Достапни линкови

Се спојуваат Еурофарм Работник и Пелистер – копја се кршат околу бојата на дресот


Архивска фотографија: Ракометен натпревар меѓу Еурофарм Работник и Пелистер во Битола

Бојата на дресовите на идниот клуб Еурофарм Пелистер е главниот конфликт при спојувањето на ракометните клубови Еурофарм Работник и Пелистер. Едните играат во сино-бели, а другите во зелени дресови.

Бојата на дресот на идниот ракометен клуб „Еурофарм Пелистер“ стана главна тема за дускусија и услов што се поставува за да дојде до фузија на двата битолски клуба „Еурофарм Работник“ и „Пелистер“ во заеднички правен субјект. Битолски „Пелистер“ е препознатлив по тоа што веќе дваесетина години има дресови со зелено-бела боја, а пак „Еурофарм Работник“ во Лигата на шампионите пријавил дека ќе игра во сино-бела боја.

„Еурофарм Работник“ до Општина испрати Платформа за ракометна Битола во која предлага да ги купи акциите на РК „Пелистер“ и во тековната сезона да настапуваат во сино-бели дресови, на кои ќе биде грбот на „Пелистер“.

И битолскиот Совет деновиве дискутираше на темава и донесе заклучоци.

„Грбот на ракометниот клуб останува ист со зелена боја и бројот 1955 годината на основањето. Бојата на дресот на Еурофарм е сино-бела боја и најверојатно под таа се пријавени во Лигата на шампионите. Овој совет донесе заклучок со кој во следната сезона бојата на дресовите на Еурофарм Пелистер ќе биде во сино-бела и зелено-бела боја и зелениот грб прикачен на двата дреса“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот.

Опозицијата побара бојата на дресовите да остане зелено-бела.

„Химната што се пее на сите натпревари кога игра Пелистер е ‘нека знае земја цела, сакам боја зелено-бела’. Тоа е она што сите нас не обединува. Јас можам да ги разберам обврските кои ги имаат клубовите зашто закажале натпреварувања. Но, од индната година мора да има промени“, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Преставниците на навивачката група „Чкембари“ бараат домашните натправри годинава да се играат во зелено-бели дресови, а за следната тоа да биде на сите натпревари. Тие рекоа дека „Еурофарм Пелистер“ во сино-бели дресови на домашни натпревари ќе остане без навивачи.

„Во оваа сезона најмногу можеме да прифатиме два комплети на дресови. Ќе инсистираме сите домашни натпревари да се играат во зелено-бела комбинација. Да се бара во оваа сезона што поголема примена на зелно-белата боја во новиот клуб ако може гаранции дека од следната сезона ќе бидеме зелено-бели“, вели Никола Лазаровски, претствник на Чкембарите.

Сепак, во почетоците РК „Пелистер“ бил сино-бел.

„Почетокот на РК Пелистер од 1955 година до 2000 година, ја почитуваме историјата, биле сино-бели. Ние сме се радувале на тие бои. Немаме комплекс спрема нив. Но, во 2000 година се донесе одлука за промена на бојата и зошто сега пак да се менува? Зелената боја е Баба Планина, а белата врвот Пелистер, што е многу логички и не треба многу објаснување“, рече Лазаровски.

Другите услови околу финансиските порамнувања, процентот на купување акции и името на клубот се точки за кои се смета дека полесно ќе се најде компромис. Фузијата се прави за Битола да добие силен ракометен клуб финансиран и од приватен инвеститор и од Општина.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG