Достапни линкови

„Локум фест 2020“ со македонска музичка приказна


Со учество на ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, БАЛКАВА и ЉУБОЈНА, од 22 до 24 јули, во Пацио – Завод и музеј во Битола, во организација на Центарот на културна деконтаминација, ќе се одржи 14-то издание на Балканскиот етно - фјужн фестивал „Локум фест“ чија цел е промоција на живото културно наследство.

По минатогодишното исклучиво успешно издание на кое настапија Марко Боско од Бразил, Маки Хакија од Јапонија, Танос Ставридис од Грција и нашите АНСАМБЛ МАКЕДОНИЈА, ПЕРИЈА и Јордан Костов, на Битола и воопшто на македонската култура, и во време на корона, ќе им се случи „Локум фест“, фестивалот чија цел е промоција на живото културно наследство. Но овојпат, од сосема разбирливи причини, во трите вечери на сцената во Пацио – Завод и музеј, од 22 до 24 јули, ќе се искачат домашните ансамбли ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, БАЛКАВА и ЉУБОЈНА и несомнено со својата музика и повеќе од возбудливите нови дискографски објави ќе го предизвикаат вниманието на тамошната културна јавност желна за вакви директни средби со своите миленици.

Во пресрет на ова традиционално случување Тоше Ивановски од Центарот за културна деконтаминација и Здружението на граѓани „Локум фест“ вели дека во изминатите 13 години на манифестацијата настапиле преку 68 ансамбли од 25 земји во светот, од Александрија во Египет, преку Финска, Данска, Норвешка, Исланд...и се така до оние во соседството, во земјите каде што се негува етно, амбиенталната, светската и фјужн музиката.

„Она што е карактеристично е дека ние на овој начин ги славиме културното наследство и традицијата и дека на тој начин се ориентираме кон она што значи наследство во светски рамки. Прват годинава, наместо во Старата битолска чаршија кадешто и започна овој Фестивал, одиме во Завод и музеј галерија или во Старата турска касарна, местото кадешто Кемал Ататурк го завршил своето воено школување и кое е заштитен културно-историски споменик. Таму постои еден прекрасен амбиентален простор или борд наречен Пацио во кој можат да се испочитуваат протоколите кои ги бараат Министерството за култура и другите органи на државата кога станува збор за организирање на културни манифестации во време на светска пандемија што ние сериозно го сфативме тоа“, вели Ивановски.

Тоше Ивановски

Во однос на годинашната програма тој горделиво истакнува дека е македонска и дека на „Локум фест 2020“ ги имаат најдобрите или најсвежите изданија на ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, БАЛКАВА и на ЉУБОЈНА, групите кои нема по прв пат да бидат на манифестацијата, но кои доаѓаат по пристојно време во согласност со програмските определби и што е поважно со објави кои се бележани како врв на нивната досегашна творечка продукција.

„Мислам дека се тие, ајде ќе речам, бисерот на македонската чалгиска, етно, фјужн и светска музика...како и воопшто да ги наречеме затоа што отскокнуваат од објава до објава. Едноставно тоа се прекрасни музичари, посакувани за публиката и ова е настан кој во Битола ќе се случи по долго време, по долга пауза во која немавме овој тип на настапи во живо и малку е ако кажам дека сме прилично возбудени“, истакнува продуцентот.

Тој и со појаснување дека „Локум фест“ во последниве неколку години е конечно е препознаен од Министерството за култура и дека подршката е околу 300.000 денари, што е третина од фестивалот.

„Сите оние што се занимаваат со фестивали кои немаат комерцијален карактер и имаат културна мисија знаат дека програмскиот дел се движи некаде, за ваквите мали манифестации, помеѓу осум до десет илјади евра, овде зборувам за авторските хонорари за сериозни ансамбли вклучувајќи ја и меѓународната програма. Во случајов поради пандемијата од Ковид-19 ние настаните од тој дел моравме да ги откажеме и да се фокусираме на она што значи домашна и квалитетна програма така да го прилагодивме буџетот така што 60 отсто од него кај нас оди за музичарите што ние го сметаме за природно и за добро. Меѓутоа самите фестивали генерално немаат нифункционална одржливост, па од таму ние како организатори не може да ги посетиме колегите во Солун, во Букурешт, Белград ...односно партнерските и пријателски фестивали во регионот со кои мора да имаме живи контакти и размена на искуства“, смета Ивановски.

Во контекст на ова Тоше ќе рече и тоа дека во дадениот сегмент со години потешко им оди и дека згора на тоа останува старата болка и натаму да се лимитирани со изборот на програмата, техничката подршка и ангажманот на луѓе без кои една ваква манифестација и не може да се одвива. Притоа и не сметајќи на тоа колку секој во поставеноста лично треба да се вложи и да бидат сторени бројни отстапки за тоа.

Конечно Ивановски и со дополна дека ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, БАЛКАВА и ЉУБОЈНА и тоа како се амбициозна приказна кога станува збор за домашната сцена, но дека во случајов морале да ги откажат настапите на три прекрасни имиња од Европа. Дека за догодина за 15 јубилејно издание имаат одлична програма со која ќе аплицираат пред Министерството за култура, меѓутоа за која не се уверени дека целосно ќе помине кај комисиите.

„Како културни активисти ние сепак инсистираме за промена на критериумите, за рангирање на фестивалите, за јавно објавување на некои ставки кои можеме да ги користиме како авио карти и слично. Значи, бараме малку поголема соработка во начинот на селектирање, вреднување, рангирање и т.н. за да можеме тоа да го планираме. Сепак ние работиме јавна работа, користиме јавни пари и даваме јавен отчет и не сме во етрада туку во јавна служба. Тука би можеле работите да се подобрат, иако пак ќе речам дека сме благодарни и на оваа подршка од Министерството за култура затоа што без неа не би можеле да направиме фестивал посебно и поради тоа што ние за „Локум фест“ немаме ни спонзори“, констатира Тоше Ивановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG