Достапни линкови

Јубилејната „Друга приказна“ посветена на книжевноста за деца


Плакатот за јубилејното петто издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ дело на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ
Плакатот за јубилејното петто издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ дело на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ

Во организација на Темплум, од 03 до 05 септември, во МКЦ – Скопје, ќе се одржи петтото издание на фестивалот „Друга приказна“. Темата на манифестацијата е насловена „Грозовилата во Страшната шума“, според истоимената книга на годинашниот лауреат - словенечката писателка Јана Бауер.

В четврток најнапред промоција на 92 број на списанието МАРГИНА во случајов комплетно посветено на децата. По неа изложбата „Пет години ДРУГА ПРИКАЗНА“ на која Владимир Јанчевски ќе ги претстави фотографиите на Ванчо Џамбаски, Јелена Белиќ, Драги Неделчевски, Небојша Гелевски, Жарко Трајаноски и Наташа Гелева. И за крај на отворањето традиционалниот книжевен натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“ со творби за деца и детско гласачко жири, а каде учесници се Румена Бужаровска, Николина Андова Шопова, Калина Малеска, Владимир Лукаш, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Билјана Црвенковска, Снежана Стојчевска, Д. А. Лори, Ана Аврамовска, Николинка Ќорвезироска, Катерина Трајановска, Ана Голејшка Џикова, а водител Ѓоко Здравески.

В петок, пак, најнапред децата заедно со аниматорот Доротеј Нешовски ќе ја цртаат Грозовилата, потоа следува разговор за книжевноста за деца во земјава со Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Ване Костуранов, Билјана Црвенковска и Марија Тодорова како дискутанти. За 20 часот е најавено претставување на словенечката писателка Јана Бауер, добитничката на главната награда на Фестивалот и во нејзина чест сценско-театарски Приказ на Грозовилата“ во режија на Нела Витошевиќ, а згора на тоа и Театар на сенки – Наш мал театар со две игри - „Заробената љубов“ и „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“.

Конечно, на третиот ден едно по друго уште разговори за книги со деца каде аниматори е најавено да бидат Црвенковска, Фросина Крушкаровска, Искра Димковска, Симона Спировска... и како големо финале концертот „Мојата омилена песна“ во чии рамки се планирани настапите на Ана Христова, Ива Дамјановски, Долорес Поповиќ, Хана Корнети, Јоана Ристеска, Џијан Емин, Оливер Јосифовски, Лепи Џони, Ненад Тонкин, Лукаш & Јовановиќ, Харикли & Лукаш, Сашко & Олег Костов, Сецко & Исак Хаџиќ, Јоана Ристеска...

Една од фотографиите од изложбата „пет години ДРУГА ПРИКАЗНА“
Една од фотографиите од изложбата „пет години ДРУГА ПРИКАЗНА“

Ете ова во неколку реченици е програмата на годинешното, петто по ред издание на регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“кој, во организација на издавачката куќа „Темплум“, од 03 до 05 септември, со сите пропишани протоколи за превенција и заштита од Ковид-19 ќе се одржи во попладневните и вечерните чесови во Младински културен центар – Скопје. Манифестацијата, по минатогодишниот фокус на маргините, овојпат и е посветена на книжевноста за деца.

„Оваа година целиот фестивал е посветен на детската книжевност. Има многу причини за тоа, а најважна е што кај нас е запоставена оваа книжевност. И критички и на пазарот и во медиумите, а во суштина таа е неверојатно важна. Детската книжевност, да речеме, е темел на целокупната книжевност, па дури и повеќе би рекол – темел на целата култура на едно општество. Во рамките на детската книжевност создадени се ремек дела. Многу значајни книги. Дури и во македонската не толку богата книжевна традиција има многу важни, а заборавени или запоставени дела од детската книжевност. А, кога зборувам за детска книжевност мислам и на илустраторите, често сјајни сликари и се разбира на писателите“, вели Никола Гелевски, уредник на програмата на Фестивалот.

Тој појаснува дека и покрај тоа што „Друга приказна“ на книгоиздателството Темплум е регионален фестивал што ја третира книжевноста на поинаков начин, поради светската пандемија, годинава нема да има странски гости но дека сепак ќе понуди тродневна разновидна и возбудлива програма наменета за сите возрасти.

„Друга приказна“ е ретка прилика да се видат голем број наши писатели и музичари на едно место, во динамична и возбудлива атмосфера. Конечно, алузиите содржани во насловот се обидуваат да ја дофатат и атмосферата на оваа необична пандемиска година. Фестивалот ќе се обиде да ги артикулира и освести наизглед противречните тенденции околу неа: одвоеноста и поврзаноста, куќниот карантин и страшната шума, креативноста и немоќта“, ќе забележи Гелевски.

Цртеж на петгодишниот Калин Доковски инспириран од книгата „Грозовилата во Страшната шума“ на Јана Бауер
Цртеж на петгодишниот Калин Доковски инспириран од книгата „Грозовилата во Страшната шума“ на Јана Бауер

А, по Давид Албахари во 2016 на првото издание на „Друга приказна“, потем нашиот Влада Урошевиќ наредната година, хрватската писателка Оља Савичевиќ – Иванчевиќ во 2018 и Ненад Величковиќ од Босна и Херцеговина минатата година, овојпат добитник на главната награда на Фестивалот е Јана Бауер.

Јана Бауер е популарна словенечка писателка за млади. Дипломирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и ТВ во Љубљана. По завршувањето на студиите се посветила на пишување фантастични приказни за деца. Нејзиниот прв објавен роман бил номиниран за наградата Вечерница, 2003. Потоа објавила низа детективски приказни, а најголема популарност меѓу младите читатели постигнала со книгата „Грозовилата во страшната шума“, која кај нас на македонски јазик е објавена од издавачката куќа Артконект и според која организаторите го насловија годинешното издание на „Друга приказна“.

Словенечката писателка на литература за деца Јана Бауер
Словенечката писателка на литература за деца Јана Бауер

Инаку, Фестивалот со ова издание одбележува и пет години од своето постоење, а Никола Гелевски знае да каже дека опстанале со „помош на трикови и филмска магија“ и дека манифестацијата израснала од идеја и на мускули.

„Буџетите се многу мали. Министерство за култура дури и кога ќе ти одобри некој многу скромен грант, на пример 100.000 денари, чекаш за него половина година, цела година и станува бесмислено кога ќе ги добиеш парите. Еве годинава регионалната мрежа Традуки ни додели мал грант...и така се крпиме. Опстојуваме главно со големиот ентузијазам на луѓето во малу бројната екипата која од време на време се менува, а имаме и силна подршка од младата книжевна и не само книжевна сцена. Ете тоа не тера да буткаме и покрај лошите услови за работа во годиниве наназад“, смета тој.

Кон ова само уште информацијата дека иако влезот на сите делови од програмата на Фестивалот е бесплатен и не е потребно претходно резервирање на влезници, бројот на публика на секој дел од програмата ќе биде строго регулиран во согласност со мерките за спречување на ширењето на корона вирусот. Згора на тоа сите настани ќе бидат на отворено, просторот ќе биде строго контролиран со придржување до меѓусебната дистанца од два метра, задолжително носење маски, достапни средства за честа дезинфекција на рацете. На платото пред МКЦ ќе бидат поставени и 100 столчиња на соодветно растојание и доколку сите столчиња се зафатат, ќе биде дозволено стоење на платото зад нив, со задолжителната меѓусебна дистанца.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG