Достапни линкови

Уметникот Динев со жесток монохромен израз во родната Струмица


Ѓорги Динев - „Црно небо“, комбинирана техника на картон

„Црно небо“ е насловена втората самостојна ликовна изложба на младиот Ѓорги Динев, што како дваесетта поставка на Здружението за култура „Транзен“, од 25 март ќе се одржи во галерискиот простор на Музеј Струмица. За делата се вели дека се „ракописи, писма напишани, никогаш да не бидат испратени“.

По првичното самостојно претставување на неговите енергични и младешки, „кохерентни, сочувани и сеопфатни визуелни записи“ во Белата галерија на Младински културен центар-Скопје во средината на декември 2019 година, потем и учеството на групната изложба „ДЛУМ нова генерација на млади“ одржана лани во март во центарот ХАБ, Ѓорги Динев еве го неговата втора авторска поставка. И, по симболично именуваната „2019“, овој пат тој го нуди својот нов циклус „Црно небо“, кој како дваесетта изложба што ја организира Здружението за култура „Транзен“, од 25 март ќе се најде во галерискиот простор на Музеј Струмица. Инаку, како што велат потписниците, се работи за проект кој се подготвувал речиси цела една година и кој еве конечно излегува пред очите на јавноста.

И, по оваа основна информација неколку збора за уметникот. Роден 1994 година во Струмица, Ѓорги Динев првите прави професионални тајни ги откривал во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје, за да потем дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2019 година на отсекот графика, под менторство на проф. м-р Мирко Вујисиќ. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) и добитник на наградата за студентска графика „Драгутин Аврамовски - Гуте “ во 2017 година.

И, кога ова е веќе познато да се вратиме на неговото „Црно небо“.

Во текстот за каталогот на поставката Никола Пијанманов пишува: Во сликарството на Ѓорги Динев нема копии на стварноста, туку само нејасни визии за бескрајот. Апстрактно кое пронижува... Но дали се тоа само слики? Што е сликарско во овие графики и сурови цртачки експерименти, или пак што е графичко во овие слики со жесток монохромен израз!? Двете прашања водат кон нерешлива формула создадена во услови и начин за кои само авторот е свесен. Овие дела се пред се, автобиографски записи, ракописи, писма напишани, никогаш да не бидат испратени.

Но, писмата кои се неиспратени, или спалени, или скриени во некоја кутија, се наменети за некој. Кој е тоа? Што е тоа? Ќе ги прочита ли некогаш? Во овие дела нема да го најдете одговорот на веќе подготвената претстава за уметноста, на клишеата и стереотипите за нејзината функција, или она кое го барате како решение за вашите естетски шпекулации. Нема украси за вашите ѕидови, за вашите домови ентериерно подготвени со празни места во кои само понекогаш архитектот за внатрешно уредување, предвидел и простор за рамка во која можеби ќе биде сместена некоја „уметничка“ слика. Нема разубавување на светот, затоа што тие самите не се од овој свет. Овој ракопис е исечок од некој непознат и далечен универзум, во кој формата не постои во контекст на нашето поимање за појавното.

Пијанманов и со појаснување дека делата на Динев „се структурални, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред“.

Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Ликовните закони не секогаш се во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело е озаконет преку отисоците и трагите од плотта и крвта на самиот автор, креаторот. Тие отисоци се видливи во овие дела. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А порите наполнети со таинствена течност. Мувлата на ѕидот има своја функција во светот на визуелното. Пајажината во аглите на собата, темната мрснотија во фугите на тулите. Тука се судрени графичарот и сликарот со своите концепти и од овие дела ние сеуште не можеме да видиме кој концепт ќе победи. Тој судир е жесток, на места со искрење и неподнослива (не)склопливост. Но делата функционираат како такви. Околу главниот судир секогаш има тишина, празнина, осаменост. Некои од делата се како пред експлозија, но таа е внатрешна експлозија, тивка и нечујна за светот. Мислам дека овие дела ќе имплодираат во нов циклус, нова преобразба. Но тоа сега и не е толку важно. Уметноста фиксирана за материја, во еден миг, станува вечна, смета Никола Пијанманов.

А, Ѓорги Динев најнапред со појаснување дека на неговата втора самостојна изложба ќе бидат претставени 20 дела работени во теков на минатата 2020 и во изминативе денови на оваа 2021година.

„Станува збор за еден сопствен ликовен израз. За наоѓање на решенија на проблеми коишто, пред се, си ги имам сам создадено. За едно апстрахирање, каде преку самата техника, која е необична, не традиционална, а такви се и користените материјали, се добиваат дела такви какви што се. На нив нема претстави од светот што ме опкружува. Тие се во поапстрактни води. Кога една од сликите што ќе биде на изложбата ја крстив „Црно небо“, насетив дека така можеби би било убаво да се вика и самата изложба бидејќи името се поклопува со атмосферата на сите други слики. Сите се мрачни“, вели уметникот Ѓорги Динев.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG