Достапни линкови

Културата против „праз културата“ - (не)ВОЗМОЖНА МИСИЈА


Од протестниот марш на Иницијативата „Култура или фискултура?“
Од протестниот марш на Иницијативата „Култура или фискултура?“

Иницијативата „Култура или фискултура?“, по приложените документи за манипулациите при изборот на директор на НУЦК „Антон Панов“ и „молкот“ на Министерството за култура, со протестен марш по скопските улици и пет барања за разрешување на овој веќе „македонски“ проблем и департизација на културата.

Разрешување или оставка на новоименуваниот директор на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, поставување на в. д. директор од редот на носителите на дејност и распишување на нов конкурс за избор на директор најдоцна во рок од шест месеци согласно Законот за култура. Барање за назначување на директор да одлучува комисија која нема да биде составена само од членови кои доаѓаат од редот на вработените во Министерството за култура, туку во неа да учествуваат и надворешни, истакнати стручни лица со сериозен кредибилитет од дејноста за која се распишува конкурсот за раководното место. Изборот да се врши транспаретно, со видео и аудио снимка на интервјуата од кандидатите, нивно јавно презентирање, како и јавно објавување на програмите за работа на кандидатите, сѐ со цел да се отфрли сомнежот за манипулација при изборот и да се избегне криењето зад формално-правните процедури. Вештачење и јавна проверка на приложените документи за докажано работно искуство во областа на културата и конкретната дејност на сите актуелни и идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата. Вештачење на приложените сертификати и јавна проверка на познавањето на англиски јазик на сите актуелни и идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата. И, конечно јавно објавување на програмите со кои конкурирале сите актуелни раководители на институции, програмите на нивните против кандидати, како и јавно објавување на програмите на сите идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата.

Ова се петте барања со кои членовите на Иницијативата „Култура или фискултура?“ го започнаа својот марш по скопските улици. Со попатни застанувања пред Влада и се разбира пред Министерството за култура, следени од стотина културни работници од земјава кои на овој начин го искажаа своето незадоволство за ваквиот след на настаните. За департизација на културата и за победа на свеста дека ова дефинитивно нималку не е локален проблем, туку напротив рана која тешко се лекува.

Затоа не случајно актерката Оливера Аризанова во своето обраќање ќе забележи:

- Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година беше најавувана како „Стратегија на ослободување од режимските културни политики на претходната власт“ преку инсталирање на нов модел кој ќе го анулира претходно воспоставениот модел на арбитрарна и клиентелистичка власт, која ја партизира културата, задушувајќи ја нејзината автономија и општествена важност. Мошне впечатлив и значаен момент во документот е ставот дека е неопходно ослободување од затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспаретноста.

А Ангелина Тренчовска, нејзина колешка и актерка со долгогодишен стаж во тамошниот театар, кон тоа и со дополна : „За жал, културата е далеку од „ослободена од заробеноста“ и принципите на Стратегијата изгледаат како хипокритична демагогија на парче хартија, затоа што во реалноста состојбите се дијаметрално спротивни и поразителни. Сѐ уште сме сведоци на партизација на институциите, каде што припадноста на партијата е повисок критериум за избор на раководно лице, член на управен одбор, па дури и обичен вработен, од критериумите на стручност, образование, искуство и компетентност кои произлегуваат од објективното расудување и се предвидени со Закон“.

Во знак на подршка на Иницијативата „Култура или фискултура“, пак, Златко Теодосиевски, историчар на уметноста, со свое подолго писание во кое меѓу другото забележува дека ова веќе ги надмина локалните рамки и дека се претвори во „македонски случај“.

Случајот Струмица“, односно „Случајот НУ Центар за култура Антон Панов“ не и’ доликува на македонската култура, уште помалку на актуелниот македонски демократски миг бидејќи многу наликува на некои грди минати времиња на коишто не сакаме да се сеќаваме. Овој „случај“ веќе ги надмина локалните димензии и се претвори во – македонски случај. Немаме потреба од такво нешто. Воопшто. А културата – најмалку!За ваквиот развој на настаните вината не е кај нас. Зашто, едни од основните човекови права, запишани и во македонскиот Устав, се правото на култура и правото на работа. Зошто упорно некои сакаат да ги ускратуваат овие права, а во полза на некакви тесно партиски интереси?!“ , прашува Теодосиевски.

Тој и со појаснување дека „културата и овде не го бара невозможното, иако и тоа и’ доликува – туку повторно и повторно го бара логичното, прадољубивото, стручното, компетентното...“ Зарем навистина толку многу бара, зарем се тоа невозможни барања? Па овие нешта беа барања на културата и во 2016 и 2017 година, кога таа во голем број чекореше заедно со сите за право и правда, но и за култура, и низ овие скопски но и низ македонските улици.

Правото и правдата, стручноста и компетентноста во културата не се невозможна мисија. Напротив. Тие се темел и на Националната стратегија што ја донесе токму оваа власт, како противтежа и одговор на „волнените некултурни времиња“ во времето на бившиот режим. Зошто тогаш не ја почитуваме?, пишува историчарот на уметност.

Особено емотивно на овој протестен марш на Иницијативата „Култура или фискултура?“ беше и обраќањето на искусниот актер и некогашен директор на театарот Ванчо Мељев до Министерката за култура во кое тој, покрај бројните изнесени факти, забележува дека конечно треба да се сфати разликата меѓу институцијата Театар и институцијата Дом на култура. Дека токму обновувањето на зградата на Стариот театар е одлична прилика да бидат одвоени една од друга, за двете да можат да ги обавуваат своите дејности на максимално ниво.

Ајде да ја убедиме јавноста, која со огромно внимание ја следи „драмата“ меѓу Министерството за култура и Струмичкиот театар, дека актерите не бараат од вас ништо за себе, туку за оние за кои постојат, за публиката. Зар не е достатен фактот што не само театрите, туку целата општествена јавност смета дека е направена грешка која може катастрофално да се одрази на севкупното живеење, но која може да се поправи со малку повеќе разбирање? Зошто му велиме „не“ на животот, кога животот ни вреска „да“?, ќе потенцира Мелев.

Инаку, прашани за натамошните чекори ако и во иднина од Министерството за култура останат на својот став дека тоа е „формално - правно готова работа“, од Иницијативата „Култура или фискултура?“ велат дека тие се одлучни и дека нивната битка продолжува.

Нашата битка продолжува. Ние сме многу решителни и одлучни да ја истераме правдата на виделина и да го браниме професионализмот и јавниот интерес до крај. Ќе потенцирам дека започнавме и правна битка и поднесовме претставка до Државната агенција за спречување на корупцијата, а исто така како заинтересирана страна поднесовме и тужба до Судот. Се надеваме дека ќе дојде до брза разрешница затоа што нашата институција е блокирана и нема никакви можности да се одвива било каква културна дејност. Следно би било продолжувањето со протести и барањето повисоки правни инстанци“, ќе рече актерот Ванчо Василев.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG