиот амбасадор во Вашингтон Анатоли Антонов, како и пратениците на Кремљ за Украина и Сирија и портпаролот на Путин, Дмитри Песков.

Бајден и Путин во Женева
Бајден и Путин во Женева

По средбите двајцата претседатели одржаа одвоени прес-конференции.

Самитот доаѓа во време кога Путин продолжува да ја консолидира својата доминација на руската политичка сцена, вршејќи притисок врз опозициските активисти, како затворениот Алексеј навални и задушувајќи ги независните медиуми и невладини организации во пресрет на парламентарните избори во земјата во септември.

Пред средбата, портпаролката на Бајден, петтиот американски претседател кој се среќава со Путин, изјави дека Белата куќа „ниту сака да ги ресетира односите со Русија, ниту сака да ги заостри“.

Сепак, Бајден зазема поостар став отколку неговиот претходник Доналд Трамп. Од преземањето на функцијата во јануари, Бајден воведе две рунди економски санкции против Русија, но се согласи на продолжување на новиот договор СТАРТ за контрола на оружјето.

Бајден исто така одби да го блокира завршувањето на гасоводот „Северен тек 2“ што треба да го зголеми извозот на руски гас во Германија, заобиколувајќи ја Украина, која ќе изгуби милијарди долари од транзитни такси.

За Путин, кој 21 година е на власт во Русија, Самитот претставува состанок на „Големите сили“, одраз на неговата носталгија за советската моќ и начин да ѝ се покаже на домашната публика дека Русија може да стои рамо до рамо со САД за прашања од глобално значење.

Во пресрет на средбата меѓу Путин и Бајден, шефот за заедничка надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел предупреди дека напнатите односи со Русија веројатно ќе се влошуваат и дека членките на Унијата не смеат да дозволат Москва да ги подели.

Борел оцени дека односите со Русија се „на најниско ниво“ и дека веројатноста набргу да се променат е „далечна перспектива“.

Тој денеска го претстави предлогот за нов пристап на Унијата кон Русија, наведувајќи дека ЕУ во односите со Русија треба да биде спремна истовремено да „одговори, принуди и разговара“.

Новите насоки во односите кон Русија треба да бидат усвоени на Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.

„Овие три глаголи претставуваат главни насоки на нашето делување. Ако земјите членки ги одобрат тие препораки треба да ги почитуваат, а не да ѝ препуштат на Русија да нè дели“, рече Борел.

Тој посочи дека Русија не сака да разговара со ЕУ како целина, туку повеќе сака да разговара директно со некои од земјите-членки, со оние кои по нејзино мислење имаат одредена важност.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG