Достапни линкови

Николов: Ова не е време на уметникот, туку на претприемачот!


Владимир Николов, композитор, аранжер, оркестратор, диригент, гитарист, пијанист...
Владимир Николов, композитор, аранжер, оркестратор, диригент, гитарист, пијанист...

Секој обид на еден уметник да направи нешто вредно денес, без себеси да се сведува на популизам, лајкови, постови и хаштагови, е всушност битка за уметноста воопшто да опстане. Но, за мене лично, дотолку и подобро, имаме уште повеќе за што да се бориме

Владимир Николов е музичар од посебен ков. Еден од оние чие творештво и делување не признава никакви огради. Никакви граници. Како композитор со леснотија се користи со неколку музички јазици и плови во различни музички жанрови, притоа потпирајќи се на темелите на класичната музика и на џезот. Како аранжер, пак, повеќепати бил „зад сцената“ на значајни светски оркестарски проекти, а згора на тоа често настапува и како диригент и гитарист со познати солисти и ансамбли.

Роден 1979 година во Скопје, во светот на музиката влегува на 14 години пребирајќи по жиците на својата гитара. Потем, разбирливо патот го води на Музичката академија каде ги откривал тајните на инструментот и дипломирал со оригинална композиција. Длабоко инспириран од својот ментор и професор, композитор и аранжер Илија Пејовски, тој започнал да компонира и аранжира. Во есента 2002 година ги започнал своите студии по џез композиција и аранжирање кај Јуре Хаанстра на Конзерваториумот во Амстердам, Холандија, и три години подоцна магистрирал со фокус на творби за поголеми ансамбли. Неговото композиторско портфолио вклучува дела за пијано, гитара, камерна музика, Биг бенд и симфониски оркестри. Николов досега работел аранжамани за ансамбли како Метропол оркестра, Бриселската филхармонија, Берлинскиот арт оркестар, Би-Би-Си радио оркестар, Белградска филхармонија и Херитејџ оркестра, а соработувал и со уметници и музичари како Џон Клејтон, Ренди Брекер, Винс Мендоза, Чака Кан, Џулс Бакли, Џејков Колиер и други. Многу од ваквите проекти биле снимени и објавени од значајни светски издавачки куќи, а потем изведувани во извиканите европски концертни сали. Како композитор и продуцент, тој е потписник на два студиски албума со Nikolov-Ivanovic UNDECTET за кои од угледниот Jazz Times ќе бидат бележани за „еден од моментално најкреативните нови европски поголеми оркестри“, посебна успешна приказна е неговото присуство во креирањето на филмска музика, а за своите дела за Биг бенд и Симфониски оркестри добитник е на неколку престижни награди. Во последниве неколку години работи и живее во Белград, соседна Србија.

По петнаесетина дена од отворањето на 43 Денови на македонска музика и настапот како диригент и композитор на концертот „Генерации“ со Биг бендот на ЗЏМ што е она првото на кое си помислува Владимир Николов? Во каков спомен ќе му остане таа вечер и неговото враќање дома, концертот со старите музички соборци?

- Споменот е несекојдневен, и за мене лично многу посебен, бидејќи всушност се работи за мојот прв концерт со Биг бенд во Македонија, барем како диригент. Неколку дена отпосле бев сеуште во шок, од самата посветеност на овој одличен состав, до упорноста да се стигне до некое космополитско ниво на изведба, што е секако реткост во регионот. Мислам дека ова беше најблиску до тоа што е можно, и тоа со авторска програма. Ова секако беше еден голем исчекор во однос на поранешните Биг бенд стандарди во Македонија. Во овој оркестар фигурираат имиња кои веќе ми беа познати, но немавме шанса до сега да правиме нешто посериозно заедно, па и од таа страна гледано е прво искуство. Се работи за цело јадро на одлични млади музичари под водство на Гоце Стевковски, еден сестран тапанар и посветен музичар, кои овој бенд го држат заедно и прават да звучи светски. Секоја чест за сите нив што успеваат да го одржат овој состав на ова ниво, и благодарност до СОКОМ што токму нив ги викнаа за оваа пригода.

Може ли од она што беше понудено да се добие каква-таква слика за современото македонско творештво во доменот на џезот, во музиката за поголеми оркестри? Доаѓа ли нова генерација на творци која гордо ќе оди по стапките на еден Илија Пејовски, Живојин Глишиќ...

- На слушателот е да пресуди, но јас мислам дека после овој концерт е јасно дека традицијата продолжува, штом има толку многу нови млади автори кои ја прегрнаа шансата овој пат да напишат нешто вредно. Напредокот се гледа не само во оркестрираниот дел, туку и во идејните решенија и разноликоста на авторите. Исто така, постои посебност во врска со некои од македонските автори, во однос на ритамот, фолклорот во контекст на пишувањето за Биг бенд, некој чуден спој кој е всушност оригинален, и не би функционирал на ниедно друго место. Тука се и изведувачите во оркестарот, кои се секако двигател на композиторската мисла, но се истовремено и Македонци кои добро го знаат џез јазикот, што ќе рече дека не им е никаков проблем да се снајдат во брзите нерамномерни ритми. За авторите пак, едноставно е полесно да се пишува за бенд којшто постои и работи, а не за некој замислен Биг бенд. Тука сметам дека голема улога треба да одигра и самиот систем, да не речам државата. Ваквиот оркестар треба максимално да се поддржи и цени како национална вредност, не само како професионален оркестар. Овој феноменален Биг бенд дознав дека нема свој простор за проби, за почеток. Тоа мора да се поправи.

Како композитор на класична и џез музика, инструменталист, диригент...Николов подолго време живее и твори во Белград, соседна Србија. Како и зошто се случи „преселбата“ таму ако се знае дека едно време беше професор на Џез академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип? Што ти беше идејата и колку од таму успеваш да ја реализираш?

- Во Белград конкретно имам голем број на колеги одлични музичари кои делумно ги запознав за време на студиите во Холандија, а дел ги знаев и локално, и тие луѓе не ми беа директно на располагање додека живеев во Скопје, и работев во Штип. Во меѓувреме од 2012. година почнав да работам на Факултетот за Музичка уметност во Белград, бидејќи се отвори нов џез оддел, и долго време живеев на релација Белград-Скопје, но со работни обврски надвор од Скопје генерално, што беше многу напорно и дефинитивно неодржливо. Од 2017 година почнав почесто да работам и со Биг бендот на РТС, така што беше неизбежно да ја донесам очигледната одлука. Од кога веќе се преселив, покрај другите активности, формирав и бенд со истите тие музичари кои цело време ми беа на располагање, и веќе издадовме два албума.

Како се случи соработката со Срѓан Ивановиќ и вашиот UNDECTET за кој во угледниот Даунбит ќе биде забележано дека е „најкреативниот актуелен поголем џез ансамбл во Европа“? Дали овие зборови се потстрек или обврска за вас како креативци. Конечно на што работите во моментов како бенд?

- Срѓан Ивановиќ го запознав во сега далечната 2003 година, за време на студиите во Амстердам, Холандија и веднаш станавме добри другари и колеги. Низ годините работевме заедно на различни проекти, и продолживме дури и откога се вратив во Скопје. Во моментов кога добив идеја за поголем ансамбл во Белград, и ги имав на располагање речиси сите музичари, во разговорот со него се одлучивме тоа да биде заеднички проект, каде што и ние двајцата би свиреле и би реализирале авторска музика. Во приказната нешто потоа се најде и Војислав Пантиќ, џез новинар и пред се вљубеник во џезот, кој многу ни помогна во реализацијата на оваа идеја. Брзо потоа веќе договоривме снимање и концерт на Џез фестивалот во Панчево во 2017 година, што беше првиот настап веднаш после снимањето. По неколку години, настапи, и еден албум подоцна, настапивме и на Белградскиот џез фестивал, каде имавме и интернационална публика и многу новинари од цел свет, од кои настанаа и добрите критики кои потоа се нижеа во недоглед. Ова дефинитивно не издигна на друго ниво. Во моментов работиме на организација на неколку настапи следната година, бидејќи ситуацијата не погоди слично како и сите останати, но можеби и малку повеќе, бидејќи сме поголем состав.

Посебна приказна се твоите аранжмани за оркестри за композиции на авторитети како Херби Хенкок ( на Норт Си џез фестивал 2020), или оркестрации на аранжамни како оној греми номинираниот на Џејкоб Колиер на класиката на Лајонел Ричи ... Колку ваквите признанија ти ги отвораат вратите на интернационалната сцена? Подготвен ли си за следниот исчекор надвор од регионот? Конечно може ли од овде да се направи кариера? Човек да се избори за позначајно место на глобално ниво?

- Во мојот случај, исчекорот прво се случи како аранжер, и во таа улога овие достигнувања веќе се некаков логичен тек. Повеќе отколку признание. Така што тука веќе не постои борба, јас редовно добивам нарачки од кои некои се звучни и престижни, а некои се сметаат за редовна рутина. Мојата лична битка моментално е ова да се прошири на авторскиот дел, најверојатно низ призмата на UNDECTET-от кој стана некаков носител на таа идеја во последно време. Во врска со правењето кариера од овде, сметам дека тоа прашање од секогаш сме го поставувале со несоодветно тежиште. Не е воопшто проблемот во тоа каде сме и од каде правиме кариера, туку што правиме конкретно, каква музика, која приказна, дали сите вклучени во тоа го живеат тоа што го прават, и така со ред. А тоа од каде сме и дали е тешко да си Балканец а притоа успешен, мислам дека е вториот степен во таа проблематика. Секако дека има пречки, но тие пречки денес се помали од било кога порано. Денес, според мене, е поголема пречка да се биде оригинален и посебен во овој океан од информации и автори. Ние во овој период живееме како во Пандорина кутија, и во неа ништо не е посебно. Се* е некако веќе видено, и пречката е обичноста, достапноста, и квантитетот на информации на сметка на квалитетот. Реално ова и не е време на уметникот, туку на претприемачот. Во тие негови „пет минути“, ова нам ни е вистинската препрека, не националноста и локацијата. Системот на вредности не присилува и ние да се фатиме на орото и да изигруваме претприемачи. Сите сме присилени на себе рекламирање, на манијакално користење брза и површна технологија, и сето тоа во служба на тоа да бидеме чуени, што би требало да биде најосновно право, а не некаков престиж. Како некој со копче да притиснал спуштање на уметноста и креативноста неколку нивоа подолу од порано, и сите заедно тоа слепо го следиме. Сметам дека во некоја еволуциска рамка тоа е тажно, и оти ние моментално живееме надолна крива, во однос на духовноста и културата генерално. Така што секој обид на еден уметник да направи нешто вредно денес, без себеси да се сведува на популизам, лајкови, постови и хаштагови, е всушност битка за уметноста воопшто да опстане. Но, за мене лично, дотолку и подобро, имаме уште повеќе за што да се бориме, и од таа амбивалентност и внатрешен крик никнуваат нови дела.

Кога пишуваш музика што ти е примарно како на автор? Ја знаеш ли целната група или оставаш емоцијата да го води твоето авторско перо? Притоа што значи жанровската определба? Каква е твојата лична музика? Се трудиш ли да останеш доследен на некогашната примарна емоција, на она што те внесе во овој свет на ноти и хармонии?

- Мислам дека “целна група” и како поим и како идеја е исто продукт на маркетингот и ова статистичко време, и сметам дека е бесмислено сите да се однесуваме како да е нормално да гониме „целни“ групи. Не е нормално и никогаш не било, иако сме денес присилени да размислуваме така и да работиме така. Во очите на творецот, ова е чиста пропаганда. „Целната група“ самата себеси се оформува, а авторот сам себеси се поткопува ако си дозволи да ја брка или следи, бидејќи тоа е исто како да си ја бркаме својата опашка. Групата треба да го следи авторот, а не авторот групата. Сите технички средства, вклучително и жанрот, треба да бидат подредени кон она што сите автори го бараме, присилуваме, а всушност истотака треба да дојде само од себе. И тоа е најдобро да нема име, оти името му ја омаловажува енергијата и интензитетот. Дури и ако насловот отсликува некаква емоција, таа одлука доаѓа подоцна од иницијалниот момент на идејата, во којшто нема ништо, во најдобар случај. Една чистина, комплетно празен терен на којшто треба нешто да се изгради од нула. Од кога таа идеја ќе прерасне во нешто препознатливо, дури тогаш доаѓаат првите рационални одлуки околу правецот каде тоа ќе води, како ќе се вика, кој ќе го свири, слуша, и т.н. Сметам дека тие одлуки се второстепени, во финалниот резултат. Една генијална идеја, која извира од ништо, може да продре низ сите стилови, изразни средства, и целни групи.

Колку како автор и уметник е отворен за соработка Владимир Николов?

- Одговорот би требало да се наоѓа во бројот и разноликоста на моите соработници досега. Речиси и да немам одбиено соработка во изминатиов период, освен во исклучителни случаи каде времето и просторот биле пречка. Секој повик е предизвик и потенцијална шанса да се направи нешто убаво.

Конечно, дали заминувањето од Македонија значеше и непожелувано „отсуство“ од случувањата на овдешнава музичка сцена? Николов во меѓувреме не мируваше, но некако вестите за неговите исчекори ( изданија, концерти, настапи на фестивали...соработки со славни имиња) како да застануваа и завршуваа на Табановце. Со твојот состав никако да стигнете на некој од овдешните фестивали. Што говори ова?

- Мислам дека не е лесно да се одржи голем ансамбл генерално, и пречките за коишто говорев во едно од претходните прашања не опфаќа и нас како ансамбл, и Балканските држави воопшто, посебно во оваа бесмислена ситуација. Но, случајно или не, токму во овој момент барам начин да изведеме една мини турнеја по Македонија со нашиот ансамбл, и се надевам дека тоа ќе се оствари следната година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG