Достапни линкови

„Допирот“ - македонски концепт за меѓународниот проект НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ


Плакатот за „Допир“ - дел од меѓународниот проект НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ
Плакатот за „Допир“ - дел од меѓународниот проект НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ

Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи-Василева се современите домашни творци учесници во „Допирот“ на кураторката Ана Франговска, дел на меѓународниот проект НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ во кој партнери се Британскиот совет, агенцијата „Лукс“ од Лондон и Националната галерија.

По само неколку дена од завршувањето на изложбата FLUX IDENTITY, на која динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност водеа уметници од Канада и од Македонија ( а патем чиј автор и куратор е Светлана Младенов од новосадски „Визарт“, а кустос-соработник Ана Франговска), од Национална галерија со громогласна најава за нов значаен и ангажиран меѓународен зафат.

Станува збор за интернационалниот проект под наслов „Допирот“, дел од НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ, кој ќе се одвива во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“.

ИДНИ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА, програма за уметнички движечки слики развиена од Британскиот совет и „Лукс“ агенција за уметност со седиште во Лондон, која ги поддржува и промовира практиките на уметнички движечки слики. Секоја од програмите се бави со актуелни прашања, па така во фокусот се темите на националниот идентитет, маргинализацијата, интимата, иднината и архивирањето. НИЕ СМЕ ТУКА, како што велат нејзините творци, обработува погледи за влијанието на овие теми кај младите, но и кај веќе етаблираните современи уметници со седиште во Велика Британија или пошироко во Обединетото Кралство, истражувајќи ги преку биографија, документарци, поезија и фантастика. Куратор на програмите е Тендаи Џон Мутамбу.

Кристина Пулејкова - „ A Calling...“

Во дополна, околу ваквите потраги, ќе биде забележано дека загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за движечки слики е да се придвижи кон првите разговори на тие клучни теми.

И, уште нешто. Во основата на овој проект лежи размената со Велика Британија преку изложби и разни други поврзани настани наменети за пошироката публика.

Инаку, практично проектот започна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска, заедно со останатите куратори Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за своите земји.

Елпида Хаџи Василева - „Silent Pathologia“

Од таму, „Допирот“ е насловен македонскиот концепт на кураторката Ана Франговска и тој се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта. Во него, покрај изборот на дела со движечки слики од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ, вклучени се и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, прифаќање на другиот во општеството, правење убавина од грдото и друго. Станува збор за докажани современи творци како Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи-Василева.

Со овој настан само ја начнуваме темата на овој проблем кој е доста актуелен на светската уметничка сцена, а тоа е екологијата, заштитата на животната средина, меѓутоа и миграциите, политиката, пандемиите, критика на медицинските индустрии, идентитетот и т.н. ... доста актуелни теми со што укажуваме на фактот дека Националната галерија се обидува да третира акутни аспекти од меѓународната визуелна платформа и дека држиме чекор со најновите случувања на светската уметничка мапа, вели кураторката Ана Франговска.

Таа и по информација дека изложбата „Допирот“ ќе се отвори на 15 септември во Мултимедијалниот центар Мала станица, а истата ќе биде придружена со голем број активности кои ќе се одвиваат преку цела година, како: работилници со ученици од средните училишта и со студенти на тема екологија и заштита на животната средина, дебати и панел дискусии во кои ќе бидат вклучени не само претставници на визуелниот свет туку исто така стручњаци од областа на екологијата, здруженија коишто се занимаваат со овие теми , конференции и друго.

Велимир Жерновски - „Behind The Blackness“

А, прва од низата активности кои ќе го промовираат проектот е вебинарот насловен „Екологија на мислата“, кој е најавено да се одржи овој четврток, на 4 март во 18 часот, а на кој ќе земат учество седуммина македонски уметници и теоретичари, автори како Небојша Вилиќ, Ивана Васева, Славица Јанешлиева, групата ОПА, Велимир Жерновски, Кристина Пулејкова и Елпида Хаџи-Василева.

Тие е планирано да говорат за различни еколошки и политички прашања, чиишто процеси се во голема мера под влијание на начинот на кој човекот се однесува, експлоатира и ја уништува природата, брзо менувајќи ги условите за живот: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии... и конечно, како и дали сето тоа се рефлектира или се преточува во визуелниот јазик, како моќна алатка за подигнување на свеста.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG