Достапни линкови

„Каин“ на Ангелов и „Транзен“ викендов премиерно во Струмица


Плакатот за претставата „Каин“ на Дејан Ангелов

Работена според драмата на Бајрон и делови од „Загубениот рај“ на Милтон, на 27,28 и 29 ноември, во Ројал парк во Струмица, ќе се случи премиерата на „Каин“ во режија на Дејан Ангелов. Претставата се бави со бунтот и со „повторното космичко чувствување на светот како целост“.

На македонската културна сцена и на љубителите на театарот во Струмица, во деновите од престојниот викенд ќе им се случи премиерата на „Каин“. Ќе им се случи претставата работена според истоимената драма на Џорџ Гордон Бајрон и делови од „Загубениот рај“ на Џон Милтон, но онака како што ги прочитале и поминале длабоко во себе, во сопственото битие, режисерот и авторот на драматизацијата Дејан Ангелов и актерите Саше Урдовски кој ја толкува насловната улога и неговиот партнер на сцена Стојан Велков Трн како Луцифер. Костимите се дело на Ванчо Василев, музиката на Ставре Ангелаков, а за сценографијата и плакатот се погрижил ликовниот уметник Никола Пијанманов.

Ова е втора претстава во рок од една година во продукција на Здружението за култура „Транзен“. После „Кротка“ од Достоевски одиме во самата зора на човештвото, Каин (Џорџ Гордон Бајрон), приказна за едно братоубиство и едно искушение кое се случува во самите почетоци на човечката заедница. Целите на „Транзен“ се повторно зацртани со оваа претстава – Млади актери и режисери кои не можат да се вклопат во институционалните шеми и не можат творечки да се реализираат во рамките на државните и локални институции, го покажуваа целиот свој потенцијал на алтернативна сцена и независна култура. Овој пат помогна донаторот преку програмата Цивика мобилитас (програма преку која се реализира проект за децентрализација на културата во југоисточна Македонија), истакнува Никола Пијанманов од „Транзен“.


Режисерот Дејан Ангелов, во пресрет на премиерата на „Каин“,вели дека секогаш го инспирира контекстот, но не моменталниот, социјалниот, туку дека за него „постои еден, вечен - метафизички контекст, режим на живеење кој доаѓа од јасното сознание за сопствената смртност и ништожност“. Тој појаснува дека „под целата таа ефимерност, облак од најразновидни грижи за секојдневието со кои се трудиме да го оттргнеме погледот од суштинското, стои стравот од смртта и потенцијалното бесмислие на човечкиот живот“. Вели дека „отсекогаш го интересирало прашањето дали човек може да живее и генерира енергии живеејќи без надеж и идеологии и до каде се границите на едно вакво живеење“ и смета дека можеби во Каин заедно со соработниците во еден духовен театар, токму тоа се обидуваат да го откријат.

Злото, некаква исконска примордиална омраза кон се живо, е заложена во овој несовршен свет со самото постоењето на смртта. Каин е првиот од луѓето кој според Бајрон не сакал да го отргне погледот од тој очигледен факт, и кој прв се побунил против несовршеноста на светот. Со тоа тој се претвора во првиот борец за правда и бунтовник и го прави вистински наш современик и прв отец на homo sapiens-от или -човекот што сака да знае, кој прв почнува да го користи плодот од дрвото на спознанието – Разумот. Нашиот еон е во целост под култот на Разумот. Има нешто премногу лесно и во исто време погубно за човекот ако целото свое битие го потчини само на разумното кое своите заклучоци ги носи од материјата, исклучувајќи ја тајната, интуицијата – верата, според Бајрон токму тоа неминовно води до братоубиство, ќе рече Ангелов.

Прашан за темите што ги третира во своите претстави режисерот е категоричен дека тие го одбираат него. Дека овој текст случајно го прочитал во библиотеката на академијата кога бил на студии во Софија, Бугарија и тогаш си рекол дека некој ден би сакал да го направи. Тогаш уште не знаел што е точно тоа што го привлекло, но интуицијата ми зборуваше дека има нешто важно за мене во тој текст, кое бара да биде откриено. Потоа требало да помине низ „Кротка“ на Достоевски, неговиот претходен проект за да може да го артикулирам тоа што силно го интересира кај „Каин“, а тоа е темата за побунетиот човек во своjoт првооблик: „Ова е основна тема и во литературата на Достоевски, бунтот, како предуслов за самоспознание, за човечност“.

Ангелов и со експликација дека Достоевски го довел до Алберт Ками и неговата филозофската расправа „Побунетиот човек”, но и до „Митот за Сизиф” кои паралелно ги читал додека ја работел драматургијата. Основното во едно режисерско дело е темата која мора да биде јасно артикулирана, а јас успеав да ја артикулирам во ликот на Каин благодарение на Достоевски и Ками. Кога темата е јасна, а таа всушност е твојот режисерски прочит на некаква драматургија или недраматургиски текст (роман, расказ) процесот на драматизација и создавање од него театар со сигурност е исполнет со повеќе смисла.

Има некаква органиченост, сврзаност, логичка еволуција на тоа што го правам. Едното ме носи кон другото, а тоа кон трето, прашањата раѓаат прашања... Процесот на творење, создавање е една голема тајна, засебна за секој што се занимава со уметност, со упорност и искреност понекогаш ти се дозволува да се допреш до некои вистини за Битието. Ако тоа ти е важно, вели режисерот.

Инаку, „Каин“ на три пати бил одбиван од институциите за аплицирани претстави, а говорејќи за условите во кои е настаната и воопшто за творештво на локално ниво и во земјава, Дејан Ангелов е категоричен дека тие се „страмни“.

Ние немаме никаква помош од државните и локалните институции за реализација на нашите дела! Се е молење до степен, да се згрозиш од самиот себе, колку ниско си паднал. Како за пример можам да ги наведам моите три отфрлени проекти во претходните три години во струмичкиот театар. Со финансиите од нив ќе можев сам во тие три години колку што сум веќе во Македонија, да си ги задоволам сопствените основни потреби за живот и имам некакво човечко основно достоинство, а не да бидам на грбот на родителите и сопругата. Но, свикнав на контекстот, и не обрнувам внимание спремен сум вечно да чукам на таа врата како хероите на Кафка. Ситуацијата е апсурдна кога треба да молиш обични општински или партиски чиновници оперирани од било каква култура и духовност. Но во целата таа безизлезност ако гладот за творење е голем и навистина искрен ќе ти се прати ангел да ти го даде тоа без кое не можеш. Јас и моите актери ја имаме целосната поддршка од „Транзен“ , и од некои будни поединци, кои ја разбираат нашата потреба и безрезервно ја поддржуваат алтернативната култура.

Режисерот Дејан Ангелов
Режисерот Дејан Ангелов

Од друга страна, актерот Стојан Велков Трн кој го толкува Луцифер и кој зад себе ја има и улогата во монодрамата „Кротка“, за соработката со режисерот и неговото творечко писмо ќе рече дека тој театар што Ангелов сака да го прави и прави како од ден на ден да расте и тие заедно како да осветлуваат уште едно ќоше од тој темен простор од кој треба да се создаде животот на претставата.

Многу љубопитен и со поголем влог треба да влезеш во претстава каде што има уште еден актер до тебе. За среќа како екипа, Дејан, Саше Урдовски и јас уште на самиот почеток се разбравме што всушност работиме и потоа на кој начин ќе дојдеме откритието и спознанието за самата претстава. Тоа е како да ги прошириш видиците. Секојпат работата со Дејан ми носи осветлување на некои тајни што ги носам како човечко битие, но од друга страна и како актер кој сериозно сака да се занимава со својата професија, истакнува Велков.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG