Достапни линкови

„Прво филм“ на петтото издание на КИНЕНОВА


Плакатот за петтот издание на Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА

Со селекција на филмови кои ќе бидат прикажани во 11 програмски целини, под мотото „Прво филм“, официјално од 8 до 18 октомври, ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот фестивал КИНЕНОВА. Српската актерка Бранка Катиќ, лауреат на манифестацијата.

Случајно или намерно, по минатогодишното издание на Меѓународниот фестивал КИНЕНОВА кое се одвиваше под мотото „Првоборци“, актуелното во преден план ја има пораката „Прво филм“. Едноставно и погодено. Имено, во време на светска пандемија и превенција и заштита од вирусот Ковид-19, тимот што исправено стои пред ова случување мислел и смислил како да и парира на ваквата реалност и да понуди нешто што им прилега на не многу благо пријатните услови. Да понуди цело месечен избор од досега прикажаните филмови на Фестивалот на телевизија. Во случајов КИНЕНОВА започна да се одвива на Телевизија 24, така правејќи не само убав вовед во официјалната десет дневна програма, туку и проширувајќи го кругот на публика која реално можеби и го немала досега случувањето во фокусот.

- После напорен период на грижа за безбедноста и здравјето на граѓаните, рестрикции, мерки на претпазливост, во околности на сеуште актуелна здравствена криза во земјата и светот ние како тим уште во мај, кога и се заокружува фестивалскиот концепт донесовме одлука да го реализираме ова издание на фестивалот како ТВ формат. Видовме дека некои работи застанаа, но некои продолжија па и со засилено темпо. Продолжија без застој, ТВ сапуници и ефтини ТВ и политички ток-шоуа. За сметка на тоа културата застана. Затоа ние одлучивме дека КИНЕНОВА мора и ќе продолжи и во услови на криза и тоа со јасна порака која вели дека може да има секаква понуда, но пред се уметност, пред се филм, вели Небојша Јовановиќ, директор на Фестивалот.

Тој и со појаснување дека нив едноставно кризата ги мотивирала бидејќи биле свесни дека имаат мисија да продолжат „и тоа со квалитет повисок од оној што го постигнале претходно“. Згора на тоа и со најава дека филмовите од официјалната програма се поместени во 11 програмски целини како Главна натпреварувачка селекција-Меѓународна конкуренција, Киненова ретроспектива, Посветено на Фернандо Труеба, Посветено на Билјана Гарванлиева, Фокус на Австрија, Награда Лукс на Европскиот парламент, Киненова независни, Киненова специјал, Вон конкуренција, Меѓународна конкуренција на куси филмови и Македонски куси.

А, кога сме веќе кај програмата селекторот Игор Анѓелков, забележува дека она што го издвојува КИНЕНОВА од другите фестивали е „супер квалитетната филмска програма“ и дека „моќта на подвижните слики во новиот милениум дефинитивно е во рацете на дебитантите, оние чии први и втори филмови содржат свежина, енергија и нов поглед кон светот кој постојано се менува“.

- И оваа година се потрудивме во главната програма да избереме возбудливи филмски остварувања кои третираат теми со широк опсег - од последната супа на Че Гевара таму горе, високо на Андите, пред да биде егзекутиран, до светлината на крајот од тунелот за една симпатична Казахстанка, која конечно ја открива своја женственост. Секогаш силните национални кинематографии на Полска и Шпанија на јубилејното, петто издание на фестивалот се застапени со три филма. Од прославената филмска школа во Лоѓ ни доаѓаат две силни остварувања кои нема да ве остават рамнодушни поради нивната експлозивност, а единствениот документарен филм во официјалната селекција ќе не’ разигра со фламенкото, истовремено враќајќи не’ во мрачните, диктаторски времиња на Стариот континент, диктатурата на генерал Франко, истакнува Анѓелков.

Ова подразбира дека Фестивалот ја продолжува традицијата да го става фокусот на главната програма, први и втори филмови на нови режисери од цел свет, дека во случајов во нејзини рамки ќе бидат прикажани филмови од Шпанија, Иран, Боливија, Грција, Полска, Казакстан и Хрватска, а притоа „доминираат социјални драми, но има и биографски документарни филмови“. Кон ова уште и информацијата дека Програмата е надополнета со атрактивни содржини како онаа „Посветено на Фернандо Труеба“, прославениот шпански режисер, кој патем ја „откри“ Пенелопе Круз, а во случајов ќе понуди избор на филмови кои практично значат пресвртница во неговата кариера. Тука се и „Фокус на Австрија“, потем програмата „Лукс“ на Европскиот парламент која се реализира со поддршка на истоимената институција и на Европската унија, а годинава на манифестацијата ќе се случи и КИНЕНОВА СПЕЦИЈАЛ, која е пресек на најдоброто од светската филмска продукција во последните две години.

- Преку програмата Награда ЛУКС на Европскиот парламент сакаме всушност да ја нагласиме европската идеја за почитување на културолошката разноликост на Стариот континент, и важноста од градење на мостови за дијалог помеѓу сите граѓани на Европа, смета Јовановиќ.

Јовановиќ во дијалог со лауреатката, српската актерка Бранка Катиќ на прес конференцијата во пресрет на Фестивалот

Директорот на КИНЕНОВА и со акцент на тоа дека на ова издание на манифестацијата посебно внимание ќе биде ставено на делото и животот на Билјана Гарваниева, нашата прерано почината документаристка која остави длабок белег во домашната документаристика, но и на меѓународен план со своето творештво и особен творечки сензибилитет.

- Изборот на Билјана Гарванлиева не е случаен. Таа беше еден посебно храбар автор, со голема мисија, да афирмира сензитивни теми кои беа потиснувани во јавноста. Се бавеше со проблемите на обичните, експлоатираните, онеправданите луѓе, а особено со жени во традиционално конзервативни средини. Хуманиот и топол пристап при обработката на темите е нешто што е посебно значајно. Поради сето ова сметавме дека Гарванлиева заслужува посебно внимание во јавноста, кое е недоволно за нејзината величина, појаснува тој.

Од КИНЕНОВА и со информација дека во годинашното главно жири ќе бидат прославениот полски режисер Кшиштоф Зануси, како претседател, и Драгомир Шолев, бугарскиот повеќекратно наградуван млад бугарски режисер и Керем Ајан, директорот на најзначајниот филмски фестивал во Турција, Истанбулскиот филмски фестивал, како негови членови. „Малото“ жири, пак, ќе го предводи Ален Дрљевиќ, наградуван босански режисер, лауреат на КИНЕНОВА во 2017 година, Стефан Арсенијевиќ, режисер и сценарист од Србија и Ана Дишлиеска Митова, креатор и Директор на Филозофскиот филмски фестивал во Скопје.

Кон ова, особено е важно и тоа што на петтото издание на Фестивалот наградата за особен придонес во филмската уметност и е доделена на српската актерка Бранка Катиќ, чија кариера од поодамна ги надмина регионалните рамки и која публиката најмногу ја познава по остварувања како „Ние не сме ангели“, „Црниот бомбардер“, „Белевар на револуцијата“, „Црна мачка, бел мачор“, „Public Enemies“... По пауза од две децении Катиќ, која живее и работи во Лондон, Велика Британија, летово се врати во српскиот театар, во претставата „Самрак на боговите“, на хрватскиот писател Ивор Мартиниќ. Инаку, во последните неколку години јавноста ја гледаше како Дијана, еден од главните ликови во хрватската тв-серија „Новини“, неодамна ја видовме и во ситкомот „Вујко – нови хоризонти“, а се појави и во неколку епизоди од серијалот „Група“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG