Достапни линкови

Родители со онлајн петиција за онлајн настава


Илустрација, онлајн настава

Наставата за новата учебна година е се уште неутврдена, а во меѓувреме родители започнаа петиција со барање за онлајн настава.

Денеска претставниците на Министерството за образование и наука и членовите на Комисијата за заразни болести требаше да ја продолжат дискусијата за наставата од септември, откако вчера не излегоа со конкретен план и решение, но средбата се одложи за утре.

Во меѓувреме отворена е онлајн петиција од родители кои бараат наставата да се одвива со далечинско учење. Петицијата ја имаат потпишано над 2500 родители, а барањето особено се однесува на учениците од прво до петто одделение. Авторите на петицијата упатиле и официјално барање до надлежните институции.

Во петицијата се бара да се донесе одлука за далечинко учење за сите ученици, а посебно да бидат опфатени децата од прво до петто одделение, имајќи ја предвид возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи.

„Понатаму, единствено со онлајн настава ќе се заштитат децата, наставниците, родителите и нивните блиски, вработените, ризичните групи и целата популација. Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува два часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население“, се вели во петицијата.

Се додава дека со предложениот модел за физичко присуство, дополнително се комлицираат обврските на родителите, а доколку во целиот тој процес бидат вклучени бабите и дедовците (што се чини неминовно), доколку родителите се на работа, се ризикува животот на најранливата категорија граѓани.

Понатаму се бара без исклучок да биде дадена можноста еден од родителите на децата до 10-годишна возраст, да биде ослободен од работа или да има скратено работно време.

„Децата до оваа возраст не можат самостојно да престојуваат дома, особено кога можноста за целодневна настава е исклучена. Потребата од родител постои и во понудениот модел со скратена настава и сменско работење“, нагласуваат авторите на петицијата.

Иако беше најавувано дека на 10 август ќе бидат финализирани протоколите за почеток на учебната 2020/2021 во услови на пандемија, состанокот вчера заврши без заклучоци и со известување дека ќе продолжи денеска.

XS
SM
MD
LG