Достапни линкови

Филхармонија со роденденски концерт и челистката Кобекина како солистка


Руската виолончелистка Анастасија Кобекина
Руската виолончелистка Анастасија Кобекина

„Колаж“ е насловен роденденскиот концерт на Филхармонија на кој в четврток, на 26 ноември од 20 часот, ќе бидат изведени дела од Камиј Сен-Санс и Карл Марија Вебер. Со оркестарот ќе диригира маестро Габриел Бабешелеа, а солист ќе биде руската виолончелистка Анастасија Кобекина.

На овој ден, пред 76 години е создадена Филхармонија. Само 11 дена, по ослободувањето на Скопје. Создадена во тешки услови, но во фантастична атмосфера и дух - во слобода! Изминативе речиси осум децении, безмалку, оркестарот активно музицира и се надоградува, негувајќи го духот во кој беше создаден. И во овие тешки времиња, кога се соочуваме со нови предизвици, продолжуваме со нашите концерти. Музиката е живот. Затоа нашите срца имаат ритам. 76 години ги исполнуваме вашите срца со музика. Продолжуваме понатаму...

Нека ни е среќен 76. роденден!

Филхармонија со роденденски концерт
Филхармонија со роденденски концерт

Ова ќе биде забележано во обраќањето на Филхамонија од 24 ноември и упатено до културната јавност и до публиката, а во пресрет на роденденскиот концерт што ќе се одржи во редовниот термин, в четврток во 20 часот.

На овој перформанс кој е во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“ и е насловен како „Колаж“ на програмата се Концертот за виолончело и оркестар бр.1 во а-мол, опус 33 од францускиот прво модернист, потем романтичар и неокласичар Камиј Сен-Санс и Симфонија број 1 во Це-дур, опус 19 од германскиот композитор, диригент, виртуоз, новелист и претставник на романтизмот Карл Марија Вебер.

Со оркестарот ќе диригира маестро Габриел Бабешелеа, а солист ќе биде руската виолончелистка Анастасија Кобекина.

Анастасија Кобекина
Анастасија Кобекина

Родена 1994, Анастасија Кобекина првиот час по виолончело го имала на четиригодишна возраст. Дванаесет години подоцна веќе била во класата на Олга Галокина на Московскиот конзерваториум. Вниманието на руската јавност го привлекува кога ја добива првата награда на ТВ натпреварот „Нови имиња“, а во 2008 била финалист на Евровизискиот натпревар на млади музичари во Виена, Австрија. Две години подоцна ја добила наградата „Хесе“која вклучувала и мастер клас со славниот Дејвид Герингас. Во 2012 ја добила стипендијата „Борис Пегаменшиков“ во Кронберг, по што следел период во кој имала можност да настапува во прочуените концертни сали во Москва, Берлин, Виена, Брисел, Тел Авив... Како солист свирела со оркестри меѓу кои „Московски виртуози“, Симфонискиот оркестар „Чајковски“, со Виенскиот симфониски оркестар, со Литванската национална филхармонија...и така со ред.

Згора на ова во тој период талентираната виолончелистка учествувала на фестивалот што го организира академијата во Кронберг каде студира, а во 2015 била и полуфиналист на престижниот натпревар „Чајковски“ во Москва.

Конечно и нималку неважно, Анастасија Кобекина свири на инструмент направен од големиот Стефан вон Баер во 2012 година.

Од друга страна, маестро Габриел Бабешелеа е актуелниот шеф-диригент на Филхармонија на Република Северна Македонија. Неговата репутација почнала да расте по воодушевувањата од критиката и од публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите.

Маестро Габриел Бабешелеа
Маестро Габриел Бабешелеа

На 30-годишна возраст, тој бил бележан како еден од најталентираните диригенти во последната декада во родната Романија. Во 2015 година бил добитник е на првата награда за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ што се доделува во Загреб, Хрватска, како и на првата награда на натпреварот ма Музичката младина на Букурешт, полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар, на оној насловен „Густав Малер“ со Бамберг симфонискиот оркестар... Со доделената стипендија во 2011 заминал во Амстердам, Холандија, каде имал можност да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ и наедно да соработува со звучни диригентсХерберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман... Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио Бабешелеа ја сними се уште необјавената опера „Духови“ на Жорж Енеску, како и неговата „Пасторала“.

Маестро Габриел Бабелешеа во последниве неколку години живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG