Достапни линкови

Политики на пријателство, љубов и афекти на деветиот Викенд на гордоста


Плакатот за деветиот Викенд на гордоста, фестивал за квир култура, уметност и теорија
Плакатот за деветиот Викенд на гордоста, фестивал за квир култура, уметност и теорија

Со отворањето на ретроспективната изложба „Заслепен од љубов“ на Франко Б. во Музеј на современа уметност, започна деветиот Викенд на гордоста Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија, што од 2 до 9 јуни ќе се одвива на неколку локации во градот.

Урбано Скопје во нареднава исклучително богата недела со настани ќе пулсира и со ритамот на деветиот Викенд на гордоста Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија. Манифестацијата ќе се одвива од 2 до 9 јуни на неколку локации во градот, а беше отворена во Музејот на современа уметност со ретроспективната изложба „Заслепен од љубов“ на еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот - Франко Б.

За него ќе биде забележано дека својата уметничка работа не ја одделува од животот, а дека неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата. Тој „настојува неподносливото да го направи подносливо, го провоцира гледачот да размисли за сопственото поимање на убавината и страдањето. Сопственото тело го користи како метафора за општествената борба, при што отелотворува претстави за личното, политичкото и поетското. Вкрстувајќи ја љубовта и болката, Франко Б покажува дека човечноста, како состојба, може да се подобри“.

И, кога сме веќе кај него да кажеме дека Франко Б ќе има и онлајн предавање, а следејќи ја традицијата започната во последниве неколку години, како и лани ќе има уште едно, во случајов перформативно предавање а за него е задолжена професор Јелисавета Благојевиќ од Белград.

Од друга страна, публиката ќе има можност да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте од САД, легендарна латино уметница, чиишто дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување. Таа во Скопје ќе настапи заедно со нејзиниот сонародник Маркус Куиланд Назарио.

Во рамките на целокупната програма ќе се претстават и танц триото STEAM ROOM, коишто минатата година безрезервно го освоија срцето на скопската публика, потоа СПИЗ!колективот од Велика Британија кои ќе имаат перформанс во соработка со македонската дрег кралица Токио де Вил, тука се и уметниците Зорица Зафировска и Дарко Алексовски со заедничката изложба која ќе се одвива во КСП ЈАДРО, а предвиден е и настапот на џез триото СВЕТЛОСТ.

Инаку, како што велат организаторите, основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е „НАСТРАНО ЗАЕДНИЧКО: Политики на пријателство, љубов и афекти“.

„Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s). На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти“, ќе биде запишано во нивниот проглас.

Фестивалот, исто така, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи.

Оваа година каталогот за Фестивалот е проследен со уреден зборник текстови од некои од најзначајните современи теоретичари кои ги адресираат прашањата во фокус на фестивалот, како Мишел Фуко, Лорен Берлан, Хозе Естебан Муњоз, Мајкл Харт и Антонио Негри и други.

Целата програма на Фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, а зад манифестацијата како организатори стојат Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Згора на ова треба да се спомене и тоа дека деветиот Викенд на гордоста Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија, се реализира во партнерство со МСУ и ЈАДРО, со несебичната поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, Министерството за култура на РСМ, и Град Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG