Достапни линкови

Виртуелниот како замена за реалниот контакт со уметноста?!


Уметниците и луѓето од културата со став дека виртуелниот момент никогаш не може да го замени реалното доживување на едно дело во галерија или во музеј.

Во време на светска пандемија и превенција од вирусот Ковид - 19, кога патем скоро сите културни институции првично ги затворија портите за посетителите, уметноста релативно брзо го повлече единствениот разбирлив потег – да го освои виртуелниот простор со помош на интернетот и социјалните мрежи. Како глобално, така и кај нас. Но, по краткото искуство и првичното задоволство, и натаму останаа отворени одредени дилеми – дали иднината на современата уметност, на културното благо од минатото, на овде притаената еруптивност и енергија на творците... ќе останат така заробени и колку виртуелниот простор може да биде замена за реалното доживување на едно дело во галерија, во музеј.

- Ние уметниците сме познати по таа инспиративна изолација која ја иницираме кога создаваме една изложба. Сите сме затворени со мислата дека делото веќе уште утре ќе комуницира со јавноста. И сите некако го очекуваме тоа силно чувство на наплив на народ, на различни реакции на отворањето на поставката. На сознанието дека нешто си создал и дека сега претстои индивидуално доживување на делото од публиката. И сега работите се изместија. Делото веројатно ќе има можност да оствари дијалог со мал број на публика или да биде ставено само на некоја од дигиталните платформи. Така во суштина се губи и самата идеја за претставување на уметноста. Она што не учеа нашите професори, нашите авторитети – дека треба да создаваме а потоа дека делата треба да се видат, да се почувствуваат... со него да шетаме по светот и да го видат и доживеат во други средини. Виртуелниот момент никогаш не може да го замени реалното доживување на едно дело во галериски простор, вели Д-р Дита Старова Ќерими, уметничка, универзитетски професор и актуелна директорка на Национална галерија во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Марија Светиева, уметницата чија актуелна изложба на акварел „Македонски пејсажи“, до вторник 21 јули љубителите на уметноста сеуште можат да ја видат во скопската Галерија КО-РА, истакнува дека „со оглед на ситуацијата која ја имаме со вирусот за кој и не се знае уште колку долго ќе биде присутен, треба да се најде начин како уметникот наједноставно да ја пласира својата уметност пред публиката“. Таа, покрај веќе сега веќе двата познати, со отварање на изложби во музеите и галериите следени од строгите протоколи за заштита на СЗО и преку социјалните мрежи на интернет, заговара и посебен телевизиски канал за култура и уметност кој со големо внимание „ќе ги проследува изложбите и ќе ги прикажува делата на уметниците“.

- Третата опција е да има посебен телевизиски канал за култура и уметност кој со особено внимание ќе ги проследува изложбите и ќе ги прикажува делата на уметниците. И тоа секојдневно, нешто како вести и емисии од културата.

На крајот на денот не знаеме што ни носи иднината, и дали нема повторно следната година да ни се појави нешто друго, некој друг срмтоносен вирус. Не можеме да бидеме постојано во изолација, туку животот треба да го живееме исполнето. А да не заборавиме и тоа дека уметноста е храна за душата. Без неа животот би бил празен, појаснува Светиева.

Во овој контекст, во неодамнешниот разговор за РСЕ, Мира Гаќина – директорка на Мусеј на современа уметност – Скопје, за тоа колку во перспектива може да се измести нашето поимање за реалното и директно уживање во творештвото, во уметноста појаснува:

- Мислам дека виртуелната прошетка не може да биде замена за посета на Музеј. Самите објекти се така дизајнирани за да овозможат едно ниво на апстракција од реалниот простор и време, потребно, за да се има некакво уживање во уметничкото дело, да се добие инспирација. За нас е тоа особено важно бидејќи нашата програма предвидува и чести средби со уметници, теоретичари, предавања, интерактивни проекти, музејскиот простор го гледаме, пред сѐ, како место за средба, за директен контакт.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG