Достапни линкови

Велосипедска мисија преку кампањата #СоТочакЗаКлима


„Критична маса“ во Скопје
„Критична маса“ во Скопје

Лицата кои користат велосипед за своите дневни потреби влијаат на намалување до 84 отсто од емисиите на СО2 во однос на патниците на моторни возила, истакнуваат граѓанските здруженија „НаТочак“ и „Одржливи иницијативи“ во нивната актуелна кампања.

Изминатиот месец, здруженијата „НаТочак“ и „Одржливи иницијативи“ подготвија информативни постови за позитивното влијание на велосипедот во однос на намалување на климатските промени.

„Како места каде живее најголем дел од населението, градовите имаат огромен потенцијал за намалување на последиците од климатските промени, промоцијата на користење на велосипед низ градот директно влијае врз намалување на емисиите на стакленички гасови од транспорт. Лицата кои користат велосипед за своите дневни потреби влијаат на намалување до 84% од емисиите на СО2 во однос на патниците на моторни возила “, информираа организациите објаснувајќи дека се впуштиле во мисија да ја подигнат јавната свест и да поттикнат промена кај граѓаните, но и кај општинската и градската администрација преку кампањата #СоТочакЗаКлима.

Покрај информативни постови, подготвија и видео кое промовира користење велосипед во Скопје како чекор кон подобра иднина.

„Точакот е решение за многу урбани проблеми: од сообраќаен метеж, слободно паркинг место, почист воздух, па сè до намалување на климатските проблеми. Со ова видео сакаме да го опишеме искуството на возење точак во Скопје со сите свои убавини и недостатоци, да ги пофалиме сите граѓани кои се борат со ситуацијата, возејќи велосипед; да покажеме дека градската администрација работи на изработка на велосипедски патеки; но најважно од сè - да поттикнеме уште граѓани да одберат велосипед и градот и општините уште повеќе да инвестираат во велосипедската сообраќајна инфраструктура“, изјави Бојан Ранташа од „Одржливи иницијативи“.

„НаТочак“ истакнуваат дека „да се има функционална, поврзана, велосипедска мрежа во градот е вистинскиот начин за да видиме значајно зголемување на употребата на велосипедот. Тоа е примерот кој е воспоставен во светот. А тоа ќе придонесе кон подобар живот во Скопје и поздрава животна средина“.

Тие го истакнуваат третиот национален двогодишен извештај за клима, чии податоци за 2016 година укажуваат дека 28,1 проценти од емисијата на стакленички гасови доаѓаат од секторот транспорт, во споредба, во Европската Унија каде изнесува 24,3 отсто, а на глобално ниво е 22 проценти. Додека Европската Унија, како и бројни други светски сили се заложуваат да ја намалат емисијата на стакленички гасови зa 55 проценти до 2030 година.

Дел од објавите во рамки на кампањата #СоТочакЗаКлима
Дел од објавите во рамки на кампањата #СоТочакЗаКлима

XS
SM
MD
LG