Достапни линкови

„Фросина“ и „Мирно лето“ во европската “Сезона на филмски класици“


Сцена од правата македонска филмска комедија „Мирно лето“ на Димитрие Османли

Новите дигитално реставрирани копии на македонските играни филмови „Фросина“ во режија на Војислав Нановиќ и „Мирно лето“ на Димитрие Османли, ќе бидат прикажани во рамките на втората „Сезона на филмски класици“ зад која со својот авторитет како организатор стои Европската асоцијација на кинотеки.

Реставрираните македонски играни филмови „Фросина“ во режија на Војислав Нановиќ од 1952 и „Мирно лето“ на Димитрие Османли снимен девет години подоцна се делата со кои Кинотека ќе земе учество во втората сезона на проектот „Сезона на филмски класици“ зад кој со својот авторитет стои Европската асоцијација на кинотеки. Дигиталните копии на овие два бисера од домашната кинематографија ќе бидат за прв пат прикажани во јуни годинава, со што ќе биде заокружен проектот .

Истовремено, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-ите години „современици“ на дејствието на филмот, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на делото кое се смета за прва македонска комедија.

Проектот „Сезона на филмски класици“ се одржува втора година по ред, а во него учествуваат филмски институции од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија и се разбира Скопје. Предвидено е помеѓу декември 2020 и јуни 2021, секоја од овие институции избраните филмови да ги презентира пред публика:„он-лајн“ или со проекција во живо, а во придружба на посебно компонирана музика или музичка изведба во живо, с разбира доколку станува збор за нем филм, или пак – надополнети со изложба, дискусија или предавање и така со ред. Конечно еден од условите е сите овие филмски архиви и кинотеки да учествуваат во проектот со свои дигитално или аналогно реставрирани филмски класици.

Целта на оваа иницијатива, координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки / Association des Cinematheques Europeennes) и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува „филмска класика“, велат потписниците на проектот. Тие и со дополна дека сите проекции во рамките на „Сезоната на класици“ се бесплатни.

Инаку, првата проекција во рамки на проектот се одржа во декември минатата 2020 година, кога Југословенската кинотека од Белград на својот „јутјуб“ канал го прикажа немиот филм „Грешница без грев“ од 1930 година чиј режисер е Коста Новаковиќ, а втората проекција е планирано да се одржи овој петок, на 5 февруари кога Филмотеката на Валенсија (Filmoteca Valenciana-Institut Valencià de Cultura) „онлајн“ и со музичка поддршка во живо ќе го прикаже немиот филм „Санз и тајните на неговата уметност“ од Максимилијано Тоус и Франциско Санз снимен во далечната 1918 година.

Станува збор за еден вид мешавина на документарен филм и фикција – и ја прикажува уметноста на Франциско Санз Балдови (1872-1939), наречен „Пако Санз“ или „вентрилоквистoт Санз“, кој бил многу популарен куклар во Валенсија. Негова цел била да создаде совршен автомат, робот, кој мошне верно ќе ги прикаже човечките движења. Се прославил со неговата извонредна колекција на автомати, при што сите вести во тоа време тврделе дека тој го поседува најдобриот робот на светот. Во 1918 година, Франциско Санз соработувалсо режисерот Максимилијано Тоус со цел изложување и претставување на неговата техника пред кино-публиката како надополнување на неговите театарски претстави.

Од таму филмот „Санз и тајните на неговата уметност“всушност ја прикажува уметноста на автоматот, обединувајќи ги фантастичните и документарните елементи. Кон ова само уште и информацијата дека во филмот се претставени смешните авантури на куклите на Санз: Дон Либорио, Панчито, Хуанито и Лусинда. По секој чин, Санз покажува како сите тие оживуваат со помош на сложени механизми, а меѓу нив, неговиот најпознат автомат, Дон Либорио, ќе избега во градот и ќе се замеша со вистинските луѓе...

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG