Достапни линкови

Филхармонија со емотивно обраќање за маестро Саша Николовски Ѓумар


Плакатот за концертот „Фанфари за еден пријател“ на Филхармонија
Плакатот за концертот „Фанфари за еден пријател“ на Филхармонија

„Фанфари за еден пријател“ е насловен концертот кој Филхармонија, овој четврток, на 4 февруари во 20 часот, симболично му го посветува на маестро Саша Николовски-Ѓумар, еден од најзначајните македонски диригенти. Со оркестарот ќе раководи Габриел Бебешелеа од Романија.

По одличното минатонеделно отворање на портите за влез во 2021 година со концертот „Аконкагва“ и изведбите на дела на Пјацола, нашиот Манчев и полскиот композитор Килар, при што солистка беше Анна Коловска од Русија а диригент Борјан Цанев, Филхармонија со нов зафат што треба да биде мамка за сите сладокусци.

Со „Фанфари за еден пријател“,концертот што е замислен како „емотивно музичко обраќање на Филхармонија воден од маестро Габриел Бебешелеа“ до харизматичниот Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните диригенти на нашата музичка сцена со кого оркестарот во годините наназад реализираше низа незаборавни настапи. Со човекот кој со својата пројава и мајсторство, креативност и музикалност, поодамна се издигна над обичноста на локалното културно милје и беше легенда уште пред физички да си замине од овој свет.

Маестро Саша Николовски Ѓумар

И, по ова претресувањето на програмската понуда го вели следното.

„Фанфари за обичниот човек“ е една од најзначајните концертни „увертири“ на американскиот композитор Арон Копланд (1900 – 1990). Делото го напишал по завршетокот на Втората светска војна, а се водел од идејата да создаде композиција во која фанфарите ќе имаат традиционален и моќен звук, а во исто време и современ музички контекст. Композицијата „Фанфари за Ла Пери“, пак, на францускиот композитор Пол Дика (1865 – 1935) ја следи мистериозна генеза – како што напишал Пјер Лало, може да биде музика за пантомима, за балет... сепак Дика примарно ја напишал за руската танчарка Наташа Труханова, „архангелот“ како што ја нарекувал.

„Мала симфонија“ на неговиот сонародник Шарл Гуно (1818 –1893) е напишана за девет дувачки инструменти и таа струкутрно ја следи класичната четириставна матрица, а „Кампот на Помпеја“ на уште еден Французин Флорент Шмит (1870 – 1958) е составен дел од музиката за балетот „Антониј и Клеопатра“ според истиомената драма на Вилијам Шекспир. Од друга страна „Свечена поворка“ е едно од „најтоналните“ дела на германскиот композитор Рихард Штраус (1864 – 1949) создадено за прогласувањето витези од редот на Св. Џон, а тој во 1924 година го напишал и „Фанфари за Виенската филхармонија“ за хуманитарниот бал со кој требало да се соберат пари за пензискиот фонд на оркестарот.

Композиторот Ангел Спироски

Конечно, а не помалку битно, „Фанфари за измачените“ од младиот македонски композитор Ангел Спироски претставува траорен повик за спротивставување на нелогичностите. Тоа се фанфари базирани на една македонска народна песна чија содржина, земајќи ја предвид повторливоста на настаните поврзани со македонскиот народ, се чини секогаш и одново се актуализира.

„Композицијата „Фанфари за измачените“ е нарачка на маестро Бебешелеа, за која нашиот шеф диригент ми пристапи со едно многу едноставно, а во суштина комплексно барање кое гласеше: креирај музика која го отлискува македонскиот народ. Токму во тој момент, во глава веќе ми беше заглавила една македонска народна песна, а по некоја случајност, откако му спомнав на Габриел за која песна се работи, ми кажа дека тоа е песната која постојано ја слушал при неговото последно доаѓање во Македонија, додека патувал за Крушево.

Дополнително инспириран од овој синхронизитет, веднаш се втурнав во пронаоѓање израз кој е доволно модерен, а сепак автентичен. Се обидов маката, или подобро речено- репетитивноста на измачувањата на македонскиот народ да ги обликувам во звучен комплекс кој е домашен, а универзален“, вели композиторот Ангел Спироски.

Инаку, Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Филхармонија на РС Македонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними албум на кој е забележана сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на првата награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг симфонискиот оркестар (2016).

Маестро Габриел Бебешелеа

Во 2011 година му била доделена стипендија за да стажира со престижниот Концертгебау оркестар во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман... Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

И, по сето ова, а како значајна новина, треба да биде бележана промоцијата на серијата „Пред концертни разговори“ за која во Филхармонија се надеваат дека ќе стане практика во нивното работење. Идејата потекнува од новиот шеф -диригент, маестро Габриел Бебешелеа чија цел е преку овие разговори пред почетокот на концертите да ја запознае публиката со делата кои ќе одат на програмата, како и со естетскиот и филозофскиот контекст на самите композиции.

„На почеток на концертот, свое обраќање ќе има шеф диригентот Габриел Бебешелеа, подетално објаснувајќи го концептот позади овој концерт. Покрај ова, маестро Бебешелеа ќе зборува за програмската стратегија на средно и макро ниво која Филхармонијата ќе ја реализира со помош на неговото уметничко раководство.

Се надеваме дека со овие обраќања кон публиката, кои би требало да станат пракса при доаѓањата на шеф диригентот, невидливата бариера помеѓу сцената и аудиториумот ќе почне да се пробива, а целокупниот впечаток на слушателот ќе добие и една интерактивна димензија“, појаснува композиторот и наедно продуцент во Филхармонија – Спироски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG