Достапни линкови

„Натура“ - нова творечка порта на Тамара Забазноска


„Натура“ е насловена третата самостојна изложба на уметничката и архитектка Тамара Забазноска, што од 23 јуни до 2 јули ќе се одржи во Галеријата на Младински културен центар-Скопје. Ќе бидат изложена 25 дела „поттикнати од тајните што ги содржи и љубовта кон природата во сите свои манифестации“.

Тамара Забазноска во пресрет на својата трета самостојна поставка и прва во Галеријата на младински културен центар – Скопје знае да каже дека изложбата ја насловила „Натура“ поттикната од тајните што ги содржи природата и љубовта кон неа во сите нејзини манифестации и информации. Појаснува дека претходно имала поголеми истражувања, а во меѓувреме дека постојано е во природа со идеја да ги продлабочи потрагите.

- Оној дел што јас го гледам се светлините и сенките кои постојат во природата и кои потоа ги манифестирам врз делата. Без разлика дали се работи за природните структури што ги претставувам или се работи за појави кои се случуваат во природата и кои јас ги донесувам преку шајките и конците или, пак, стаклата во последно време. Она што е битно е дека деталите коишто таа ги содржи пробувам преку моето око да ги доловам а потоа да ги репрезентирам за да може секој човек да ги прими тие знаења преку моето око, меѓутоа и во себе да се запраша што тоа би можело да значи. Бидејќи, пред се*, природата постојано се менува и со тоа менување сметам дека би можело да се поттикне одредена промена кај човекот. Бидејќи самата животот го почнува со Големиот удар, со сингуларитетот како елемент а завршува со архетиповите кои се директен одраз на човековиот карактер, вели Тамара.

Архетипови - 12 дела

Таа и со дополна дека нејзината порака до посетителите на изложбата „Натура“ во МКЦ би била да ја почитуваат природата.

- Не мора да и се враќаме на природата бидејќи таа е составен дел од нас. Затоа и мојата порака е да го најдеме природниот елемент во себе за да можеме да го живееме, смета Забазноска.

Родена во Скопје, 1987 година, Тамара Забазноска е интердисциплинарна уметничка и архитектка. Првите знаења ги стекнала од енциклопедиите и бајките, за понатаму својот интерес да го насочи кон математиката, геометријата и релациите во просторот, преку Архитектонскиот факултет, кој го завршува 2011 година.

Потребата за истражување, желбата за изразување на природните сили, новите научни знањеа и учења се постојан поттик за репрезентација на шемите во микро и макро светот на природата и човекот... ќе бидат опфатени во нејзиниот втор магистерски труд на тема „Архитектурата во природата и Природата во архитектурата“ од 2018 година. Згора на тоа, тие ќе бидат и во фокусот на делата работени на композитно дрво и создадени од клинци, конец и од стакло.

За нејзиниот уметничниот израз ќе биде забележано дека е „прецизен и геометриски и дека е претставен преку заедништво на елементите што сугерираат дека секоја идна точка/акција е резултат на сите претходни точки и акции“. Од таму тие со себе носат ритуал на дејствување – ја носат оската на симетрија како имагинарна линија околу која формите ротираат, свесни за својот дуалитет и за екстремите.

Ефект на пеперутка

Зад себе има две самостојни изложби „Просторна синтакса“ во 2016 во Кула и „Тајане“, една година подоцна во Флукс галерија во Скопје. Учествувала и на Фестивалот за современи уметности во Отвореното графичко студио во Музеј на Град Скопје (специјална награда), на Паратисима - Интернационалниот саем за современа уметност одржан пред четири лета во МКЦ (специјална награда на Европско ниво), а во ноември минатата 2019 се претстави и на петгодишнината од основањето на здружението Македонска архитектура – МАРХ.

Била добитничка и на наградата 13-ноември што ја доделува Друштвото на ликовни уметници.

- Кога завршувам еден опус, најчесто со самото завршување отворам нова порта која што е пак надополнување на постојното, на старото. И, тоа е нешто што ме поттикнува постојано да работам. Еве, конкретно сега со завршувањето на еден дел од овој последен опус што сега го изложувам веќе се креирани идеите за наредниот чекор којшто би сакала да го создадам. Меѓутоа за тоа во иднина бидејќи допрва сето тоа би требало да се разработи и да се креира. Едноставно, со завршувањето на нешто се отвораат многу нови информации, смета Тамара.

И, конечно прашана, пак, за тоа каде е во целата оваа приказна архитектот, Забазновска со појаснување: Преку препознавање на празното и полното на формите и на играта на светлината и на сенката.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG