Достапни линкови

Михајло Свидерски: Пишувањето е како оловна топка на срцето


Со стихозбирката „Граници“, Михајло Свидерски, по три години и се враќа на поезијата. Поемата е следбеник на одличниот роман „Последните денови на Ханс“ и како што вели авторот е за „неважните луѓе, за малите кои страдаат поради геополитичките игри на големите“.

Роден во 1991 година во Битола, Михајло Свидерски влегува во редот на моќните нови гласови на македонската книжевност. Автор е на збирките поезија „Низ сонот од магли и дождови“ (2013), „Ѕвезди што спијат“ (2017) и „Граници“ чија промоција се очекува летово.

За романот „Бело и Црвено“ (2014) ја добива наградата НОВИТЕ за најдобар дебитантски прозен ракопис, а минатата година го објави „Последните денови на Ханс“, финалист за Роман на годината за 2020 и наградата за литература на Европската унија (EUPL).

Учествувал на повеќе поетски фестивали и читања ( Струшки вечери на Поезијата, Сараевска зима 2018, Хроники на градовите на светот во Астана, Казахстан 2018, Рукописи, Претставување на македонски автори на Меѓународниот саем на книгата во Истанбул, 2019, Поетска вечер во Националната библиотека на Молдавија, Кишњев 2019, Поетскиот фестивал на Јонските поети во Саранда, Албанија, 2019...), а застапен е во бројни домашни и странски книжевни списанија и антологии. Неговата поезија е преведена на англиски, руски, грчки, бугарски, српски, унгарски , баскиски и албански јазик.

Член е на ДПМ. Згора на тоа активно преведува поезија и проза од англиски, бугарски и од српски јазик.

Од октомври 2015 година е основач и уредник на издавачката куќа „Восток“ од Битола.

Разговорот со него, со „дактилографот на Небото“, одеше, по битолски, „гале-гале“. Сепак, на крајот, задоволството од разменетите мисли и сознанија беше заедничко. Онакво, како со стар пријател со кој не може да престанете да зборувате, да ја скратите преписката.

Прозаист, поет, преведувач, издавач...Творец со повеќе од импресивна листа на објави на нецели три децении од животот. Кој е всушност Михајло Свидерски? Што е за него литературата, потреба за дишење или... само поведение на млад човек кој поодамна одлучил што со себе и сопствените интереси?

- Михајло Свидерски е човек кој слуша музика, чита книги, гледа документарни филмови, учи нови јазици, многу често патува, ги сака луѓето и верува во победата на доброто над злото во секој сегмент на постоењето. Книжевноста е дел од мене, постојано читам, пишувам, таа живее во мене и го осмислува моето постоење на овој свет, не знам што друго би правел ако не би пишувал. Пишувањето е како оловна топка на срцето, мора да се исфрли на хартија, инаку опасно тежи. Сметам дека за пишувањето се потребни многу работи, пред сè најважен е талентот, оној вдахнат, вроден извор на способноста за креација, понатаму, доброто познавање на јазикот на кој авторот пишува е исто толку важно колку познавањето на нотите за музичарот. Писателот мора да биде сестран човек, свесен за случувањата во светот околу себе, постојано да чита, да чита, да не престанува да чита. Но, без талeнтот останува само продукцијата на текст без суштина, a тоа веќе не е уметност.

Каков беше вашиот влез во литературата, во културата? По двете збирки на поезија и двата романи, сега повторно со „Граници“ им се враќате на стиховите. Има некакво логично објаснување...или се работи за инстинктивно чекорење?

- Јас во книжевноста влегов спонтано, сосема свесен за својот талент за раскажување и умешноста да го владеам јазикот, но и за своите слабости. Талентот го умножувам со пишување а слабостите преку подобрување. После подолг период со „Граници“ се враќам на поезијата, на темите за егзилот, бегалците и мигрантите кои се провлекуваат низ книгата прикажувајќи ги колективното и индивидуалното страдање, преку лирскиот субјект во песните кому му давам глас да зборува за своите лични страдања. „Граници“ е поема за неважните луѓе, за малите кои страдаат поради геополитичките игри на големите.

„Граници“ како издание на Восток се појави неодамна и се чини поради состојбата ќе причека на својата промоција во јавноста. Ирена Павлова де Одорико за збирката ќе забележи дека тематски „се бави со егзекуција на правдата на оние кои го изгубиле домот“, а Маријана Јанческа дека „поетот е гласноговорник на сите кои не стигнуваат до насловните страници на весниците, ниту пак до нашите молитви“. Што ви беше намерата?

- Немав никави намери. Книгите не ги пишувам тенденциозно, тие сами се пишуваат, јас само стојам пред компјутерот и пишувам, се чувствувам како дактилограф на Небото. Кога почнувам да пишувам, имам само слика во главата за што всушност ќе пишувам, и понатаму се предавам на магијата, живеам со ликовите од своите романи, сострадувам со мигрантите од песните, одам по истите патишта по кои одат тие, и на крај, кога ќе стигнеме на целта се ослободувам од приказната, како да се будам од сон, како змија што си ја преслекува старата кожа.

Ќе имаме ли сили и натаму, па дури и во едни вакви времиња, да се бориме со егзилот. Со границите и предрасудите во себе? Да ја чествуваме слободата на непокорот?

- Миграциите, војните, егзилот, невдоменоста и болката постоеле од најстари времиња до денес, луѓето мигрираат заради различни причини, но пред нив се исправаат различни граници, судири, пречки, нивниот пат не е лесен. Ги гледаме на Телевизија, слушаме за нив, читаме во весниците, но читаме бројки, проценти, статистика, не зборуваме за нив, не се впуштаме во подлабока анализа за причините на нивните страдања, можеби затоа што сме оптоварени со свои грижи или во крајна мера можеби сме ладнокрвни. Затоа јас им дадов глас да прозборат преку песната.

На доделувањето на наградата во Казакстан

За романот „Последните денови на Ханс“ ( 2019 Или-Или), финалист за наградите Роман на годината за 2020 и на Наградата за литература на ЕУ (EUPL), Петар Андоновски ќе забележи дека тој е еден од оние романи „во кои книжевноста станува реалност, а историјата фикција“, а Владимир Костов ќе потенцира дека „слободно може да се рече оти Михајло Свидерски е контроверзен автор!“. Сега кога романот убаво помина и кај критиката и посебно кај публиката, кој е вашиот однос кон делото?

- Помина веќе една година откако е објавен романот „Последните денови на Ханс“, една година откако го ослободив од себеси, сега си продолжува по својот пат. Сметам дека авторот и книгите живеат одвоени животи. Бескрајно им благодарам на читателите и рецензентите за нивното одвоено време за читање на романот, бидејќи денес времето е скапо колку и слободата.

Ви тежи ли по малку сознанието дека сега треба да следува идниот посигурен, позрел ... исчекор на ова поле? Да биде потврдена стекнатата репутација и не само овде дома. Го имате ли новиот роман во главата, уште подобро започнавте ли да ги испишувате страниците од него? Кога ќе го споделите со публиката?

- После секој роман имам период на читање. Не пишувам ништо додека не се вооружам со нови теми, погледи, знаења. Пред секој нов роман имам таков период на акумулација на нова енергија и сили за нова приказна, нови ликови, ново патување, оти како што реков и јас патувам со ликовите, живеам со нив во приказната а за тоа ми е потребен одмор, тие патувања траат со месеци или со години. Засега само пречитувам еден свој стар ракопис со наслов „Позајмено тело“ што пред пет години не го завршив само заради крајот, за кој ме мачеа две дилеми дали нараторот да биде мртов или жив.

Вашите дела се преведувани во странство, а вие преведувате од англиски, бугарски и од српски. Што е потребно за добар превод? Сметате ли дека кај нас имаме добри литературни преводи или... Колку тоа вам ви одзема од пишувачката енергија?

- За добар превод неопходни се одлични познавања на јазикот од кој се преведува и на јазикот на кој се преведува, а за добар книжевен превод покрај двата јазика, неопходен е и талент, чувство за доловување на детали, ерудиција. Со последните масовни проекти за превод на странски автори се внесе еден суров, роботски и нечитлив јазик во преводната литература, оти се преведуваше без доловување на текстот, а преводот на книжевни дела треба да е потрага по смисла, преводот мора да има смисла, порака, најблиску до она што го дава оригиналот. Инаку, генерално, за мал јазик како што е македонскиот, ние имаме богата преводна литература, а моја огромна желба е да ја збогатиме со преводи во оригинал и од јапонската, индиска, кинеската, арапската и литературите од Африка. Читаме преводи од преводи, во кои уметноста на авторот се предава од рака на рака на преведувачите како песок низ раце, и така се губи по некое зрно од смислата.

Веќе пет години како основач и уредник стоите исправено пред сопствената издавачка куќа Восток. Што значи во сегашниве услови, во државата каде културата е монета за поткусурување, човек да се бави со издаваштво?

- Издаваштвото денес не нималку лесна и едноставна работа, но секогаш треба да се најде патот низ шумата. Барајќи го патот, постојано се среќаваме со предизвици, учиме, се усовршуваме, и што е најважно создаваме нови пријателства со авторите и соработниците кои прават еден роман во ворд документ да , Работата со луѓето ме прави среќен. Би сакал во иднина, Министерството за култура да има поголем буџет, и поголема ставка за издаваштвото. Така, ќе имаме квалитетна македонска книжевност, одлични книжевни преводи на македонски јазик и добри читателски навики.

И, конечно како писателот Свидерски се справуваше со изолацијата, со деновите на ускратени слободи? Успеа ли нешто да прочита, напише...да изнајде сила за нови проекти, да заокружи некои поодамна почнати ракописи?

- Не се изолирав, не се дистанцирав, јас не можам да живеам без луѓето, или потечно јас живеам за луѓето. За време на долгите „викенди на дисциплина“ ги прочитав романите „Семејството на Паскуал Дуарте“ од Камило Хосе Села, и „Адам во Рајот“ од Карлос Фуентес, слушав музика и гледав филмови.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG