Достапни линкови

Оливие Самолиан: Музиката што ја свири КУАРЕМ КВАРТЕТ е неодолива, заразна!


КУАРЕМ КВАРТЕТ

Со актуелниот албум „Danzas“ чија светска промоција е во тек, во Битола и во Скопје, на 20 и 21 октомври ќе настапи интернационалниот КУАРЕМ КВАРТЕТ, каде член е и Оливие Самолиан на виола кого македонската публика го познава од времето на ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ.

Оливие Самулиан е музичар. Композитор и инструменталист на виола. Еден од оние кои низ години зад себе остава вредни документи за своето постоење. Почнувајќи од родната Франција, па се така на сите страни од светот. Посегањето по неговата биографија го вели следново: Студирал виола на Конзерваториумот во Тулуз, а потем инфициран од импровизираната музика и на Колеџот за музика во Беркли, Бостон, САД. Од 1998 до 2001 работел и живеел како џез музичар со свои ансамбли и проекти во Њујорк.
Потем се враќа во Европа и започнува да свири со Македонската филхармонија и станува член на тогаш исклучително актуелните ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ, со кои ја истражува богатата музичка традиција на балканските народи. Едновремено, започнал да компонира и музика за документарци, научно-фантастични филмови и анимирани дела.
Во 2007 година, тој започнал да соработува со дискографската етикета „Cezame Music Agency“, пишувајќи музика за телевизија и за филм, за да пет години подоцна ја формира сопствената продуцентска куќа „Art Melodies“.
Наспроти неговите потемелни потраги во сферата на композицијата, Оливие паралелно продолжил да свири џез, фолклорна и сериозна музика со многу разлини ансамбли. Во 2015 започнал соработка со ОРКЕСТАР МОЦАРТ, а веќе наредната година бил поканет да им се приклучи на КУАРЕМ КВАРТЕТ.
Така го започнува своето актуелно музичко патешествие, во чии рамки промовирајќи го новиот албум „Danzas“ во рамките на светската турнеја, со Аргентинецот Родриго Бауса, Уругваецот Федерико Нејтан и својот сонародник Гијом Латил, згора со младата Наташа Роџерс како пејачка и перкусионистка, еве ги во Македонија за да ја понудат својата музика каде се вкрстуваат повеќе култури и каде, патем, Самулиан „поодамна обесил една од своите шапки“.

Оливие Самулиан


По концертот со АНА КАП ТРИО во февруари годинава, Оливие Самулијан повторно доаѓа во Македонија, но овој пат со КУАРЕМ КВАРТЕТ (The Cuareim Quartet), со кои ќе свири на 20. во Битола и еден ден подоцна во Скопје со Македонската филхармонија. Со оглед на тоа што често сте присутен на сесиите за снимање со FAMES и тоа што живеевте тука одредено време, а и свиревте со ПРОЕКТ ЖЛУСТ, дали го имате тоа чувство како да го посетувате својот „втор дом“?
- Токму така се чувствувам. Како да се враќам дома, ајде нека биде поточно како да го посетувам мојот втор дом. Дел од своите 20-ти години го поминав во Македонија, а и речиси целите 30-ти. Мојот син живее во Скопје, а јас сé уште соработувам со македонските музичари, моите стари другари како Џијан, Гоце, Бејков и други. Навистина е неверојатно да гледате како едно семе што сте го посадиле пред многу години, полека се манифестира во едно чудо прекрасни дрвја, кои пак, продолжуваат да раѓаат плодови. Споменатите виртуози како Џијан Емин, Гоце Стефковски, Иван Бејков, Александар Поп Христов - Ачек и уште многу други македонски музичари се дел од мојот живот и ќе продолжат да бидат дел од него и понатаму. Каде и да одам, што и да правам јас постојано ќе се враќам овде и ќе барам и наоѓам причина за соработка со овие прекрасни луѓе и големи мајстори.

Како композитор и инструменталист, претпоставувам дека ја цените својата слобода на творење и можноста да се биде во опкружение со што повеќе музичари, соработници, создавајќи различни видови музика, на разни места. Во овој контекст, Вие сте последниот што влеговте во сегашната постава на КУАРЕМ КВАРТЕТ . Како се случи ова патешествие и колку работи се сменија со Вашето пристигнување?
- КУАРЕМ КВАРТЕТ е најверојатно еден од најпредизвикувачките, највозбудливите проекти во кои сум бил вклучен. Ги запознав овие стари мачори во Париз во 2000. Тие бараа некој што ќе свири џез на виола, а такви нé имаше колку прстите на една рака. Па, ми се јавија, а десетина дена подоцна веќе свиревме заедно во Буенос Аирес со аргентинскиот национален оркестар! Не сум свесен точно кои промени јас ги внесов во квартетот. Можеби е моето џез минато, но и искуството со рокенролот што ја обои оваа звучна слика со нова свежа боја, а можеби бевме повеќе ориентирани кон импровизацијата, но малку и кон балканскиот шмек!


Квартетот е составен од музичари од различни страни на светот; виолинистот и композитор Родриго Бауса доаѓа од Аргентина, студирал во Уругвај, а потоа се преселил во Германија. Федерико Нејтан, кој наспроти класичното музичко образование во Монтевидео го преферирал импровизираниот џез, па животот некако непланирано го одвел во Европа. Потоа, челистот, аранжер и композитор Гијом Латил завршил во Париз, почнувајќи од своето родно место, а како автор, музичар и свирач на виола, се селите од Тулуз, во Њујорк, па во Македонија, за повторно да се вратите во Париз и повторно да го откривате овој град. Што е тоа што Ве држи заедно? Која музичка идеја ве тера да одите напред?
- Ние живееме и работиме низ цела Европа, но навистина сериозно го сфаќаме нашиот квартет. Разговараме и работиме оддалеку секоја недела. Разменуваме идеи, теми, видеа...навистина се трудиме и физички да се сретнеме секој месец и тоа во различна земја, само за да вежбаме за наредниот албум. Во кариерата е навистина ретко да се има ова чувство дека сме моќни заедно. Секој од нас има огромна почит кон другите членови.

Доаѓате во Скопје по неодамнешниот концерт и фестивал во Франција за да го промовирате новиот албум „Danzas“, на кој Ви гостува перкусионистката Наташа Роџерс. Каква музичка понуда носите овојпат и дали верувате и дека нејзиниот јужен ќе ја освои и македонската публика?

- Со новиот проект наречен „Danzas“, КУАРЕМ КВАРТЕТ создава еден комплетно оригинален репертоар, инспириран од традиционалната танцова музика на различни земји како: Аргентина, Франција, Куба... Без разлика на тоа дали е религиозна или не, популарна или андерграунд, секое од комплексните дела кои служеа како инспирација за овој проект, им овозможуваат на членовите на квартетот едно огромно поле за истражување. Наташа Роџерс е неверојатна перкусионистка и пејачка. Млада е, а зад себе веќе има впечатлива кариера. Да се свират тие „танци“ со неа е момент на чисто задоволство, а досега публиката на неколку пати ја почувствувала истата радост како и ние на сцената. Заразно е!


Какви реакции доживеа новиот албум, а и серијата концерти во Франција и Европа? Дали планирате да го изведете истото на онаа страна од Атлантикот, во Јужна Америка, можеби...или пак, каде било во светот?
- Искрено? Досега реакциите се фантастични! Секогаш ме изненадува колку е ентузијастички настроена публиката и колку има желба тоа да го изрази.. Периодов е доста комплициран за сите музичари, но и за публиката која е едноставно жедна за култура. Уживаме кога и колку можеме оти приликите за тоа се стеснуваат од ден на ден.

На своите концерти, Оливие често посегнува по композиции напишани со ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ. Во какво сеќавање Ви се останати тие композиции и дали постои можност за идна соработка со нив?
- Периодот со ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ беше полн со возбуда, со многу работа и навистина исклучително продуктивен. Инаку, во октомври Џијан ќе го предводи Fames оркестарот на еден албум каде јас ќе бидам продуцент, а ќе снимам композиции од новиот албум на Сашо Поповски трио... со Иван Бејков и со Виктор Филиповски. Со тие луѓе работам цело време и така имам намера да остане во иднина. Верувајте, не дека сега сум тука туку навистина имам немерена потреба оваа наша приказна да трае и да трае. Некоја чудна хемија се случува меѓу нас кога ќе ги земеме во раце инструментите и ќе потече музиката. Како да се отвораат некои нови светови.

Конечно, кои се идните планови на Оливие Самулијан како солист, автор, а сега и како еден од музичарите во составот на КУАРЕМ КВАРТЕТ? Каде се движи Вашата музика, во споредба со онаа на бендот? Кога да очекуваме нови објави?
- Во моментов подготвуваме еден доста амбициозен албум со Тhe Cuareim Quartet : “The story of Jazz”. Ќе снимаме дела инспирирани од стариот Њу Орлеанс, па сé до модерните џез композиции. Сакаме да Ве изненадиме со секоја секунда од музиката што ќе Ви ја понудиме.
На наредниот албум се јавувам во улога на изведувач и продуцент. Работам на “Compagnie La Machine”, музика напишана од страна на познатиот композитор Мино Малан. На последниот настап имавме повеќе од 800 000 гости во публиката во текот на четири дена. Знам, лудо е! Речиси половина Македонија! Но, тоа е така. Животот е луда работа, а тоа навистина го сакам!

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG