Достапни линкови

Општина Битола плаќа 80 евра камата на ден за стар судски спор


Домот за стари лица Сју Рајдер во Битола
Домот за стари лица Сју Рајдер во Битола

Општина Битола треба да плати 300 илјади евра за судски спор наследен од претходното раководство. Власта смета дека има индиции за криминал, а опозицијата обвинува дека токму власта одбила да направи ревизија врз работењето на поранешниот градоначалник Владимир Талески.

Советот на Општина Битола донесе заклучок да поднесе барање до Основното јавно обвинителство и други надлежни институции за да се истражи случајот со реновирањето на Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола од времето на екс-градоначалникот Владимир Талески од пред шест години. Ваквите чекори се преземени откако Општина Битола треба да плати финансиско оптоварување од 300 илјади евра наследено од судски спор на претходната локална власт покренат во 2016, во врска со реновирањето на Домот, а пресудата беше донесена деновиве.

Темата предизвика бурна дискусија во Советот. Власта смета дека има индиции за криминал, а опозицијата обвинува дека немало ревизија врз работењето на Талески и дека Советот нема ингеренции да покренува истраги.

„Ќе се каете што нашиот предлог за создавање на Комисија за ревизија за работењето на Талески, предложена на втората седница од формирањето на овој Совет, вие гласавте против, а сега гласаме одлука каде Општината треба да плати 20 милиони денари. На Комисија за финансии јас побарав само две работи - да видиме судски одлуки и да ја видиме структурата на долгот“, рече советничката Габриела Илиевска, а во препирката со претседателот на Советот му возврати:

„Вие колега ќе ви остане да предупредувате само уште неколку месеци, а потоа ќе ви заврши политичката кариера, ќе куртулиме“.

„Општина Битола ги има сите ресурси и можности да се обрати до Државниот завод за ревизија, приватни ревизорски куќи и сите останати органи кои треба да истражат и проверат како администрацијата работела по одреден проект. Три години по стекнувањето на власта оваа локална самоуправа не презеде ништо на таа тема со надлежните органи, за сега, по три години, да се гласа некаков си заклучок за поднесување на кривична пријава. Нити Советот е надлежен тоа така да го одлучува, нити воопшто има таква потреба“, рече советникот Борче Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците од локалното мнозинство, предводено од СДСМ, рекоа дека при реализацијата на проектот биле платени многу повеќе средства од сумата во договорот, а сепак дополнително од изведувачот била добиена фактура, а потоа и тужба за Општината да плати уште пари за вишок работи.

„Постои сомнеж за организиран криминал, токму затоа Општината бара ревизија на Врховен суд зашто се убедени дека овде има организиран криминал, плаќани се фактури со ДДВ, иако во договорот стои дека ДДВ не треба да биде влезено во сумата, плаќано е по пат на цесии без соодветна потребна и повратна документација, плаќани се суми од 50 илјади евра за кои нема никакви фактури“, рече Жаклина Наумовска, советник од СДСМ.

Претседателот на Советот Валентин Груевски рече дека додека за стари работи се бараат нови виновници, Општината плаќа огромни камати.

„Дневната камата е околу 80 евра, ако оставиме до понеделник 500 евра плус ќе ни земат. И тоа за некои не е проблем, проблем е зошто Советот треба да донесе заклучок за откривање на криминалот. Има ли некој од вас кој не сака криминал да биде откриен“, праша Груевски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG