Достапни линкови

Јанкулоски, Комненовиќ и Попоска со изложби во Мала станица


Дело од победничкиот проект за зрели уметници „ Нови пејсажи - архив на реалноста“ на Роберт Јанкулоски
Дело од победничкиот проект за зрели уметници „ Нови пејсажи - архив на реалноста“ на Роберт Јанкулоски

Во Национална галерија, објект Мала станица, од 10 декември до 10 јануари 2021 година, изложени се „Нови пејзажи - архив на реалноста“ на Роберт Јанкулоски како победник на Конкурсот за зрел уметник и „Капсид i²0 “ на Дарко Комненовиќ и „Сеништа“ на Викторија Попоска како најдобри од млади творци.

Национална галерија, подржана од Министерство за култура, некаде на крајот на јуни ова лето го промовира Конкурсот за зрел и млад уметник, како комплетно нова содржина во Програмата. За победниците, како што беше објавено, беа обезбедени средства за хонорар, за реализација и продукција на делата, пракса која одамна не се применува на македонската ликовна сцена, а е потврда на професионалност и респект кон влогот и трудот на ликовниот уметник.

Следователно, до крајниот зададен рок, 20 јули, на отворениот Конкурс аплицираа 10 уметници за зрел уметник и 23 млади автори за млад уметник. Нивните проекти ги оценуваше меѓународна комисијата во која беа Мишко Шуваковиќ – декан и професор на докторски студии по трансдисциплинарна и трансмедијална уметност при Факултетот за медија и комуникации при Универзитетот „Сингидунум“ од Белград, Роман Урањек, уметник и член на групата IRWIN и Арта Агани Буњаку, ликовен уметник, дизајнер и директор на Уметниката галерија на Косово. Тие одлучија Роберт Јанкулоски да биде победник на Конкурсот за зрел уметник, а Дарко Комненовиќ и Викторија Попоска најдобри во делот за млади творци. По одлуката што Националната галерија ја обнароди на крајот на август, беше лиферувана и најавата дека презентациите, изложбите на уметниците победници на Конкурсот ќе се одржат на прекршувањето на пандемиската 2020 со наредната 2021, односно од 10 декември до 10 јануари, во Мала станица. И, еве не тука.

За „Нови пејзажи - архив на реалноста“ на Роберт Јанкулоски, победникот за зрели уметници на Конкурсот, Ана Франговска - кураторка на проектот и виш кустос, забележува дека „се однесува на соочување со моментот на свесност, живеење во историско време, време означено од Ковид“. Секој уметник во исто време е хроничар на времето во кое живее и многу пати е можно да се реконструира историско време преку уметнички дела. Неговото истражување за Србија, Грција и Македонија преку природата е поврзано со традицијата на теми од пејзажот и во исто време со традицијата на грдото и автентичното во современата уметност, вели Франговска.

За авторот ќе биде бележано и следново. Роден 1969 година во Прилеп, Роберт Јанкулоски зад себе има импресивна уметничка кариера. Велиме уметничка, а не фотографска, затоа што неговите дела одговараат на начинот на гледање, што, заедно со фотографијата, е исто така дел од современата уметност. Тука говориме за амбиентални решенија, достигнувајќи во јавен простор, фотографски акции и последно, но не и најмалку важно, поставување на изложбата како комплетно искуство, а не како серија на една фотографија по друга, што се случува многупати во презентацијата на изложбата.

Сите негови фотографии се директен израз на личното искуство, а со тоа и документ за време и простор. Делата се аналитичко толкување на работите што се случуваат околу него. Фотографиите на кои сме сведоци не ги следат научените училишни правила, што е добар состав, како да се обликуваат ... многу пати го негираат стекнатото знаење ... тие се квалитетни и сугестивни, но специфични, секоја има свој личен идентитет. Неговите дела се физичка, опиплива визуелна врска со одреден момент во историјата, а исто така е и фотографско место за откривање на реалното. Тој е целосно свесен за симултаните настани во околината и со своето размислување е во состојба да го пренесе тоа во клучен момент во видливиот израз на медиумите што ги смета за неопходни, односно фотографиите или амбиентот или интервенциите на јавниот простор ...

Од друга страна, Дарко Комненовиќ е визуелен уметник кој работи во контекст на пост-скулпторско дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани односи на просторот, перцепција, комуникација и когнитивно мапирање на визуелните ефекти. Неговиот проект „ Капсид i²0 “, како што наведува кураторот Горанчо Ѓорѓиевски, е „одличен пример за тековниот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната пандемија на Ковид 19“.

- Уметникот луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединци и односи меѓу поединци и колективи, поединци и институции и институции и институции. Комненовиќ предложил сложени човечки, политички, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации кои се испровоцирани човечката состојба во кризни пандемски моменти. Авторот ги посочува односите меѓу два важни модалитети на ова дело: ликот на склопување на традиционални и модерни материјали / медиуми и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталниот и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за тестирање на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност. Проектот го заслужи вниманието со својата актуелност, хибриден материјал, медиумска сложеност и суштински егзистенцијален ангажман, пишува кураторот Ѓорѓиевски.

„Сеништа“, пак, е насловена изложбата на Викторија Попоска, како еден од двајцата победници на Конкурсот за млад уметник .

Родена 1992 година во Струга, Попоска дипломирала на отсекот за применето сликарство со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности. Во 2015 ја добила наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар, по што во Музеј на град Скопје следната година ја реализирала својата прва самостојна изложба под наслов „Запознавање“. Не многу потоа на манифестацијата „Paratissima“ ја добива специјалната награда “Ponte di pietra“ по што следи нејзино учество на “Paratissima-to the stars“ во Торино, Италија. Прв пат самостојно во родната Струга се претстави во 2017 година во галеријата „Коџоман“, за да потем им се посвети на учествата на повеќе групни изложби, перформанси и колонии.

Кураторката на проектот Александра Зиновски Вилиќ за „Сеништа“ вели дека претставува дел од еден цел проект кој се однесува на сé поактуелната светска стратегија за зачувувањето на планетата Земја. Таа појаснува дека како уметница, а воедно и активистка, Попоска своето живеење го насочува сé повеќе кон наједноставниот начин, со враќање кон природата, отфрлувајќи ги актуелните, современи, „trendy“ производи после чија употреба останува огромно количество на неразградлива амбалажа. Согласно нејзината животна филозофија, таа и своето творештво го насочува кон подигнување на свеста, користејќи го отпадот. - Создавањето на делата на Попоска претставува своевиден процес со свој почеток и крај. Градењето на скулптурите, објектите за неа претставува вистински ритуал, започнувајќи со собирање, селектирање, миење на отпадот, потоа негово вообличување во дело и на крајот (по завршувањето на изложбата) дислоцирање во депонија, истакнува Зиновски Вилиќ .

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG