Достапни линкови

„Златен Елец“ или театар отворен за сите


Со 21-та изведба на монодрамата „Дневникот на лудиот“ што ќе се случи в петок на 10 јули и со премиерата на комедијата „Еротика“, обете во режија на Ѓорѓи Ризески и на Скопско лето 2020, официјално почнува со работа Театар „Златен Елец“ зад кој стојат актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова.

Во време на светска пандемија, во време кога театарот за актерите, режисерите... сите кои своето битисање го врзуваат со штиците што значат живот... стана грутка што тежи во грлото или, пак, сведетели сме на ентузијастичките обиди оваа уметност да си го побара и евентуално најде местото во виртуелниот простор, еден мал колектив реши да се огласи и официјално да ја започне својата авантура насловена како Театар „Златен Елец“. Зад ова уметничко здружение со својата нескротлива енергија стојат младите невработени актери Бобан Алексоски и Надица Петрова.

И, по неколкуте најави за доаѓањето на „Златен Елец“ дадени во период кога битките беа дел од тогашното милје во кое ваквите проекти беа на опашката за разгледување кај комисиите во ресорното министерство, а културата наместо насловна страница беше преселена некаде кон крајот до тажните вести и огласи, по априлската изведба на монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ во режија на Ѓорѓи Ризески а во изведба на Бобан Алексоски, за камерите на две социјални мрежи во рамките на манифестацијата Култура во време на корона, еве конечно се случува и официјалниот почеток со работа на овој мал, но храбар алтернативен колектив. А, планот го вели ова – во петок на 10 јули во 21 часот, на отворено во Сули Ан во Скопје, по 21-ви пат ќе биде изведена претставата на Алексоски и Ризески која зад себе досега има три значајни награди на фестивали во Македонија и во соседна Албанија.

Бобан Алексоски во „Дневникот на лудиот“

На 27 јули, на истата сцена и во истиот термин, Тетар „Златен Елец“ ќе ја има својата прва официјална премиера, комедијата со работен наслов „Еротика“ во која покрај Алексоски играат Надица Петрова и Никола Кузелов, а режисер е Ризески. Според авторите станува збор за актуелна тема која говори за едно "издувано" општество каде што не постојат повеќе никакви вредности.

Нашиот порив да создаваме театар посебно во ова време е поттикнат од случувањата што не зафатија на светско ниво. Според нас Уметникот не смее да мирува дури ни во војна. Тоа што театрите се затворија и уметноста замре воопшто е болка што никогаш до сега не се случила и не смее да се случи. Мора да постои начин да изникне уметникот над се. Тешко е да, дури и смешно кога светот се бори со огромно зло да се бориме за јавни настани, но желбата за креирање и примање на уметноста е поголема од се за нас. Ние како невработени актери цело време всушност сме во криза зашто гледаме да преживееме со својата уметност. На 27ми ќе ја дадеме премиерата на комедијата со работен наслов „Еротика“ која исто така ја привршуваме и ништо не не спречи да ги изведеме пробите. Идејата е да бидеме театар отворен за сите во секое време кое ќе го промени или ќе донесе ново мислење на младиот човек. Точно е ние сме невработени, но и да не вработат во меѓувреме ние продолжуваме со ангажман на независната сцена на Театар „Златен Елец“ уште повеќе, вели Бобан Алексоски.

Надица Петрова

Актерот и со информација дека е речиси готова и втората премиера на нивниот театар, но дека се спречени да ја одиграат заради забраната за јавни настани во затворен простор, а претставата многу зависи од просторот.

- Се работи за продолжението на монодрамата – „Дневникот на лудиот 2: Човекојадство“ по текст на Лу Син од истата екипа од првиот дел. Премиерата на оваа претстава ќе се случи веднаш по дозволата за изведба во затворен простор и за ограничен број на публика во Социјалниот центар Дуња во Скопје. Истиот лик сега доживува нова форма на лудило при повторно бегство од лудницата. Мило ни е што оваа едиција што веќе ја имаме е еден вид театарска работилница за лудилото во книжевноста што го опишуваат големи автори како Гогољ и Син, смета тој.

Конечно, од Tеатар „Златен Елец“ и со информација дека го планираат и третиот проект кој и е наменет на најмладата публика и ќе се случи во месец август, а се работи за телевизиска премиера на претставата за деца „Чувари на планетата“. За лекции низ сцени за тоа како да се справиме со сите зла што и се закануваат на планетата Земја. Згора на тоа тие кон крајот на летото ќе организираат и гостувања во другите градови од Македонија со претставите што во овие два месеци ќе ги промовираат пред публиката.

Целта е да посочиме светови во време кога само така можеме да избегаме од она што сакаме навистина да избегаме. Во театар, а сега секаде е театар. Само замисли. И дојди, порачуваат од Tеатар „Златен Елец“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG