Достапни линкови

Битола беше град со релативно малку заболени, а сега бројката расте


Тестирање за Ковид-19

До 26 јули Битола имаше 55 активни случаи, Прилеп 51, а Ресен 46. На 10 јули, пак, оваа бројка во Битола беше 24, во Прилеп 58, а Ресен 88. Кризниот штаб на Општина Битола соопшти дека присутна е појава на асимптоматски случаи, а возрасната граница кај заболените во Битола се спушта,

Од град со релативно малку заболени, Битола по број на активни случаи со коронавирус ги надмина и Прилеп и Ресен, општини кои на почетокот на јули имаа двојно, па и тројно повеќе лица кај кои болеста беше во тек за разлика од Битола. Според статистиките на Министерството за здравство, во Битола oд појавата на пандемијата се заразиле над 115 лица, а болеста е во тек уште кај шеесетина. За само две недели бројот порасна повеќе од двојно.

За илустрација, до 26 јули Битола имаше 55 активни случаи, Прилеп 51, а Ресен 46. На 10 јули, пак, оваа бројка во Битола беше 24, во Прилеп 58, а Ресен 88.

Од сегашните заболени во Битола помал број се хоспитализирани, а поголем на домашно лекување. Но, загрижува податокот што дел од заразените не дале информации за контакт со потврден позитивен случај. Меѓу позитивните на ковид-19 има лица на различни возрасти, па и двајца осумнаесетгодишници.

„Се заштитуваме, миеме раце, носиме маски, ги учиме децата како да се заштитуваат. Но, младите не слушаат, се дружат секоја вечер. Ги сретнуваме навечер без маски низ Шеталиште, па кај некогашната Бела фонтана. И сметам дека ова е опасно.“

„Според мене, наглото растење на бројот на заболени во Битола лежи во човечкиот фактор односно во неодговорноста на луѓето. Треба да се почитуваат марките за дистанца и носење маска.“

„Како не стравуваме? Затоа и на велосипед маска носам на лице.“

„Најверојатно некои ги кријат контактите. Познавам лице позитивно на коронавирус, тој е на домашно лекување, бил во канцеларија со колеги, а никој од нив не е во изолација“, велат битолчани.

Во Битола има еден кластер поврзан со текстилна компанија, други помали семејни и работни кластери и индивидуални случаи кои не потврдуваат дека биле во контакт со други позитивни лица. Меѓу заболените битолчани се и вработен во јавно претпријатие, па работник од државна компанија, пензионери, студенти, млади лица кои правеле тестови за да отпатуваат во странство, а биле асимптоматски.

Кризниот штаб на Општина Битола соопшти дека присутна е појава на асимптоматски случаи, а возрасната граница кај заболените во Битола се спушта, така што заболуваат и лица на возраст меѓу 20 и 30 години. Од Кризниот штаб преку соопштение предупредија дека криењето контакти на заболени и непочитување на мерките за изолација се кривично дело.

„Во следниот период, се засилуваат контролите од страна на СВР Битола, како и од Општинскиот комунален инспекторат, а согласно со законската регулатива секое непочитување ќе биде соодветно санкционирано. Општинскиот кризен штаб ги информира и лицата кои се наоѓаат во самоизолација, дека за набавка на потребните намирници, можат да ја контактираат Општинската организација на Црвениот крст“, соопштија од Кризниот штаб.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG