Достапни линкови

Ангелов и Бафтијари солисти во „Музичко патување“ на Филхармонија


Плакатот за концертот на Филхармонија

Концертот за кларинет и виола од Брух и „Италијанска“ од Менделсон ја чинат програмата на претстојното „Музичко патување“ на Филхармонија закажано за в петок, на 14 мај. Солисти се кларинетистот Здравко Ангелов и Илза Бафтиари на виола, а диригент - маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

По благото попуштање на мерките за преценција и заштита од Ковид-19, Филхармонија ја продолжува серијата на концерти од годинешната програма. Согласно условите, и овојпат со фокус на значајни дела од светската класична литература, но и со македонски уметници како солисти на нив.

А, „Музичко патување“ е насловен концертот кој ќе се одржи овој петок во 20 часот. Ќе бидат изведени познатиот Концертот за кларинет и виола оп.88 од Макс Брух и Симфонијата бр.4 или „Италијанска“ од Феликс Менделсон. Солисти се клартинетистот Здравко Ангелов и Илза Бафтиари на виола, а диригент на македонската публика добро познатиот маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Германскиот композитор, педагог и диригент Макс Брух (1838 – 1920) е познат по неговите опери, три симфонии, три виолински концерти, како и хорска музика. Неговиот музички јазик е инспириран од германската романтична традиција и е сосема спротивен на т.н. „нова музика“ која своевремено ја создаваат Лист, Вагнер и Малер. До крајот на својата музичка кариера Брух го „бранел“ својот романтичен концепт и водел контроверзни дискусии со композитори како што се Вангер и Лист, а посебно жестоки расправии имал со Штраус, кој ја забранил неговата музика во Германија во почетокот на 1940-тите години.

Концертот за виола и кларинет го напишал за својот син Макс Феликс Брух, кој бил многу талентиран кларинетист. Има три става во кои се испреплетуваат виртуозноста и експресивниот контекст на креирањето музика. Станува збор за „своевидна рапсодија обоена со слатка меланхолија и носталгија“.

Неговиот сонародник Феликс Менделсон живеел во време кога голем број филозофи сметале дека климата влијае на човечкиот карактер, на јазикот и културата. Затоа воопшто не зачудува фактот што критичарите веднаш по премиерата на „Италијанска“ ја доживеале како „топла и јужњачка“. Во Симфонијата бр.4, Менделсон успеал да креиера совршена симфониска драма инспирирана од пејзажите на Италија, од нејзината култура и начинот на живеење.

И, кога наново ги „откривме“ класиците од програмата, збор – два и за солистите на ова „Музичко патување“ на нашата национална установа.

Здравко Ангелов дружбата со кларинетот ја почнал на 7-годишна возраст. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2000 година во класата на проф. Иван Кочаров, а магистрирал 12 години подоцна во класата на проф. Стојан Димов.

Повеќе од 15 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија, на што му претходат педагошката работа во Државното музичко училиште во Скопје и двегодишното искуство како соработник на Македонската опера и балет. Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со бројни признанија во Македонија и во странство, а во 2000 година ја освојува специјалната награда Yamaha. Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а воедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“.

Бил учесник на во програмата на значајни фестивали во земјата и во регионот како „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“ – Битола, „Денови на македонска музика“, потем на „Номус“ и „Бемус“ во соседна Србија, а како член и истакнат солист на Македонската филхармонија со оркестарот музицирал и во Црна Гора, Словенија, Бугарија, Хрватска, Шпанија, Оман, САД ...

Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава музицирајќи. Настапувал под палката на истакнати диригенти како што се Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Густав Кун, Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Мејер, Емил Табаков и многу други.

Илза Бафтијари,пак, започнала да учи виолина од 9-години во класата на проф.Сихана Бадивуку. На 16-годишна возраст се префрла на изучување на виола кај проф.Јован Бицевски во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а додипломските музички студии ги изучува во класата на проф.Фросина Балова.

Има одржано бројни концерти и рецитали со својот брат пијанистот Шкељзен Бафтијари, а редовно настапува и во камерни состави. Згора, на два пати била солист со Македонската филхармонија, потем и со Камерниот оркестар на ДМБУЦ во Италија и со камерниот оркестар „Солисти“ на ФМУ.

Свирела во неколку меѓународни оркестри како што се CEI Orchestra и Jugest Sinfonie Orchester со настапи во Италија, Словенија, Австрија, Швајцарија, а веќе трета година е дел од германскиот оркестар Manheimer Philharmoniker, каде што настапува во најпрестижните сали во Европа како што се ElbPhilharmony во Хамбург и Queen Elizabeth Hall во Антверп, како и со врвни солисти како што е Марта Аргерич.

Бафтијари соработува со оркестарот на Косовската филхармонија, а од минатата 2020 година е редовно вработена во Македонската филхармонија. Член е и на оркестарот на Музичка младина, а редовно снима филмска музика во оркестарот „Фејмс“.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург.

Во изминатите години, бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Голем број солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години, неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG