Достапни линкови

Светиева со „Македонски пејсажи“ во галерија КО-РА


Триесеттина акварели работени во последниве две години ќе се најдат на изложбата „Македонски пејсажи“ на Марија Светиева, што од 30 јуни до 15 јули, ќе се одржи во Галерија КО-РА во Скопје. Ова е 48 самостојно претставување на уметничката чија првична определба е графиката.

Марија Светиева создава нестварен свет, сочинет од опипливи податоци на личното опкружување мистифицирајќи ја притоа реалноста се дотаму каде што се влегува во сферата на препознавањето на уметничкото поради што уметницата се радува на чинот на создавање надминувајќи го притоа чувството на осаменост и напуштеност, со што ова творештво со право можеме да го наречеме исцелително. Делата на уметницата радуваат и крепат, пленат со животна радост и хармонија произлезени од раскажувач на мали-големи нешта.

Ова, пред цели седум години, во пресрет на изложбата „Танцот на животот“ на која во рамките на Скопско лето уметничката Марија Светиева во Мала станица се претстави со избор од 180 дела селектирани од тогаш скоро три децениското творештво го напиша историчарот на уметност Љупчо Маленко.

Неговите зборови во меѓувреме ниту изгубија на значење, ниту станаа заборав. Напротив и натаму се актуелни ако се има на ум сознанието оти Светиева во летово 2020-то кога работите се превртеа наопаку и стана благодет да се има иложба барем во рамките на некогашната „нормалност“ ќе го стори своето 48 самостојно претставување.

Овојпат, таа на ликовната публика ќе и понуди триесеттина акварели работени во последните две-три години и заедно собрани под еден наслов „Македонски пејсажи“, а поставката од овој вторник напладне, на 30 јуни, ќе се одвива се до 15 јули во скопската галерија КО-РА.

„Изложбата е насловена „Македонски пејсажи“ што значи дека инспирацијата сум ја црпела од нашето поднебје. Од убавините околу нас. На неа се застапени Пелистер, Јакупица, Кожуф, Охрид, Дојран, Преспа, Струга, Кратово... и претставените дела се работени по сеќавање на сето она што ми оставило посебен впечаток и што ме воодушевува. Техниката е акварел работен стилизирано. Некаде повеќе експресионистички, а некаде не. Боите се весели и токму онакви какво што е моето чувство кога сум таму во природа“, вели во пресрет на изложбата Марија Светиева.

Истакнува дека сето тоа не е плод на еднократно воодушевување туку на искуствата таложени со години.

„Тоа се таложело со години и одеднаш се појавува. Нешто е како говор на битието. Отелотворување на емоциите на естетски начин со сите тие спектри на бои. Инаку, како старееме така им се враќаме на корените. Првин кога сме биле млади сме биле воодушевени од она што го гледаме по светот, но како времето минува едноставно сфаќаме дека таму каде што сме родени сепак има нешто повеќе од виденото некаде надвор. Нешто што не врзува или што во меѓувреме научивме да го почитуваме повеќе“, смета Марија.

Таа и со дополна дека оваа нејзина изложба доаѓа по минатогодишното заедничко претставување со колешките Симонида Филипова Китановска и Анета Симјановска Ивановска, и дека всушност и е втора самостојна со акварел по онаа веднаш по дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во сега далечната 1988 година во Охрид. Но, тогаш како што нагласува сликите и биле „по апстрактни“.

„Јас сум графичар и по вокација и по професија, меѓутоа покрај графиката ете ме инспирираат и други работи... па и си сликам и пастели правам, цртежи, акварели... Во последниве три години токму со акварелот учествував на неколку групни поставки во Малезија, Финска, Франција, Романија, Бугарија, на три пати во Италија...и некако тоа така ми тргна.“

Прашана зошто требаше да поминат повеќе од три децении за да му се врати на акварелот, Светиева вели дека причината е едноставна – во тој период безмалку целосно и била посветена на графиката со мали излети кон пастелот. Вели и тоа дека на графиката која малку повеќе ја запоставила од објективни причини ( немала студио какво што и било потребно и машината за принт долго и била во подрум...) засилено и се враќа веднаш по отворањето на оваа изложба.

„Од среда натаму веднаш почнувам со работа на графиката. Имам толку многу идеи во главата и толку многу скици сум направила што нема да чекам ниту момент за да започнам со работа. И ветувам изложба на графика летото наредната година“, ветува Светиева.

Кон ова само уште информацијата дека Марија Светиева во мај годинава требаше да има самостојна изложба на графики и пастели во Кристалната палата, во галеријата Ситар стор во Љубљана, но поради пандемијата таа е одложена за некое поубаво време. Оваа поставка е резултат на нејзината соработка со тамошните организатори и ликовни менаџери по нејзиното успешно гостување на АРТ ЕКСПО во словенечкиот главен град. Како резултат на таквата уметничка врска нашата Марија Светиева успешно беше претставена на изложбите во Лондон и во Прага, а не мал е бројот на актуелните учества на групните онлајн настани на кои е застапено нејзиното творештво.

Родена 1960 година во Скопје, Марија Светиева станува член на ДЛУМ веднаш по дипломирањето во 1987, а три години подоцна добива стипендија и оди да специјализира графика во Болоња, Италија. Во 1991 година е примена за член на Меѓународното здружение на графичари во Рим, а следните четири лета ќе раководи со филмската продукциска куќа „Фарфара ансалт“. Во 2000 година го користела атељето на Меѓународниот град на уметноста во Париз, а во 2004 дипломирала и на Педагошката академија во Скопје.
Светиева зад себе има 47 самостојни изложби во земјава и во странство, била учесник на 290 групни поставки и добитник е на 17 награди за графика и две за цртеж во Македонија, Шведска, Франција и Италија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG