Достапни линкови

Александра П. Ристовска со „Простори во заборав“ во „Мала станица“


Изложбата „Spaces in Oblivion“ на Александра П. Ристовска во „Мала станица“
Изложбата „Spaces in Oblivion“ на Александра П. Ристовска во „Мала станица“

Шеесетина дела на кои се претставени ентериери на јавни институции од модерната архитектура во Скопје, ја чинат изложбата насловена како „Spaces of oblivion“ на Александра Петрушевска Ристовска што од 6 мај до 1 јуни се одржува во Национална галерија, Мултимедијален центар „Мала станица“ во Скопје.

Александра Петрушевска Ристовска уште од самиот почеток се наметна како сериозна авторка, и во континуитет го докажува ова со нејзиното присуство на уметничката сцена во текот на 15 години, со една специфична ненаметлива суптилна ангажираност. Тоа што беше евидентно и во нејзините претходни дела и циклуси , таа го потврдува и со нејзиниот последен сликарски проект.

Ова ќе го забележи историчарот на уметност и ликовен критичар Владимир Јанчевски во текстот за каталогот од актуелната изложба насловена како „Spaces of oblivion“ ( „Простори во заборав“) на уметницата Александра Петрушевска Ристовска, што како надворешен проект, од 6 мај до 1 јуни, се одржува во Национална галерија, Мултимедијален центар „Мала станица“ во Скопје.

Јанчевски појаснува дека станува збор за поставка која е е резултат на подолго траен истражувачки процес започнат во 2017 година и дека претставува прво изложување на Петрушевска од 2013 година. Појаснува дека циклусот се состои од шеесетина слики во различен формат, работени во техника акрил на платно, како и дигитални слики, работени врз фотографска предлошка и дека „заедничко за сликите од овој циклус е тоа што на нив се претставени ентериери, внатрешните простори на јавни институции, кои припаѓаат на модерната архитектура во Скопје, објекти изградени во 1970-те години“.

Александра Петрушевска Ристовска е сликарка која на многу сериозен и студиозен начин пристапува кон предметот на истражување и покажува висок степен на свесност за своето опкружување: го испитува просторот, до најситните елементи и архитектонски детали, со чувство за фрагментите, но и интерес за атмосферата. Тоа го потврдува и со истакнувањето на важноста на кадрирањето, за композицијата и специфичните колористички интервенции при конструирањето на просторот на сликата. Во овој циклус слики и светлината игра многу важна улога. Освен тоа што особено важно е осветлувањето кое е во самите слики, исто така исклучително важно е и амбиенталното светло на самата изложбена поставка, вклучувајќи го и внимателниот избор на бојата за галериските ѕидови.

Ракурсот ја фиксира перспективата на нормален човечки поглед, кој ни го олеснува пробивањето на површината на сликата, а празните простори во кои се наоѓаме, иако не се хиперреалистични, успешно рефлектираат атмосфера на изолација, осаменост, дури и онаму каде што студените бои не се доминантни. Бојата во одредени ситуации, особено каде што се среќава контрастниот однос на црвена со зелената боја, создаваат чувство на исчекување, како во секој момент нешто да ќе се случи – а сепак, со секој следен момент, ја посведочуваме продолжената тишина. Како да нѐ тера да се запрашаме што се променило, дали во нашето сеќавање има сцени кои се различни, исполнети со живот? И да помислиме како во сегашниот контекст ќе функционира целата поставка во галерискиот простор (некогаш) замислен за контемплација, пишува Владимир Јанчевски.

А, Александра Петрушевска Ристовска во својата изјава најнапред со цитат од американскиот сликар Едвард Хупер. Мајсторот на меланхолијата и самотијата во една прилика рекол: Доколку можете да го кажете со зборови, нема да има причина да сликате..

Од таму, таа и со забелешка дека „уметноста најчесто не дава одговор, но поставува прашања“.

Според неа, таа постои за да иницира и да предизвика, без разлика во која форма ќе биде претставена. Истакнува дека пристапот кон одреден проблем е особено важен и колку притоа се навлегува во него. Каков тип на истражувања се спроведува и „до каде ќе не однесе“. Сликарката смета дека „времетраењето е релативно и дека на крајот е важно како ќе излеземе и со какви сознанија од зададениот проблем“. Дека, „визуелната комуникација е индиректна практика која воспоставува однос на специфичен начин со публиката“.

Некои прашања не може да се одговорат едноставно и кратко ниту пак вербално. Вербалниот одговор на уметноста е навестување за подлабоката смисла на делото. Повеќе анализа и претпоставка одколку дефинирање. Секој наоѓа взаемна поврзаност со сегменти од уметничкото дело. Исто како во научните истражувања кога се повикуваме на претходните сознанија.

Постојат многу дефиниции и аспекти за уметничкото дело од историски, културолошки, социјален, филозофски… Јас би ја задржала онаа дефиниција која зборува за репрезентацијата и рефлексијата на она што не опкружува видливо или суштински, а за тоа зборува и целиот циклус. За она што ние сите заеднички го делиме како внатрешен јавен простор, неговата замисла и реалност.

Сите вибрации примени од околината се впишуваат во уметничкото дело. Не само што се пренесува фактографско знаење во историјата преку визуелната претстава, туку се осознаваат свеста и размислувањата на човекот и на човештвото. Емоцијата е постојано присутна и сè додека постои таа, ќе постои и уметничкото дело.

Уметноста е импулс, базичен импулс кој може да се спореди со основните потреби во нашата егзистенција, вели Петрушевска Ристовска.

Инаку, родена на 28 август 1981 година Александра Петрушевска Ристовска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2011 магистрирала на графички дизајн истата високошколска установа, а во 2017 година докторирала на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, на Институт за македонска литература, оддел за културолошки студии во Скопје.

Таа е визуелен уметник и вон. професор на Меѓународниот Балкански Универзитет, Факултет за уметност и дизајн од 2009-та година, а добитник е на неколку значајни меѓународни награди и резиденции во областа од културата и уметноста. Така во 2006 од Европска фондација за култура, ECF, беше добитник на двонеделно истражување на современите галериски простори во Холандија (Амстердам, Ротердам и Утрехт), една година подоцна истата институција и овозможи учество на двонеделниот Саем за современа уметност и млади современи автори Project(or)Art Fair, во Ротердам, Холандија, во 2009 преку КултурКонтакт од Австрија, имаше тримесечна резиденција во Виена, а истата таа година освои и Златен медал за Сликарство, во конкуренција на уметници од 50 земји, во Бејрут, Либан на Франкофонски игри и натпревари, во областа на културата и уметностa.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG