Достапни линкови

Филхармонија со праизведба на „Скопје“ на Ана Пандевска


Ана Пандевска, авторка на електро акустичната симфониска поема „Скопје“
Ана Пандевска, авторка на електро акустичната симфониска поема „Скопје“

„Скопје“ е насловена електро акустичната симфониска поема на македонската композиторка Ана Пандевска чија праизведба ќе биде на концертот „Музиката и градот“ на Филхармонија. На програмата е и дела на Васил Атанасов, Густав Малер и Франц Шрекер, а диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија.

Филхармонија на својот претстоен концерт „Музиката и градот“ со храбар и суштествено потребен исчекор. Уште повеќе практика кон која се стреми оваа наша национална институција. Со праизведба на дело на македонски автор. Во случајов со прво претставување на електро акустичната симфониска поема „Скопје“ на Ана Пандевска, потег што несомнено заслужува посебно внимание не само од стручњаците туку и од публиката. Посебно онаа расположена за експерименти и за изместување од комфорноста на чуеното.

И, згора на тоа со уште една домашна творба на програмата - „Фантазија за обоа и оркестар на фолк тема“ од Васил Атанасов, кој патем ќе биде и солист при изведбата на своето дело, а тука се и Адаџето од големиот Густав Малер и „Роденденот на една инфантка“ од австрискиот композитор Франц Шрекер. Диригент е стариот познаник на македонската публика - маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија.

Но да тргнеме со ред.

Родена 1985 година, Ана Пандевска е македонска композиторка која пишува современа музика инспирирана од фолклорот, џезот, амбиенталната музика, за во последно време нејзиниот интерес да биде насочен кон е електро-акустичниот израз. Симфониската поема „Скопје“ е фузија од различни музички влијанија, истражувања и естетски вкусови сублимирано во едно дело. Инспирацијата за делото е градот Скопје, градот во кој самата композиторка е родена и живее и, во него, како што вели се обидува на урбан начин да ги пренесе своите емоции и најзначајните скопски знаменитости преку наративните семплови на електронската трака.

Во пресрет на праизведбата на „Скопје“, Пандевска и со појаснување дека станува збор за композиција која ја напишала во 2020 година како дел од годишната програма на Министерството за култура.

Композицијата ја напишав под сплет на различни музички влијанија кои се чувствуваат во оркестарската партитура особено мотиви од македонската изворна песна и влијанија од минимализмот како правец. Користам едноставни хармонски и оркестраторски решенија во комбинација со електронската трака. На траката користам наративни семплови со кои се обидувам да ги нагласам најзначајните Скопски знаменитости како Дебар маало, Камениот мост, мирисот на липите, падовите и издигнувањата, Земјотресот ... односно се она што кај мене создава асоцијација за градот во кој сум родена, живеам и работам.

За Скопје ме врзуваат силни емоции и се обидувам дел од нив да пренесам и во она што го создавам, тој спој на старо со ново, традиционално со модерно и фузија од преплет на разни жанровски и стилски естетики. Ова не е прв пат да пишувам инспирирана од звуците на градот,во 2018 ја напишав “Свита за Скопје“ за пијано и трака, а на почетокот на 2021 “Пулсирачки град“ – за шестрачно пијано и трака. Така што Скопје е една непресушна инспирација и чувствувам одговорност дека треба да оставам трага во музичките архиви посветени на градот во кој сум родена, вели Ана Пандевска.

Проф.м-р Васил Атанасов, авторот на „Фантазија за обоа и оркестар на фолк тема“, е музички уметник-обоист кој со својата силна уметничка дејност на концертната сцена и моќниот говор на својот инструмент ја гради денешната македонска музичка култура и традиција. Неговата истрајност на патот на уметноста, на патот кон креативната интерпретација се граничи со строг фанатизам на еден силен и енергичен дух, на човек од карактер и длабоко вљубен уметник во звукот на својот инструмент - обоата, кој за него значи живот.

И, кога сме веќе кај делата и нивните автори на концертот „Музиката и градот“, само уште и информациите дека Густав Малер ја пишувал Петтата симфонија во периодот од 1901 и 1902 година во својата нова куќа во централна Австрија. Делото премиерно било изведено во Келн во 1904 година и доживеало тотален неуспех. Критиката пишувала дека симфонијата е „предолга, дека е напишана за огромен оркестар и дека музиката е преполна со драма и звучно насилство“.

На тогашната публика и се допаднал само четвртиот став „Адаџето“ напишан за харфа и оркестар, кој претставува своевиден „остров на спокојство во турбулентното море“.

Конечно, „Роденденот на една инфантка“ е танц пантомима на австрискиот композитор Франц Шрекер (1878-1934). Го напишал во 1908 година како нарачка и претставува клучно дело на „сецесионизмот“ и пример за тоа што е „тотално дело“. Неговата изведба имала одличен одзив кај критиката и публиката и со тоа Шрекер си обезбедил клучно место на виенската музичка сцена. Инаку, музиката во него е инспирирана од истоимената новела на славниот Оскар Вајлд.

И, уште збор – два за славниот британски диригент, маестро Тимоти Редмонд. Тој студирал обоа на Кралскиот северен колеџ за музика, а подоцна се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез.

Од 2006 година Тимоти Редмонд е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на „Би-Би-Си“ и многу други. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции.

Неодамна во САД, Редмонд започна да работи како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а згора на тоа ја збогати и сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“.

И тоа не е се бидејќи наедно дебитираше во театарот „Марински“ од Санкт Петербург, диригирајќи ја руската премиера на современата опера „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес, која претходно ја работеше во Кралската оперска куќа, „Ковент гарден“ во Лондон.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG