Достапни линкови

Чадиковски – Опстојува спрегата меѓу политиката, бизнисот и медиумите


Чадиковски - Во медиумите постојано владее тенденција на автоцензура
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:11 0:00

Чадиковски - Во медиумите постојано владее тенденција на автоцензура

Имаме огромен број на медиуми на еден мал пазар за реклами и тоа не им ја дава на медиумите доволната слобода да не зависат од никого во битката за вистината. Практично таа спрега меѓу политиката, бизнисот и медиумите постојано опстојува. Тоа можеби не е на она вулгарно ниво на коешто беше порано, меѓутоа зад кулисите се случуваат тие проблеми, вели претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Чадиковски, 3 Мај е светски ден на слободата на печатот кој треба да бие потсетник за владите да ја почитуваат слободата на медиумите. Колку владата во моментов ги почитува медиумските слободи?

На 3 Мај секогаш се потсетуваме на ова што значи слобода на медиумите и слобода на печатот. Во Македонија ситуацијата, ако треба да ја опишеме со неколку збора, ние сега имаме прилично силна слобода на говор и слобода на медиуми од аспект на јавно говорење, слободна мисла, тоа не се забранува, но имаме еден постојан проблем со тоа што медиумите генерално не се финансиски независни во нашето општество, зашто причините одат далеку наназад. Станува збор за голем број на медиуми на еден мал ограничен пазар, така што постојано владее една тенденција на автоцензура и кај сопствениците на медиумите, и кај главните уредници, па дури и кај новинарите, така што од тој аспект не сме задоволни од тоа колку е голема слободата на медиумите, бидејќи структурално практично нема поголеми промени во она што се нарекува медиумски пазар. Во овој другиот дел не би можел да кажам дека има големи проблеми. Повремено се јавуваат инстантни проблеми за одредени ситуации со одредени функционери, но на генерално ниво состојбата е задоволителна, барем во однос на она што беше во минатото.

Македонија сега е рангирана на 92 место на светската листа на слобода на медиумите. На што се должи тоа што и понатаму нема значително подобрување во рангирањето на земјава?

Токму така, ова е еден многу бавен напредок во слободата на медиумите, практично не е ни некој напредок од две места којшто се случи од лани до сега на листата на Репортери без граници и постојат повеќе причини зошто ова е вака. Прво е тоа што воопшто не се решаваат нападите и заканите врз новинарите, немаат институционална судска завршница. Лани од 16 случаи само еден беше решен, што навистина понатаму ги охрабрува и сите други насилници и заканувачи да продолжат на овој или на оној начин, најчесто преку социјалните мрежи, но некогаш и физички да се закануваат и да напаѓаат новинари. Во овој сегмент ние постојано бараме нападот врз новинарите да биде третиран како напад врз службено лице. Сега конечно имаме една верзија на закон којашто треба да помине во којшто тоа ќе се регулира. Се надеваме дека тоа ќе се случи во наредниот период. Втората причина зошто немаме еден посериозен напредок на оваа листа е ова за што претходно зборував, а тоа е структурата на самата медиумска сцена во којашто имаме огромен број на медиуми на еден мал пазар за реклами и тоа не им ја дава на медиумите доволната слобода да не зависат од никого во овој процес на креирање и создавање на вести и информации во битка за вистината. Практично таа спрега меѓу политиката, бизнисот и медиумите постојано опстојува. Тоа можеби не е на она вулгарно ниво на коешто беше порано, меѓутоа зад кулисите се случуваат тие проблеми коишто нас не држат во една неизвесност за тоа како ќе се движи слободата на медиумите.

Дали оваа влада, по четири години владеење, можеше да стори повеќе во однос на слободата на медиумите?

Секако дека можеше. Секоја влада може да стори многу повеќе за слободата на медиумите со тоа што ќе го остави новинарството слободно да функционира на пазарот и да се бори врз еднакви пазарни услови, да овозможи една битка за квалитет и битка за вистината. Кај нас тоа во одреден сегмент се случи, особено по промената на власта, меѓутоа овие тенденции коишто продолжија понатаму, каде што дел од медиумите коишто претходно беа навикнати на оној начин на делување на којшто беа навикнати во време на претходната власт на Никола Груевски практично продолжија и сега во истиот манир, а се сменија само улогите. Мислам дека моравме да направиме една дистинкција во однос на тоа што значи релевантен медиум, што значи медиум и новинарство коешто се бори за објективно и професионално новинарство, а што значат медиумите што се основаат или се основани заради пропагандистички цели.

Целото интервју со претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG