Достапни линкови

Кинотека со тродневна ревија на филмови од Митко Панов


Режисерот Митко Панов при снимањето на еден од своите филмови
Режисерот Митко Панов при снимањето на еден од своите филмови

Со прикажувањето на креативниот документарец и неговиот студентски филм „Со кренати раце“ од 1985 година, вечерва во Кинотека започна тродневната ревија на филмови на Митко Панов, македонскиот режисер, сценарист и продуцент кој живее и твори во Европа и во САД.

Кинотека, од 9 до 11 декември, со уште еден потег што завредува внимание и особена почит на филмофилите. Тродневна ревија на дела на Митко Панов, македонскиот режисер, сценарист и продуцент кој подолго време живее и работи во европските земји и во САД.

Ревијата разбирливо беше отворена со неговиот студентски филм „Со кренати раце“ снимен во полска продукција во 1985 година и остварување кое освои повеќе меѓународни награди вклучувајки ја и „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм во Кан 1991, како и високи признанија на фестивалите во Минхен, Краков, Тел Авив, Римини и во Монте Касино.

Во својот креативен документарен првенец Панов донесува вистинита приказна за холокаусот, фиктивна ре-креација на еден настан: депортацијата на Евреите од Варшавското гето во април 1943 година. Филмот ги замислува моментите пред и по снимањето на познатата фотографија од Втората светска војна, на која се жена и дете со кренати раце, дел од бројните жртви Евреи во Полска за време на Втората светска војна…

Актерот Мето Јовановски во сцена од филмот „Ливада“ на Митко Панов

По него следуваше 20-минутниот „Ливада“ од 1998 година, игран филм работен според расказот „Порта на одморот“ од Русомир Богдановски, во кој, пак, улогите ги толкуваат Јосиф Јосифовски и Мето Јовановски. Приказната говори за пријателството помеѓу еден селанец муслиман и доктор христијанин на кои работата им е се во животот, а „Ливада“ ја доби специјалната награда од жирито на Меѓународниот фестивал на краткометражен филм во Клермон-Феран, Франција, во 2000, и беше прогласен за најдобар филм на Балканот на Фестивал на краткометражен филм во Драма, Грција, истата година.

Првата вечер беше заокружена со „Земјаци“ од 2006, документарен филм за бесмисленоста, жестокоста и еродирањето на животот на поединецот по и за време на граѓанската војна во некогашна СФР Југославија во почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Во него режисерот и сценарист Панов се прашува што може да ги натера најдобрите другари да станат „најдобри“ непријатели и да се гледаат низ нишанот на пушките? „Земјаци“ е познат и под насловот „Другари“ (Comrades).

Следователно, на втората вечер, овој четврток, ќе биде прикажан македонско-швајцарскиот игран филм „Војната заврши“ во кој улогите ги толкуваат Музафер Етеми, Шеќерие Буќај, Енвер Петровци, Армонд Морина, Љупчо Тодоровски, Селман Локај и други. Ова е остварување во кое режисерот и сценаристот Панов ја следи судбината на еден од своите војнички другари од ЈНА, Кадри Рахмани учител во близина на Медвеѓе кој во 1999 година емигрира во Швајцарија. Слоганот на филмот е „Најголемата војна е онаа под твојот покрив“.

Филмот ја доби специјалната награда на Фестивал на јужноевропски филмови во Лос Анџелес, во 2011, Медиа награда на Меѓународниот филмски фестивал „Прифест“ во Приштина, 2010, а беше прогласен за најдобар филм на Балканот на Меѓународниот филмски фестивал во Тирана, 2010…

Сцена од филмот „Сведок“ со Бруно Ганц и Падек Дилејни

И, во петок, на 11 декември, филмофилите во Кинотека ќе имаат можност да го проследат играниот копродукциски проект помеѓу Македонија, Швајцарија и Ирска „Сведок“, работен по сценариот на режисерот и Владислав Пасиковски, а во него играат славниот швајцарски актер Бруно Ганц, нашата Наташа Петровиќ и Падек Дилејни.

Станува збор за акциона драма за еден помлад истражител од Хашкиот воен трибунал, полн со ентузијазам, кој е во потрага по правдата. Апсењето на Генералот Миро Антиќ става крај на потерата долга една деценија која постојано ги фрустрираше неговите гонители од Западот и оставаше да гние едно од најкрвавите поглавја во поновата историја на Европа.

Кон ова особено е значајно и тоа што Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на посетителите на ревијата.

И, по ваквото појаснување, неколку збора за овој наш македонски режисер, сценарист, продуцент и значаен интернационален уметник. Роден 1963 година во Скопје, Митко Панов најнапред студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности за да потем, во период од 1983 – 1988 студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Неговите остварувања се емитувани на бројни телевизиски станици како PBS, А & Е, ZDF, Channel + и Channel 4. Првиот негов краток филм „Леб и сол“ е снимен 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во осумдесеттите години…

Потем Панов го снима студентскиот филм „Со кренати раце“ кој ќе му донесе бројни награди на фестивалите и „Златна палма“ во Кан, а за краткиот документарец „Бериќет“ (кој е дел од трилогијата „Човекот и трудот“) добива Гран При за режија на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија во Египет, во 1995 година.

Инаку, тој со децени предава филм на Универзитети во САД и во Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин од Англија, оскаровец кој со филмот „12 години ропство“ (12 Years a Slave, 2014) се смета за еден од најуспешните режисери последнава деценија во светот.

А, кога сме веќе тука никако не треба да биде заборавено дека екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, како што знае честопати да каже македонскиот режисер, сценарист и продуцент, „останува негов сè уште неостварен филмски сон…“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG