Достапни линкови

Павловски: Колективниот договор во културата се претвори во системска Одисеја


Гоце Павловски, секретар на Синдикатот на културните работници на Македонија

Колективниот договор е прекршен, а СКРМ и СОНК најавија опомена за тужба до Министерството за култура. Тие се категорични дека доколку не им бидат исплатени платите проблемот ќе добие и медиумска актуелизација во државата и надвор од неа, се до канцеларијата на Европската унија.

Гоце Павловски е магистер по класична археологија и Виш кустос во Националната установа Стоби. Роден 1984 година во Скопје, тој дипломирал и магистрирал на Институтот за историја на уметноста и археологија, отсек археологија, на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Павловски веќе половина декада е секретар на Синдикатот на културните работници на Македонија и со него разговараме за актуелните состојби со прекршувањето на две децении очекуваниот Колективен договор во културата што е само една од повеќето болни точки во оваа дејност кај нас, која наместо „насловна страница“ и натаму останува монета за поткусурување.

Иако громогласно беше најавено неговото декемвриско донесување и од јули годинава требаше да почне да се применува, Колективниот договор во културата повторно „заглави“ . Вработените останаа без плата, а вие од СКРМ и СОНК најавувате опомена за тужба до Министерството за култура.

Колективниот договор во културата постепено од десетгодишна Тројанска војна има тенденција да се претвори во системска Одисеја. Ни требаше долго време и напорни преговори со Министерството, во кое патем се сменија три министри, за конечно после протест и штрајк да дојдеме до потпишување во декември 2019 година. Договорот стапи на сила во јануари, а одредбите за плата, на барање на Владата беа пролонгирани најдоцна до 01 јули 2020 година. За жал, овој период од шест месеци некои деструктивни струи го искористија за максимално да се посветат на минирање на договорот, па секако добредојден им беше заклучокот на Владата од 32-та седница каде на многу навредлив и правно неук начин беше препорачано да се одложи Колективниот договор во културата до крајот на 2020 како непродуктивен трошок. Од Министерството за култура, дописот веднаш беше проследен до институциите каде многумина малициозни лица го протолкуваа дека Колективниот договор за култура не важи. За среќа на сите вработени, СКРМ и СОНК го отфрлија заклучокот, а и на состанок со техничкиот премиер Оливер Спасовски и вицепремиерката Мила Царовска беше утврдено дека во ниту еден момент немало дилема за важноста на договорот и дека штом заклучокот како препорака е отфрлен, тогаш Министерството треба да обезбеди средства од неговиот буџет кои не се реализираат во огромна мерка поради Ковид кризата. Веднаш по состанокот, на веб страната на Министерството за култура беше објавено дека одредбите за плата ќе се спроведат со јулската плата, за потоа да следи и допис до институциите за пресметки според одредбите од Колективниот договор.

Во меѓувреме настана уште еден проблем - новите систематизации и новите решенија за плата.

Токму така. Се јави уште еден проблем со различно толкување на членот 127 каде стои дека по потпишувањето на договорот треба да се изработат нови систематизации за организација на работните места и нови решенија за плата усогласени со законот и договорот. Синдикатите сметаа дека таму каде што не постојат разлики и единствената промена е датумот на систематизацијата на работни места е апсурдно да се изработуваат нови акти и дека треба само нови решенија за плата, но Министерството инсистираше на почитување на договореното и нивното толкување на членот. Точно е дека овој процес ја пролонгираше пресметката на платата, но треба да се има предвид дека МИОА ги ангажираше сите свои ресурси за да им излезе во пресрет на вработените од културата и интензивно се работи на доделување на согласности на новите систематизации.

Очекувате ли и натаму пречки во спроведувањето на Колективниот договор во културата?

За жал, деновиве неофицијално од Министерството за култура се шират информации дека платата ќе се исплати по стари коефициенти, дека Министерството за финансии не дозволува или дека антикорупциска комисија не дозволува. Овие тенденциозни информации шират огромна паника во институциите. Сакам јавно да нагласам дека со колективниот договор за култура, од 01.07.2020 година повеќе не важат колективните договори на ниво на установи и дека не постои ниту една законска можност за пресметка на плата на друг начин освен според членовите 65 и 66 од Колективниот договор. Ова треба да им биде јасно на сите деструктивни субјекти кои сакаат и бараат начини да не се реализира договореното. Исто така, министерството за финансии го одобри договорот пред да биде потпишан, а и Владата му наложи на Министерството да пренамени средства. Според сето ова не гледаме пречка за реализација на договорот и негово одолговлекување.

Конечно, што понатаму ако и оваа опомена или евентуалната тужба не донесат ништо опипливо за работниците во културата?

Опомената пред тужба ја доставивме за да му покажеме на Министерството и на Владата дека работничките права се сериозна работа и дека синдикатите бескомпромисно ќе се борат за нивна заштита. Доколку Министерството и по предвидениот рок не ги исплати платите согласно колективниот догoвор ќе следи протест и тужба, а проблемот ќе добие и медиумска актуелизација во државата и надвор од неа, барање помош од странските амбасади, синдикатите на европско ниво и канцеларијата на Европската унија. Двата синдикати се решителни да се спроведе договореното затоа што доволно беа пролонгирања, доволно беа манипулации. Искрено не сакаме судски спор затоа што тоа ќе ја изложи државата на дополнителни трошоци, многу поголеми од средствата потребни да се спроведе договореното.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG