Достапни линкови

Уметнички поход на Колектив Зеро на Софија


Колектив Зеро

„Од 0 до ∞“ е насловена изложбата на македонскиот Колектив Зеро што од 9 декември годинава се одржува во One Gallery во Софија, соседна Бугарија. Поставката е обид „со јазикот на уметноста и естетиката да се проговори за рушење на сите бариери“.

Уметноста што обединети како Колектив Зеро денес ја креираат македонските творци Миодраг Десовски, Перица Георгиев, Зоран Јаневски, Александар Станкоски, Беди Ибрахим, Златко Трајковски (1960-2017), Стеван Шашков, Синиша Цветковски, Сашо Јовчевски и Горанчо Ѓорѓиевски, од 9 декември е изложена во One Gallery во Софија, соседна Бугарија.

Поставката е во организација на Центарот за креативни индустрии - НЕБО од с. Суводол, Демир Хисар и од тамошната главноградска галерија, а подржана е од нашето Министерство за култура.

Како се случи изложбата на ЗЕРО во Софија? Кој беше иницијаторот и може ли да се смета сегашниот за погоден моментум за нејзиното обистинување со оглед на односите меѓу двете земји и македонските аспирации за влез во ЕУ?

Горанчо Ѓорѓиевски: Минатата 2019 година, на иницијатива и во организација на нашиот Културно информативен центар во Софија, за изложбата со наслов „Интегарција на идентитети“, во случајот со проширен концепт а претходно именувана „Конекции“, во која базично учествуваа седум уметници родени во Македонија кои живеат и работат во Бугарија -Маријана Иванова, Марјан Ѕин, Зоран Мише, Перица Георгиев – Пепси, Иво Пецов, Павел Целкоски и Горан Тричковски, добив покана да бидам куратор и селектор на истата изложба на која ќе бидат претставени и седум македонски уметници - Ацо Станкоски, Атанас Ботев, Беди Ибрахим, Исмет Рамиќевиќ, Роберт Јанкулоски, Шќипе Мехмети и Колектив Зеро, а од бугарска страна беше поканет професорот, теоретичар на уметноста, кустос и уметник Свилен Стефанов да го курира и селектира учеството на бугарските уметници - Десислава Христова, Иван Ќуранов, Лилјана Караџова, Генади Гатев, Росен Тошев, Свилен Стефанов и уметничкото дуо Nina/Vale. Изложбите се реализираа во Пловдив и Софија во месец мај и во Скопје во јули 2019 година.

Ова беше благородна иницијатива за запознавање и идна соработка на уметниците од овие две соседни земји.

Токму во Софија по отворањето на изложбата се случи и договорот за изложбата на Колектив Зеро во реномираната One Gallery, што и всушност беше идејата на самата изложба „Интегарција на идентитети“ да се воспостави културно-уметнички мост помеѓу нашите уметници и земји, а актуелните глобални случувања се надевам барем накратко го одложија гостувањето на култната бугарска уметничка група XXL и наскоро ќе биде претставено нивното творештво во Македонија.

Накратко ова е патот како се случи поканата и реализацијата на изложбата, а дали сегашниот моментум е погоден за ова со оглед на затегнатите односи меѓу двете земји, би сакале да се дистанцираме од политиката и да говориме со јазикот на уметноста и естетиката за кои веруваме дека се можен флуид за рушење на сите бариери.

Колку овој културен настан сега преминува во одреден вид провокација за тамошната културна јавност да ја види изложбата на ЗЕРО и да ги толкува пораките во неа?

Ацо Станкоски: Верувам дека ќе се сложиме дека доколку уметноста не поттикне одредена провокација не ја исполнила својата цел.? Сепак овде не станува збор за политичка провокација туку за естетска, а тоа е голема разлика.

Уметникот е последната категорија на личности кои можат слободно да говорат за метафизичкото а да не бидат исмеани. Свештениците, пророците, светителите сите се исмеани од современата култура, но уметникот не може да биде исмеан дури и да биде и порадикален и поконзервативен во својот дискурс па и од најголемиот светител или фанатик или муџахедин или магнат, како сакате... Уметноста е збир на убавини, не една убавина... Те така немоштите политичари, имитирајќи ги уметниците сакајќи да продуцираат убавина (за што не се способни), се фатија да ја умножуваат политиката па да ја нарекуваат политики, како што естетиките или стиловите се во множина. Меѓутоа кај нив нема политики, кај нив има само една политика, а тоа е политиката на егоизмот... а уметноста раздава...

Да се замислиме од каде потекнуваме, кои сме, што е се ова околу нас, така ќе дојдеме до метафизичките идеи. Кога ќе дојдеме до метафизичките идеи, значи до Севишниот или Космичкиот Ум, ќе дојдеме до љубовта. Кога ќе дојдеме до љубовта ќе дојдеме до радоста. Кога ќе дојдеме до радоста ќе дојдеме до креацијата. Кога ќе почнеме да креираме ќе ја допреме вечноста. И повеќе нема да се плашиме. А целата приказна на овој живот е повеќе да не се плашиме, туку да ја прегрнеме вечноста... Сите овие вредности говорат за убавината, која е и пораката што ја праќаме на тамошната културна и општествена јавност.

Заклучно, да оставиме политичарите да си ја вршат својата работа и на своите граѓани да им обезбедат пристојни услови за живот, а уметноста со креирањето на возвишеното...

Од друга страна, може ли да се рече дека поставката е пред се обид за нормална комуникација растеретена од политиканство и ѕидање на мостовите меѓу двете култури и двата народа на Балканот?

Станкоски: Секако, Зеро и Колектив Зеро за цело време на своето уметничко делување, тогаш и сега, ги актуелизира како локалните, така и глобалните настани, што значи материјализирање на времето низ призмата на уметничкото дело.

Во децениите наназад информациите за културните и уметничките случувања меѓу нашите земји ги немавме, беа оскудни или сведени на индивидуални интереси и комунакации.

Денешнината отвора можност за ѕидање патишта и мостови за културна и уметничка соработка и додека се држиме до уметноста ќе бидеме успешни во тоа, од друга страна доколку се вмешаат политиката и политиканството од оние што истите ги водат само можат изграденото да го срушат.

Кој е следниот исчекор на ЗЕРО? Нови самостојни поставки на членовите или ...

Ѓорѓиевски: Извесно време размислуваме за издавање на монографско издание за творештвото на Зеро.

Доколку се земе 1985 година (не земајќи го во предвид првото делување со акцијата во Штип во 1984 година како Прото Зеро, тогаш неименувани) за почеток на активностите на Зеро, славиме некој јубилеј 35 години (или 35+1) делување на уметничката сцена. За жал македонската јавност од тривијални причини беше оневоможена од можноста да види оваа година продукт на Колектив Зеро во Скопје кој го именувавме Nomen est Omen во исто време како и софиската која ја насловивме 0-ꝏ. Тоа е проект, своевидно заокружување на предходните проекти работени во изминативе десетина години – „Досие шлепер“ и „Зеро Рендум“ дополнети со нови дела (дел од нив се изложени на изложбата во One Gallery во Софија). Ова се надевам дека би било следно од Зеро во блиска иднина по нормализирање на ситуацијата со пандемијата.

Актуелната ситуација од здравствено безбедносни причини е пречка за нормално функционирање, така што и со изложбата во Софија имавме мноштво од искушенија од технички аспект, претходно изработена 3D шема на поставка во простор, праќање на делата, нивно поставување во галерискиот простор преку video calls, бидејќи сме физички спречени да бидеме присутни in situ, но денешната технологија ни овозможи сето тоа успешно да го пребродиме и изложбата да биде поставена во реален простор.

Ова искуство ни отвори можности за нови реализации како тука, така и секаде по светот. Во моментот разговараме за неколку можни претставувања, првенствено за вон границите, но сето тоа е во разговори и преговори за кога ќе се нормализираат условите за подобра комуникација и физичка реализација.

Што се однесува до индивидуалното дејствување на членовите сите сме во постојан континуитет на работа. Минатиот месец Беди Ибрахим имаше самостојна изложба во Прилеп, Горанчо Ѓорѓиевски учествуваше на online и mail art изложби во Романија, Грција и Хрватска, на Ацо Станкоски му излезе од печат стрипот „Неидентификувано“, а од 11 декември Стефан Шашков отвори изложба во Кинотека на Македонија.

Што друго останува сега, да се грижиме за себе, нашите ближни и општеството за да можеме наскоро да ги пренесеме нашите креации.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG