Достапни линкови

Драган Тодоровски со фотографии кои „зборуваат“ за Норвешка во Куманово


Насловната фотографија за изложбата „Фото белешки од Норвешка“ на Драган Тодоровски во Куманово
Насловната фотографија за изложбата „Фото белешки од Норвешка“ на Драган Тодоровски во Куманово

„Фото белешки од Норвешка“ е насловена изложбата на уметничка фотографија на Драган Тодоровски, што од 15 октомври и во наредните десет дена се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Велат, добар дипломат треба да знае да слуша. Тодоровски, кој еден дел од својата кариера помина во дипломатска мисија во Норвешка, покажува дека добар дипломат треба да знае и да гледа. Неговите фотографии „зборуваат“ за Норвешка, за нејзините луѓе, за сочуваната природа, за танцот на боите кои се менуваат од мугри до зајдисонце и за веќе споменатата симбиоза на човекот со природата. Тие се сведоштво дека забрзаниот ритам на животот и во една технолошки високо развиена земја како што е Норвешка, не мора нужно да ја засени хуманоста, ниту да ја наруши природната рамнотежа.

Ова, меѓу другото, во својот опсежен текст насловен „Носталгија за Северот“ и посветен на изложбата на фотографии на колегата Драган Тодоровски, ќе го забележи амбасадорот и писател Пајо Авировиќ.
Тој и со дополна дека „низ објективот на Тодоровски, во хармонична целина се менуваат сите годишни времиња, ненаметливата и со просторот слеана архитектура и забележливата редуцираност на човековото присуство“. Вели дека „ова последново доаѓа како некаква убава промена во светот навикнат човекот секогаш и секаде да биде во главен план, честопати на штета на природата, па и на самиот себеси“. Дека Тодоровски тоа човечко присуство го става во потребната пропорција, најчесто еден спрема еден. Човекот наспроти природата.

Како скулптурата на Фридјоф Нансен, големиот норвешки истражувач и научник, нобеловец и, на крајот, но не и на последното место – дипломат, исправена на снежното возвишување, со наделеку познатата норвешка шума во позадина. Без обид за доминација и потчинување.
Или пак, жената свртена со грб и со поглед изгубен во сините бои на фјордот и блиските брегови, како едномиговно и архетипско сведоштво за изгубеноста на поединецот во просторот, но со одредена смирувачка убавина која нѐ тера таа судбинска неминовност да ја примиме со насмевка. Има надеж за нас, дури и кога сме сами, бидејќи убавината е секаде околу нас. Ако знаеме да ја видиме. Тодоровски, преку своите фотографии од Норвешка, ни помага во осознавањето на таа убавина и поради тоа ги заслужува, не само нашата наклонетост туку и нашата искрена благодарност, пишува Авировиќ.

Но кој е Драган Тодоровски? Роден 1962 година, Тодоровски завршил магистерски студии по меѓународно право и меѓународна политика на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во Министерство за надворешни работи на Република Македонија е вработен од 1996 година како негов официјален фотограф, кој во периодот до 2010 е хроничар на најзначајните надворешно политички активности на македонската држава. Последната деценија работи во Директоратот за билатерални односи со европските држави и е одговорен за земјите од Северна Европа. Во периодот од 2015 до 2018, престојуваше во дипломатска мисија во Кралството Норвешка, извршувајќи ја функцијата Вршител на должност во Амбасадата на Република Македонија во Осло.

И, наспроти ова тој почнал да се занимава со фотографија за време на студентските денови како член на ФКК „Козјак“ од Куманово. Во тој период станува дел од редакциите на „Студентски збор“ и „Млад борец“ од Скопје. Како слободен фоторепортер соработува со неделниците „Младина“ од Љубљана, „Данас“ од Загреб, „Недељна Далмација“ од Сплит и „Време“ од Белград.
Во периодот од 1991 до 1996 е уредник на фотографија во првиот политички неделник во Република Македонија, „Пулс“. Неговите фотографии биле објавувани на страниците на повеќе европски печатени медиуми, меѓу кои: „Политикен“ (Politiken) од Копенхаген, „Афтенпостен“ (Aftenposten) од Осло и „East European Reporter“ од Будимпешта. Соработувал со издавачката куќа „Форест букс“ (Forest Books) од Лондон и Бостон, како и со меѓународните рекламни агенции: „Сачи и Сачи“ (Saatchi & Saatchi), „Публицис“ (Publicis) и „Њу момент“ (New Moment).
Конечно Драган Тодоровски е автор на десетина самостојни изложби на фотографија и бил учесник на повеќе групни во земјава и во странство, а актуелната изложба е резултат на неговиот престој во Норвешка.
- Во минатото, во текот на мојата професионална фотографска кариера, работата беше концентрирана на ограничен број на теми и во таа тимска работа како фото-репортер мојата задача беше да извлечам максимална креативност на однапред зададени теми. Повеќе од десет години не сум професионален фотограф и тоа ми овозможува да имам поголема жарновска слобода. Така, на оваа изложба се поставени фотографии, кои тематски можат да се сместат во урбан пејсаж и т.н. "street" фотографија, вели Драган Тодоровски.


Прашан за неговите натамошни активности на полето на фотографијата авторот и со информација дека во периодот што претстои, некаде во наредниве две-три години, планира да реализира еден поголем проект за кој ќе треба убаво да ја „проветри“ својата фото-архива.
- Планирам ретроспективна изложба. Имам голем број на фотографии од документаристичка и историска вредност, посебно од времето на осамостојување на Република Македонија. Голем број на портрети на наши истакнати личности од културата и од јавниот живот и би сакал нив да ги изложам, смета Тодоровски.
Кон сево ова, само уште информацијата дека авторот Драган Тодоровски оваа сабота напладне, на 17 октомври, во Изложбената галерија на Центар за култура “Трајко Прокопиев“, каде што е и поместена поставката, ќе одржи и работилница за заинтересираните и за љубителите на фотографијата од Куманово.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG