Достапни линкови

Милошески со скулптури како од работ на соништата во Прилеп


Плакатот за изложбата на скулптури на Слободан Милошески во Прилеп

Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, овој петок напладне, на 9 октомври, ќе биде отворена 23 самостојна изложба „Недефинирана кодификација“ на Слободан Милошески, кого познавачите на уметноста го сметаат за еден од најдобрите македонски скулптори од поновата генерација.

Слободан Милошески критичарите на уметноста го сметаат за еден од најдобрите македонски скулптори, кои спаѓаат во групата уметници што работат во доменот на апстракно минималистичкиот концепт, поради тоа што користи едноставни геометриски форми и индустриско-импровизирани материјали за создавање дела од различити размери. Неговата минималистичката скулптура дава импресија на строгост и рационалност која се потпира на однапред спремени постулати и идеи логично артикулирани. Слободан Милошески користи геометриски цврсти материи во скулптурата, но крајниот импакт не е тврд или статичен. Всушност, кога ги гледате неговите скулптури од неколку агли тие не одаваат впечаток на совршена поставеност, туку се “потпираат“, “навалуваат“ и “искривуваат“ во неочекувани позиции. Ваквата “конструкција“ на овие скултури има дава човечки аспект и духовна страна. Покрај нив се добива чувство на вибративно движење и тактилност која доаѓа од нагласените прави линии и мрежи во повеќето минималистички дела. Очигледано дека уметникот Милошески ја реализирал неговата основна замисла делото да биде “спроводник за духовни работи“ и како целта да му е „скулптурата да биде на работ од соништата“.

Ова меѓу другото ќе го забележи во својот текст историчарот на уметност Проф. Д-р. Џемил Бектовиќ во пресрет на новата, 23 самостојна изложба на скулпторот Слободан Милошески која од 9 октомври ќе се одвива во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Бектовиќ и со дополна дека од друга страна, Милошески ја брани идејата дека уметноста е чисто објективна и владеат закони кои ја третираат не како чин на имагинација, туку како чин на набљудување, перцепција и манипулација со формата.

- Во контекст на оваа филозофија неговото разбирање на скулптурата е чисто субјективно, но управувано со закони кои владеат во релацијата маса-простор. Аксиомите кои се нагласени во неговата уметничка постава акцентираат идеја дека скулптурата е “покажување на точност“ и “игра на закони во простор“. Од овие премиси се развива неговата лична теорија за геометрија базирана на рационална естетика во рамките на “интуитивна уметност“ која побарува апсолутна математичка ригорозност каде што ништо не треба да се додава, ниту да се отстрани. Чувството на целосна точност“, пишува историчарот на уметност.

А, уметникот за изложбата „Недефинирана кодификација“ на која се претставува со 10 скулптури од галериски формат вели дека тие добро се вклопуваат во просторот на Ликовната галерија.

- Од ликовно-естетска гледна точка скулптуралните објекти се во суштина просторно поставени со препознатлива циклична повторливост на формите, кои се стремат кон бескраен континуитет во физичкото постоење. Претставените апстрактни конструктивни скулпторски дела, богати се со неисцрпен енергетски потенцијал во изразување на субјективната визија. Во нивната затворена или отворена морфологија доследно донесуваат компактни карактеристики на линиската цврстина и рационализамот во изведбата. Тие се повеќедимензионално меѓусебно поврзани и заеднички се помагаат и надополнуваат во својата примарна намера, да остварат одржливост во просторно и сореално коегзистирање. Семиолошко-информационите карактеристики на овие скулпторски дела, проследени преку нивните корелации, формираат заклучоци за значењето на целокупната поставка, како и за отвореноста или затвореноста на системот на овие објекти. Комуникациска способност на скулпторските објекти, која ирационално се постигнува внатрешно системски, со сигурност ја пренесува нивната порака на еден ненаративен начин. Комбинацијата на структури и текстури со која овде визуелно и тактилно се сретнуваме ја дообликуваат условно постоечката приказна. Треба да споменеме дека овде е остварен еден систем во кој самиот уметнички објект и публиката остваруваат комуникација која истовремено може да се случи на неколку различни нивоа на свеста. Поради тоа овие дела ствараат веројатни светови, надвор од светот на стварноста, зошто тие не се занимаваат со нештата какви се, или какви биле, туку такви какви би можеле да бидат, вели доцент Д-р Слободан Милошески.

Роден во Охрид 1977 година, Слободан Милошески, најнапред дипломирал на Факултетот за физичка култура, а потем и на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на одделот за вајарство. Набрзо потоа во 2011 магистрирал на истиот факултет, за да пред две години го заокружи своето пост дипломско образование на катедрата за скулптура на Национална уметничка академија во Софија, соседна Бугарија. Милошески до сега има реализирано 22 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 70 групни поставки во земјава и странство. Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ што ја доделува Друштвото на ликовни уметници на Македонија ( бил добитник на два пати - во 2012 и 2015), како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ што ДЛУМ му ја доделил во 2014година. Во неговата биографија посебно се одвојуваат бројните скулптури реализирани во јавен простор како оние посветени на писателот Живко Чинго, актерот Ристо Шишков, просветителите Кузман Шапкарев и Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптурата на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет во Скопје.

Конечно Слободан Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG