Достапни линкови

„Современа скулптура“ на ДЛУМ како стремеж за вивнување во висините


Плакатот за изложбата на ДЛУМ
Плакатот за изложбата на ДЛУМ

Дела на 11 македонски уметници се изложени на поставката „Современа скулптура“ што Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја одржува од 25 февруари до 8 март во Уметничкиот центар АРТ ХАБ во Скопје. Годинашен добитник на наградата „Боро Митриќевски“ е скулпторот Слободан Милошески.

Современата македонска скулптура, од самите почетоци на модерниот израз, ги носи сите атрибути на жива, менлива материја, која дава можност за различни „варијации“ во изложбената поставка. Скулптурата ја следиме преку стилската аналогност, разновидните истражувања на уметниците и нивните индивидуални стремежи, но и како медиум за интерпретација и дејствување во различни правци во уметноста. Аналогноста на изразот во контекст на различни ликовни правци нуди разновидност како во техниката, така и во материјалот. Динамиката на размислување прикажува различни приоди на модулации при чинот на создавање - вајање. Интензитетот на постоењето, на скулпторот му ја открил вистинитоста на формата, а формата е менлива до хегемонија на постмодерната. Од пластичност до фрагменти, визуелни сензации на различни медиуми, скулптурите доведуваат до поместување на уметничките дисциплини, а материјалот го одредува обликот.

Ова, меѓу другото, во својот текст за актуелната изложба „Современа скулптура“ ќе го забележи нејзиниот годинашен селектор и историчар на уметност Благој Варошанец. Тој и со појаснување дека ова е една од традиционалните поставки на Друштвото на ликовните уметници на Македонија која еволуирала од онаа која своевремено, на почетокот од 1980 години, била насловена „Ситна пластика“.

Во однос на постојната понуда тој истакнува дека на оваа изложба „доминира фигуративната скулптура и геометриската апстракција“.

„Структуралните моменти, пак, прават јасни разлики кај оние скулптури со вајарска природа и оптичка чувствителност кај некои од скулптурите кои припаѓаат на некој простор кој продолжува во некој друг. Тие го ослободуваат вајарството од претставувањето и го утврдуваат како слободна форма. Доминираат творби од метал, дрво, бронза, пластика, но и објекти кои се доближуваат до цртеж, инсталација“, забележува Варошанец.

А, на оваа изложба што ќе се одвива во периодот од 25 февруари до 8 март, во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ во Градскиот трговски центар во Скопје, поставени се дела на 11 македонски творци, уметници како Александар Јанев, Ана Димчевска Семенпеева, Ангел Димовски Чауш, Ива Станковска, Љупчо Бојаров, Маја Танева, Марина Цветановска Мартиновска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески и Златко Бојковски.

А, кога сме веќе кај нив да кажеме и тоа дека на изложбата се доделува една парична награда од семејството на нашиот истакнат скулптор Боро Митриќевски која што го носи неговото име. Годинава добитник на оваа значајна наградата е скулпторот Слободан Милошески за делото со наслов „Воздигување“.

Наградената скулптура „Воздигнување“ на Слободан Милошески

Тој, откако ќе забележи дека е исклучително голема чест и задоволство добивањето на наградата „Боро Митриќески“ за современа скулптура, најнапред со благодарност за ДЛУМ,семејството на големиот уметник и на кураторот Благој Варошанец. Потем и со појаснување дека секоја награда за уметникот не е само голема чест, туку и голема одговорност.

Ние уметниците од наградите секогаш сме поттикнати да работиме повеќе, да истражуваме повеќе на полето на уметноста и нејзе секогаш да и го даваме своето најдобро. Тоа во случајот за мене е мојата скулптура и експериментите што ги правам на тоа поле, вели Милошески.

Во однос на награденото дело тој истакнува дека скулптурата „Воздигнување“ всушност е инспирирана од актуелната ситуација, од она што сите не тишти – пандемијата.

Во ова време-невреме како единки ние сме потиснати, или во некаква изолација. Оваа скулптура едноставно произлезе од еден човечки нагон или човечка желба за слобода на сопствениот дух. Од таму, ако ја погледнеме скулптурата ќе забележиме дека според нејзината форма, таа е едноставно еден стремеж за вивнување во висините, односно за ослободување на сопствена аура, ќе рече скулпторот Слободан Милошески

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG