Достапни линкови

Сибел Абдиу со „Човек перница“ од Мекдона премиерно во Турски театар


Плакатот за претставата „Човек перница“
Плакатот за претставата „Човек перница“

Работена по текст на Мартин Мекдона и во режија на Сибел Абдиу, овој четврток, на 8 октомври во 20 часот, на малата сцена во НУ Турски Театар - Скопје премиерно ќе биде изведена претставата „Човек перница“ која се бави со семејното насилство и е критичка анализа на слободата на говор.

По нецела година од „Аудиенција“ од Вацлав Хавел, трагикомичната апсурдна драма во еден чин која беше поставена во МНТ во рамките на одбележувањето на трите децении од Кадифената револуција што ја организираше амбасадата на Република Чешка во земјава, а во која настапија актерите Џенап Самет и Владо Јовановски, Сибел Абдиу еве ја со нов проект. Во четврток, на 8 октомври во 20 часот, на малата сцена во Турски театар премиерно ќе биде изведена претставата „Човек перница“ од актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, чии текстови често можат да се сретнат на домашните театарски сцени. Станува збор за проект што заеднички го потпишуваат независната театарска продукција МАШИНА Продакшн, во ко-продукција со ПИК Продукција и НУ Турски Театар - Скопје, со финансиска поддршка од Министерство за култура и Град Скопје. Улогите во драмата „Човек перница“ која се бави со семејното насилство, моралната одговорност и е критичка анализа на слободата на говор ги толкуваат актерите Хакан Даци, Дин Ибрахим, Бурак Рахман, Јеткин Сезаир, Несрин Таир, Селпин Керим и Фјола Муслиу. Сценографијата е на Ујза Жури, костимографијата е креација на Диелза Минци, а сценската изведба е на Зекирија Абди.

Во пресрет на премиерата режисерката Абдиу знае да каже дека „Човек перница“ на Мартин Мекдона е текст што таа одамна сакала да го постави на сцена.

- Тоа ми е еден од најдрагите текстови бидејќи има повеќе правци во самата приказна. Се обработуваат теми од различни аспекти коишто се инкорпорирани во една приказна од животот на еден автор. Сето тоа е прекрасно напишано и од таму дојдов на идеја да го поставам во Турски театар.

Таа во своето обраќање до јавноста пишува дека „Човек перница“ е претстава која буквално манипулира со емоциите на публиката, преку трагични и комични дијалози, а се бави со многу длабоки и кревки теми вклучувајќи злоупотреба, насилство, морална одговорност и политичка критика.

- Генерално ние се бавевме со семејното насилство и ефектот на семејното насилство на колективната психа на едно општество. Воедно акцент ставивме и на слободата на говорот и тоталитаризмот во една држава. Тие две навидум се различни теми, а во суштина се поврзани една со друга и мене лично ми беа инспирација да го креирам и режискиот концепт на оваа претстава, вели режисерката, воедно и драматург Абдиу.

Сибел и со појаснување дека сето ова нималку не треба да се става само во локален контекст, туку дека е присутно на глобално ниво. Дури дека има многу пострашни случаи во останатите држави во светот и дека семејното насилство во спрега со слободата на говор и тоталитаризмот се акутен глобален проблем.

Инаку, подготовките на претставата започнале на почетокот од фебруари, а непосредно пред прогласувањето на вонредната состојба биле стопирани и првичниот датум за премиера, 2 април, бил одложен на неопределено време. Во периодот на стагнација, кој во овој случај траеше шест месеци, режисерката и актерите работеле онлајн, колку што дозволува таквиот начин на функционирање. Веднаш по донесувањето на протоколите за одржување настани во затворен простор и отворањето на театрите, беа организирани десет проби, а после петтата веќе била закажана и премиерна изведба.

- Да бидам искрена изминатиов период на изолација во нашиот случај зачудувачки позитивно влијаеше затоа што имавме време повеќе да дискутираме за темите што ги обработуваме. На он-лајн пробите што ги правевме едноставно имавме простор на повцеќе пати да им се навратиме на анализите на ликовите и на текстот и да развиеме повеќе идеи за реализација на претставата којшто еве сега ги применивме по отворањето на театрите. Слободно ќе кажам дека паузата беше позитивно-пресвртна точка во нашиот процес на креирање на „Човек перница“, истакнува режисерката.

Сибел Абдиу

Прашана, пак, за тоа какви претстави сака да работи во иднина Абдиу вели дека тоа би биле „претстави коишто би ја натерале публиката да се почувствува жива“. Кон ова само уште и информацијата, дека таа во моментов како драматург работи на биографски текст за животот на италијанскиот сликар и скулптор Амадео Модиљани и дека се надева оти тоа би бил нејзиниот следен театарски проект.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG