Достапни линкови

Стеванов - Бавењето со стрип е како танго за тројца


Александар Стеванов, стрип автор
Александар Стеванов, стрип автор

Цртач, сценарист, хроничар и вљубеник во стрипот. Вака, со неколку збора, може да биде опишан штипјанецот Александар Стеванов, кој само во изминатава половина година ја објави публикацијата „Жељко Книвалд“ и со Катерина Николовска - Тери ја освоија првата награда на Фестивалот за стрип во Ваљево.

Кога некој, онака, сигурен во себе ќе ви каже дека „се чувствува удобно кога комуницира со читателите од дистанца“ и притоа без да ги споменува стриповите што ги потпишал како цртач или сценарист, изложбите што ги направил, публикациите што ги објавил, соработките што досега ги остварил, многуте награди што ги добил... тогаш однапред знаете дека е вљубеник, реално - зависник од стрипот. Ете тоа е Александар Стеванов. Автор и хроничар. Мисионер. Творец чие име е по многу нешта значајно не само за деветтата уметност кај нас овде, туку и еден од оние кои со силината на сопственото творештво и вербата во своите заложби ги испишуваат убавите страници од современата македонска култура воопшто. Оние чија видливост треба да ни стане практика токму во времево на изместени вредности и лажни пророци.

Роден на 13 април 1984 година во Штип, Стеванов е македонски стрип-автор и хроничар на домашната стрип-сцена. И, кога веќе ја распетлуваме неговата творечка активност најнапред треба да се спомене дека стриповите со неговото име и презиме ги краселе страниците на поголем број домашни и странски списанија и публикации, меѓу кои „Синдром“, „Стрип Креатор“, „Чивилук“, „Македонска Ризница“, „Comix“, „Zona Gráfica“, „Parabellum“,„Vojvođanski strip“, „Ras Comic“, „Линије фронта“ и други.

Тој е комплетен автор на интерактивната стрип-сликовница „Девојче на Месечината“ (2017), на сценаријата на сите стрипови објавени во третиот и четвртиот број на збирките „Стрип Алманах“ (2017, 2020) и коавтор (со Дарко Богданов) на албумот „Ægri Somnia“ (2020). Во соработка со Дарко Богданов и Сашо Гачев се потпишува како автор и издавач на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски Дневник“ (2018), а автор е и на двотомното издание „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ (2019, 2020), како и на поголем број написи и интервјуа од областа на деветтата уметност. Зад себе има една самостојна изложба, „Стрип во Штип“ (2017), и голем број групни.

Како редовен учесник на меѓународните стрип-фестивали кои се одржуваат во регионот и пошироко, Стеванов е добитник на петнаесетина награди. Меѓу најзначајните од нив е признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“ (2017) доделено од Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес и онаа за најдобар балкански стрип-сценарист (2015) освоена на седумнаесеттата Балканска смотра на млади стрип автори одржана во Лесковац. Добитник е и на прва (2020/2021), втора (2018) и на награда за најдобро раскажување (2019) освоени на салонот во Ваљево, на второ место, три трети места и на

по една награда за уметнички израз и за најдобро сценарио на Меѓународниот стрип-салон во Велес, како и на трето место (2020) на вториот стрип-конкурс „Лифт“.

Стеванов има работено како дизајнер и летерер на стрип-публикациите „Dominos No. 1“, „Витези од соседството“ и „Dan Fadil, Book one: First Light“. Преведувач и дизајнер е на албумот „Зад црното сонце“, а како графички уредник се потпишува и на стрип-албумите: „Мрак Хумор Тишина“, „Цар Гаврил Радомир“, „Убавите нешта“, „Хацон“, „Вековници: I - Реквием“, „Хавана, САД“ и на вториот и третиот број од албумот „Итар Пејо“. Веќе петта година тој е дизајнер на стрип-магазинот „Стрип Креатор“, а автор е и на половина дузина стриповски фонтови, дел од кои употребени во стрип-албумите „Војдан“, „Бесмртните“, „Чуварите на вечната светлина“ и „Wanted“.

И, толку како цртички од воведот кој можеше да биде уште порафрлан, поголем, а следователно на ова се редат и прашањата.

На последното издание на Фестивалот на стрипот во Ваљево, соседна Србија, македонските автори Александар Стеванов и Катерина Николовска-Тери, за „Приказна за безбојното мече“ ја освоија првата награда. Претходно, за истиот стрип бевте трети на Конкурсот на Меѓународниот стрип салон во Велес. Како го објаснувате овој успех за вас како творци и воопшто за македонската стрип уметност?

-Имајќи предвид дека сум задоен од големиот литературен модус фабрил, најсилната одлика на моите рани стриповски дела е строгата структурираност и финалниот неочекуван пресврт кој одѕвонува силно и по завршувањето на приказната. За сметка на тоа, а во пракса својствено за ваквата литература која долги години ми беше омилена читачка преокупација, ликовите во повеќето од моите стрипови се сведуваат на само безлични статисти. Случајот со „Приказна за безбојното мече“ не би можел да биде поразличен. Затоа што за разлика од најголемиот дел од мојот сценаристички опус, овој стрип постои не толку поради приказната колку заради неговиот протагонист.

Уште откако за првпат се сретнав со безбојното мече, таму некаде помеѓу светот на реалноста и оној на фантазијата, знаев дека ќе направам сѐ за да ја раскажам неговата приказна. Таа желба долго време тлееше во мене, сѐ додека тоа самото еден ден не ми ја дошепна. Всушност, нема да излажам доколку кажам дека безбојното мече, а не јас, беше она што вистински го напиша сценариото за овој стрип, кој Катерина мајсторски го илустрираше. Потврда за таквиот заклучок се, имено, освоените награди на Меѓународните салони на стрип во Велес и во Ваљево. Во стрипот мечето останува невидливо; во светот на реалноста, преку овие награди, продолжувајќи ја приказната тоа самото се избори за својата долго посакувана видливост.

Што се однесува до причините за наградите, претпоставувам дека се должат на тоа што ниту жири комисиите на споменатите манифестации, исто како јас и Катерина, не можеле да одолеат на шармот на мечето. Не е премногу тешко да се забележи кога нешто е произлезено директно од светот на фантазијата, а кога нешто е изготвено само за да се реализира проект. И сржта на ситуацијата во која тоа се наоѓа, правејќи да се поистоветиме со него, е нешто што сите ние сме го искусиле. Сите ние сме во потрага по нешто што постојано ни бега од дофатот, без оглед дали тоа е успех, пари, слава, среќа, или пак, како и безбојното мече, едноставно да бидеме забележани од некого.

Со Николовска имате убава историја на успеси на Фестивалот за стрип во Ваљево. Во 2018 година бевте второнаградени за стрипот „Мачорот кој сакаше да стане крал на светот“. Колку ваквиот след на настаните ве упатува еден кон друг како уметници и автори кои доаѓаат од иста средина - Штип? Колку се надополнувате или можеби се провоцирате да го извадите најдоброто од себе?

Творештвото на Катерина го следев повеќе години пред формално да се запознаеме. Со својата авторска појава таа внесе свежина во илустрирањето книги, притоа подигајќи и осовременувајќи ги стандардите на домашната литература за деца. Впрочем, нејзиното творештво и љубовта на обајцата кон визуелното раскажување се причината за да се запознаеме. Тоа што и јас и таа сме родум од Штип, не играше никаква улога. Со оглед дека високо го вреднувам нејзиниот изграден стил на илустрирање, дури и да беше од некоја далечна земја ќе ѝ се обратев со предлог за соработка. Затоа многу ме израдува тоа што уште веднаш се согласи да реализира два кратки стрипа според мои текстови, најпрво „Мачорот кој сакаше да стане крал на светот“, кој исто така освои награда во Велес и во Ваљево, а влезе и во официјалната селекција на салонот на стрип во Белград, а потем и тој со безбојното мече.

Планот за оваа година е да го испратиме мечето на уште неколку фестивали во регионот. А, како нареден заеднички проект со Катерина уште од поодамна имам желба да изработиме сликовница, што поради зафатеност и приоритетни обврски за жал постојано се остава за некое друго време. Всушност, како цел и препрека на еден изгубен витез, времето е и тема на таа сликовница. Во неа, копнеејќи да се врати назад во минатото, малиот витез сфаќа дека неговите некогашни најголеми непријатели, змејовите, и не се толку лоши колку што некогаш си мислел. Исто како што му помогна на безбојното мече да биде видено и на мачорот да стане крал на светот, преку своите волшебни илустрации се надевам дека Катерина ќе се согласи да му помогне и на овој витез во потрагата по времето на кое му припаѓа.

Стеванов, вие како автор и сценарист соработувате и со други македонски стрип творци како Дарко Богданов и Сашо Гачев. Колку притоа успевате да го скротите своето его сѐ во име на поставената мисија пред себе која подразбира афирмација на македонскиот стрип во пошироки рамки?

Стрипот како дејност има низа свои специфичности. За разлика од глумата или пеењето, на пример, бавењето со стрип го става авторот зад завесата. Поради тоа за стрипот ќе кажеме дека е и медиум, односно посредник преку кој до читателите се пренесува идејата на авторот. А, со оглед на тоа што се наоѓа поблиску до нив, за читателите неминовно креацијата останува позабележлива. Оние кои што почнале да се бават со стрип без да го знаат тоа, можно е подоцна да се почувствуваат недоволно ценети или запоставени за сметка на нивните дела, правејќи и нивното его да започне да се бунтува. Оние кои од претходно биле свесни како стојат нештата, веројатно го избрале стрипот и поради тој факт. За себе сметам дека припаѓам кон втората група.

Се чувствувам удобно кога комуницирам со читателите од дистанца. А, иако сум посесивен и тешко се одвојувам од сето она што сум го напишал, сметам дека немам проблеми со егото. И мојот досегашен опус го потврдува тоа – најголемиот дел од стриповите на кои сум работел се соработки со други автори. Покрај споменатите Николовска и Богданов, со кого имам најплодна соработка, овде се и: Весна Ничевска, Стефан Коцевски, Кирси Салонен, Наташа Коњевиќ, Гоце Цветановски, Наталија Великанова, Јована Велинова, Јордан Коцевски, Стефан Николовски...

И, кога сме веќе кај вас како стрип-автор и хроничар кој зад себе има публикации како „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски Дневник“ (2018), двотомното „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ (2019, 2020), бројни стрип албуми и написи од областа на деветтата уметност... неминовно се наметнува прашањето од каде толку енергија за ваквата активност. Што го „движи“ Александар Стеванов?

Во својата книга „Стрип – запис со човечки лик“, нашиот истакнат писател Томислав Османли посочува дека македонскиот стрип напредува на „горивото“ на авторскиот ентузијазам. Ваквата негова констатација искажана пред неколку декади во голема мера важи и денес. Во последните 5-6 години државата вложува значително повеќе во домашниот стрип, што особено ме радува и го поздравувам, но сѐ уште творечкиот ентузијазам и љубовта кон стрипот се тие што кај нас најсилно ја придвижуваат оваа уметност нанапред. Доколку нема пасија кон изразувањето преку приказни во слики, во Македонија едвај би имало домашен стрип. Ниту јас не би можел да се апстрахирам од таквата општа состојба.

На прсти се бројат македонските автори кои подолг период заработувале за нормален живот бавејќи се ексклузивно со стрип. Не сме премногу ни ние што повремено хонорарно работиме на проекти од деветтата уметност. За жал, бавењето со стрип во Македонија најчесто е или хоби или професија за во слободно време. А, имајќи го тоа предвид, меѓународните активности и признанија за стрипописците произлезени од нашата средина добиваат на уште поголема тежина.

Една од вашите последни публицистички авантури е двојазичната „Жељко Книвалд – Белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“ чие излегување се совпадна со 100-годишнината од неговото раѓање. Како дојдовте до Книвалд и за каков габарит од автор за македонскиот стрип се работи во овој случај?

Стриповскиот опус на Жељко Книвалд, според податоците со кои што моментално располагаме, е навистина скромен и се состои од само еден објавен стрип, односно од само една стрип-табла. Но за разлика од науката, што понекогаш е маана, а понекогаш огромна предност, во уметноста два плус два не секогаш е еднакво на четири. Па така овој краток стрип на некогашниот скопски средношколец Жељко Книвалд е неодминлива станица за секој еден што би сакал да научи нешто за историјата на стрипот во Македонија. Затоа што истата таа историја, имено, започнува токму со неговиот стрип „Репортажа низ II машка гимназија“ создаден во Скопје во далечната 1937/38 година.

Со името на Жељко Книвалд за првпат се сретнав пред неполни десет години на страниците од второто издание на книгата „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли. Уште веднаш кај мене се роди желба да дознаам нешто повеќе за животот на Книвалд, како и за неговото творештво и изглед. Ми се чинеше неправедно биографијата на некој со кого започнува авторската стрип-историја кај нас да остане незабележана. Со посериозно целенасочено истражување мислам дека започнав во 2016 година, но вистинскиот пресврт се случи по две години кога ја запознав Марија Книвалд. Со нејзина помош во 2019 година стапив во контакт со синот на одамна починатиот Жељко – Крунослав Книвалд, кој ми ги потврди сите информации до кои што претходно бев стигнал, а ми испрати и мноштво нови.

Благодарение на тоа, по нешто повеќе од триесет години откако Томислав Османли го откри делото со кое Книвалд трајно се врежа во македонската стрип-историја, овој негов подвиг стана причина и за книга, скромна по обем, но работена со огромна љубов и посветеност. И покрај тоа што не беше планирано кога почнав да ја пишувам, се случи таа да излезе кон крајот на минатата година, точно на стогодишнината од раѓањето на Жељко Книвалд, што мислам дека беше убав симболичен чин. Во неа е обработено можното подалечно и поблиското семејно потекло на Жељко, местото на раѓање – Словенска Бистрица, причините поради кои дошол во Скопје, неговите роднини, подоцнежниот живот во Хрватска, како и творештвото, а за првпат се објавени и неколку негови фотографии.

Како стрип-сцена и држава, преку оваа публикација која излезе со неопходната финансиска поддршка на Град Скопје сметам дека сосема прикладно му се оддолживме на родоначалникот на стрипот во Македонија, што не значи дека овде треба и да застанеме.

Имам чувство дека со ваквите сознанија и пројавениот истражувачки нерц, со вашите потраги, како да го продолжувате испишувањето на хрониката на раниот македонски стрип на писателот и теоретичарот Томислав Османли „Стрип – запис со човечки лик“, издание на „Млад борец“ од 1987 година. Какви ви се намерите за заокружување на сторијата за стрипот во земјава?

Впечатокот кој што го имате не е случаен. Истражувањата на Томислав Османли, кој е основоположник на македонската стрип-историографија, ми беа главна инспирација и самиот да започнам да се занимавам со проучување на домашното стрип-наследство. Преку второто издание на неговата исклучително студиозна книга „Стрип – запис со човечки лик“, Османли беше оној што ми покажа дека стрипот има мноштво други аспекти, а не само ескапистичкиот, забавниот и хумористичниот. Мислам дека ние сѐ уште во потполност не го сфаќаме значењето кое тоа негово дело го има за развојот и унапредувањето на стрипот кај нас, затоа што нема како да се измери што би било кога не би постоело.

Во време кога за повеќето од луѓето стрипот претставува литература за еднократна употреба или нешто тотално небитно, Османли го третира задлабочено и од секој негов аспект, на тој начин елевирајќи го до заслужениот статус на рамноправна уметност со останатите. Токму затоа огромна радост и чест ми причини тоа што тој љубезно се согласи да го напише предговорот кон мојата книга посветена на Жељко Книвалд. Како некој кој што со своите истражувања го оттргнал од зоната на опскурноста, едноставно не постоеше посоодветна личност со чии редови би започнала една книга посветена на овој стрип-пионер. Се радувам дека со Османли ќе имаме слична соработка и годинава, а искрено се надевам и во иднина.

Што се однесува до плановите за прибележување на домашната стрип-историја – ги има повеќе. Со финансиската поддршка на македонското министерство за култура, за неколку месеци треба да излезе и третиот дел од „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, посветен на периодот 2008 – 2011. Се надевам дека во програмите за остварување на националниот интерес во културата за наредните неколку години ќе се најдат и преостанатите три дела од оваа публикација со што би се заокружила историјата на македонскиот стрип од осамостојувањето па до денес. Македонските стрип-автори несомнено заслужуваат нивниот труд да биде валоризиран и овековечен на еден ваков начин. А, освен за нивна промоција, сметам дека хрониките би можеле да најдат практична примена и за потребите на самото министерство, па и за оние на библиотеките низ државава.

Кога сум во можност да се отргнам од приоритетните обврски, се навраќам на неколку незавршени написи со желба за нивно поскоро финализирање и објавување. Она што во изминатиот период ме преокупираше е македонскиот стрип во југословенски контекст. И покрај тоа што траги од него наоѓаме уште на самите почетоци на југословенската стрип-историја, во останатите бивши југословенски републики за жал недоволно се знае за македонскиот стрип. Во план ми е до крајот на годинава да обработам и некои фрагменти од раниот македонски стрип, како негова своевидна увертира, но ќе видиме колку ќе успеам во тоа.

Од друга страна, колку македонскиот стрип успева да ги следи светските трендови? Успеавме ли да заокружиме сцена која полека излегува од анонимноста или и натаму оваа уметност ќе треба да се бори и избори за своето место во домашната култура?

За разлика од добар дел од поразвиените земји во кои стрипот е индустриска гранка, кај нас тој е одговор на непоставено прашање. Поради тоа што со години во Македонија стрипот опстојува првенствено како последица на авторскиот ентузијазам и пркос, како што претходно спомнав, мислам дека и сфаќањата за него во еден дел се искривени. Наспроти општите очекувања кај нас, вистината е дека за жал авторите не можат самите да се изборат за подигање на стрип-културата и продукцијата на секвенцијални дела. Едноставно, стрипот е како танго за тројца – покрај авторите во него активно учество мора да земат и издавачите и пред сѐ консументите. Не дека без нив македонскиот стрип ќе престане да постои, но неговиот живот ќе се сведе само на живуркање.

Од „Жолтото момче“ и сличните весникарски стрипови, преку раѓањето на суперхеројскиот жанр, па до денес кога истиот суверено владее со Холивуд, историјата на стрипот покажува дека оваа уметност ги бележи своите најсветли точки не само поради генијалноста на авторите, туку и благодарение на читателскиот глад. Такви случаи имаме и во околината. Без да го негирам огромниот авторски придонес, златното доба на српскиот и југословенскиот стрип од втората половина на триесеттите години на минатиот век едноставно не би постоело без читателската фасцинираност и ангажманот на издавачите. Всушност, тоа е и главна причина за некои од тогашните најистакнати автори да почнат да се бават со стрип. Секако, нештата се поврзани, едно дело не може да доживее читателски успех доколку авторот не го изработи квалитетно, но сѐ ми се чини дека кај нас бројот на стрип-автори дури и го надминува оној на вљубениците во македонскиот стрип.

Конечно, по ваквите објави, 15-та награди, изложбите, стрип албумите... каде сега своите интереси како стрип автор и своевиден хроничар ги насочил Александар Стеванов? Што е она новото со кое ќе ја анимира домашната културна јавност?

Покрај споменатиот трет дел од публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, годинава би требало да излезат и неколку мои написи посветени на деветтата уметност. Едниот од нив од пред неколку дена е веќе објавен во српскиот магазин „Стрип пресинг“. Продолжувајќи ја соработката, во електронското списание „(е)Лит“ наскоро би требало да излезат неколку мои стрипови. Под уредничката палка на нашиот режисер Гоце Цветановски, со кого и претходно сум соработувал, до пред само некое време работев на летерингот на стрип-серијалот „Потрагата на Коран“. Се надевам дека овој исклучително амбициозен проект од околу 150 табли во скоро време ќе стигне до рацете на читателите. За околу месец дена би требало да излезат два нови броеви на магазинот „Стрип Креатор“ во издание на Стрип центарот на Македонија, кој веќе петта година графички го уредувам. На страниците од едниот ќе се најде и стрипот за безбојното мече. А, ако состојбата со ковид-19 дозволи, можно е вљубениците во стрипот да ги изненадам и со стрип-изложба и промоција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG