Достапни линкови

Митко Гогов: Нема да се откажам од мисијата зошто мислам на депонии, а не на култура во моментов


Митко Гогов, писател, преведувач, уредник и активист

Стотина автори, меѓу кои Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, Виолета Танчева Златева, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски... се застапени во зборникот поезија „Отковидување“ што го објави „Контекст – Струмица“ заедно со „Scuola di poesia“, а чиј уредник е писателот Митко Гогов.

Митко Гогов е човек со многу енергии. Немирник по убедување тој одамна се справил со оградите и меѓите најпрво во себе и потем во околината што го опкружува. Во општеството кое како по некое правило овде на ова парче земја генерира фрустрации. Сепак, и во едни такви услови тој пишува поезија и проза, ги поместува визуелните граници во разбирањето на нештата, преведува, ѕида нормални творечки мостови за комуникација со светот, патува и ја шири секаде каде што за момент ќе здивне идејата за нашата посебност и културен идентитет... И најмногу од се, со сета верба во убавото и умното, храбро и стоички до последниот атом се бори да надвладее чистотата на духот.

Ете тој и таков Митко Гогов, по две години од неговата последна творечка објава „Скриено писмо“, еве го како уредник на осмата електронска стихозбирка „Отковидување“ што некаде на почетокот од актуелната 2021 година ја објави Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, заедно со групата „Scuola di poesia – делегација Македонија“. Предговорите се дело на Александра Јуруковска и Ацо Гогов.

Гогов од каде потребата за „Отковидување“ и што во суштина претставува таа во екот на светската пандемија и засилените мерки за заштита и превенција од вирусот Ковид-19?

Важно е уште на почетокот на разговорот да нагласиме дека ова е осмиот зборник кој го сработивме со Школата за поезија и Здружението „Контекст“, а како и претходните зборници, така и за овој најважна беше потребата да се најде тематски оформен канал преку кој ќе ги филтрираме емоциите и поетиката која се наметна со актуелната ситуација со ковид пандемијата. Претходните изданија се социјално ангажирани и тематски фокусирани, споделувавме стихови за заштитата на планетата земја, за климатските промени, за проблемот со семејното насилство и трговијата со луѓе, за поплавите кои се случија пред неколку години и тн., но за оваа обемна колекција имавме и подолг временски период да твориме – се` уште сме во здравствен грч, за општествениот да не навлегуваме уште на почетокот.

Колку „Отковидување“ е некаков одговор на сето она што ни се случуваше и дали стиховите забележани во стихозбирката можат да се исправат како брана пред напливот на грижи од непознатото. Да иницираат надеж во времево на криза, на светска пандемија која сигурно нема скоро да заврши?

Зависи од тоа што сакаме да прочитаме од оваа селекција, станува збор за исклучително дело во ке може да се патува низ различните психофизички состојби на човекот, доколку читателот има потреба од пронаоѓање во стравот, несигурноста, безизлезноста, речиси сите познати мотиви кои на духот му создаваат нелагодно чувство, ќе пронајде поезија која говори за тоа, но секако, фактот дека во овој зборник има и` автори кои беа своевидни поетски архитекти на надежта, на доловувањето и споделувањето на простори кои нудат светлина и преку нивниот зборобит создадоа литературни светови во кои ни ги открија нивните медитативни острови на спокој.

Во стихозбирката се застапени 100-на автори чии творби се поделени во неколку циклуси. Како беше направен изборот? Која е пораката што ја потпишува приредувачот?

Пораката е универзална, не за прв пат се соочуваме со глобален страв, оваа пандемија не е прва која ја зафаќа планетата Земја, но дали за прв пат ќе бидеме доблесни како најразвиени хомо сапиенси досега да бидеме доследни на нашата примарна мисија – да бидеме луѓе. Свесни сме дека не можеме да говореме за високо ниво на човечност кога со децении слушаме за сиромаштија, војни, граѓанско незадоволство, природна катаклизма, манипулација во сите можни сфери на уредување... Од тука, изборот беше лесно да се направи ако се следеше формата, гласот, емоцијата, времето на создавање, пораката која секој автор ја пренесува и над се` - потребата од поетска синергија, како ултмативно прибежиште на сите оние кои решиле да не живеат сами туку да бидат дел од градењето на една колективна рефлексија на она со што поетите како активни граѓани придонесуваат во општото секојдневие.

Очекувате ли дека ваквото согледување на нештата од поинаков агол и натаму да биде доминантно во поезијата, во книжевноста, во културата воопшто? Сепак, творците ја имаат таа моќ со многу поголема чувствителност да го набљудуваат светот околу себе и да ги бележат емоциите.

Никако, не секој може да биде ангажиран автор и да чувствува одговорност да биде гласноговорник за сите актуелни случувања во сите области. Замислете, обичниот граѓанин (а секој автор е тоа) секој ден е преокупиран со непотребни информации и кога би чувствувал некоја особена одговорност да изрази мислење по сите проблематични прашања кои ги носи денот, тој би се изгубил во какофонијата на собството, а сведоци сме дека интелектуалниот глас се` помалку е слушнат, а луѓето се преокупирани со хедлајнери. Ете како ги поддржувам оние автори кои и во ова време-невреме уште наоѓаат сила и инсирација да запловат во нивното лично, креативно, индивидуално, ослободено од сегашноста авторско перо. Не гледам потреба во тоа сите автори да чувствуваат општествена одговорност, длабоко во мене уште спие еден „спанко“ на шумска полјана.

Конечно, „Отковидување“ е збогатена со илустрации на познати светски уметници и галерија на уникатни дизајни на Елена Банчотовска. Колку ваквото допирање на уметностите кое изгледа полека станува насушна потреба оди во зголемување на интензитетот на пораката?

Секогаш за делата на Контекст – Струмица, вклучително и тие од „100 Илјади поети за промена“ и овие електронски изданија на Школата за поезија било важно да се има визуелна целина, а не можеме да го игнорираме фактот дека како што поетите пишуваа, така и голем број визуелни уметници, илустратори, графичари, ликовни уметници, фотографи, создаваа дела под влијание на корона состојбата. Да, и во ова издание имаме одлична селекција од светски уметници кои креирале „ковид дела“, но за прв пат застапивме посебна каталог-галерија, во која ја претставивме Елена Банчотовска, графичка дизајнерка и ликовна уметница која со нејзините уметнички решенија долги години е поддржувач на нашите иницијативи.

Наспроти Митко Гогов уредникот, каде е во приказната Митко Гогов авторот? Ако не се лажам, последната ваша објава беше „Скриено писмо“ која се појави како издание на Антолог. Започнавте ли со испишување на новата книга? Каква книга изискува времево во кое само живуркаме? Ја продолжувате ли сопствената мисија за нормална творечка комуникација со светот?

Така е: што е авторот без сопствените читатели? Од „Скриено писмо“ поминаа две години. Во моментот како многумина во државата со нетрпение ги очекувам резултатите од конкурсот на Министерството за култура за одобрени проекти за 2021 година, а конкурирав со дело кое повторно ги проширува моите интервенции во книжевниот, визуелниот и концептуалниот пристап на уметноста воопшто. Книгите лесно се пишуваат, секој може да напише нешто, одредени судбини раѓаат тешки книги и таквите приказни тешко се испишуваат, во таа насока морам да нагласам дека сум против лажни награди, лажно промовирање на литературата, деградирање на естетските вредности и непотребно и преамбициозно толкување на сопственото присуство во такви дегенеративни избори. Да покажеме со сопствените дела дека сме подобри, целината од Митко Гогов, со сите „додавки“ и маки ете како нема да се откаже од своите цели. Но за да не глумам политичар, секако, јас, Митко Гогов нема да се откажам од својата мисија. Зошто мислам на депонии, а не на култура во моментов.

Како припадник на културната сцена во земјава, посебно на југо-истокот на Македонија, како ги толкувате последниве настани во вашата родна Струмица? Наместо менаџер од културата Министерството за култура за прв човек на Центарот за култура „Антон Панов“ постави „фискултурец“. До кога културата кај нас ќе биде биде заробеник на политиката?

Труло е ова општество, не е ова прв пат, на моменти малку надеж, како што спомнав погоре, за веднаш потоа да те фрлат уште подлабоко во амбисот. Оваа држава тешко дека некогаш повторно ќе раѓа среќа, радост и желба за (културен) прогрес. Очигледно дека сме лулка на хипокризија, предатори и плитки, прости партиски потрчковци... Ако една држава се гради, развива и цени по културните дејности и заштитата на кул. наследство, ние уште долго ќе бидеме на дното. Од една страна говориме за кул. стратегии и кул. политики, а од друга слушаме бесмислени одлуки. Не е дека овој е фискултурец, другиот пекар или месар или имал тетоважи или не, постојано нагласувам за не адекватноста на кадрите, така и во овој случај. Никој не сака фризер наместо доктор на хемотерапија, не? Катастрофа, не само Струмица, државата е константен заложник на политички обиди и ветувања од избори до избори, уште долго ќе се мачиме без суштински реформи во јавните институции од културата, а ваквите избори само уште толку го бетонираат мракот. Културата треба да се врати на оние кои ја познаваат, сакаат да ја развиваат и на оние кои имаат капацитети да препознаат што е тоа со кое може да се промовираме и да биде наш културолошки идентитет... Но, ова искрено, станува премногу мудрување. Да го оставиме за следна прилика! 😊

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG