Достапни линкови

Нела Витошевиќ: Не смееме да дозволиме театарот да замре


Работена според мотиви од истоимената драма на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев и во режија на Нела Витошевиќ, „Илузии“ е првата виртуелна претстава на скопскиот Wonderland Theatre чија премиера е закажана за овој четврток, на 11 јуни во 20 часот.

Нела Витошевиќ е најбараната македонска режисерка во последниве неколку години. Со што и да се зафати силно го бранува вниманието на културната јавност, а во театрите каде што работи остава хит претстави зад себе и публика која бара карта повеќе. Едно по друго за релативно кратко време ги имаше „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во Штипски театар, „Антиго на и Креонт“ во Велешкиот театар, шекспировиот „Макбет“ како драма за политичката во МНТ, „драмомедијата“ „Странци“ од група автори во Драмски театар, „Едвард, раце ножици“ по сценарио на Тим Бартон и Каролај Томпсон во Театар за деца и младинци, „Мојот маж“ - дијалогот со расказите на Румена Бужаровска повторно во Драмски... и се така до почетокот на светската пандемија и мерките за превенција од вирусот Ковид – 19. На карантин и изолација.

Виртуелната 50 минутна претстава „Илузии“, чија премиера е утревечер, на 11 јуни во 20 часот, на каналот на Wonderland Theatre и на Youtube и која ќе може да се гледа понатаму на инстаграм профилот на театарот, е работена според мотиви од истоимената драма на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев. Улогите ги толкуваат актерите Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Монтажата ја направи Васил Христов, а музиката е на Огнен Анастасовски.

„Илузии“ на Wonderland Theatre доаѓа по еден период во кој луѓето од театарот, впрочем како и сите останати, поради пандемијата се најдоа со ускратени права да творат и да создаваат уметност. Ова посебно кога станува збор за Нела Витошевиќ, која како режисер дотогаш зад себе имаше исклучително успешна серија на претстави во театрите во Македонија.

- Од тука некако тргна и мојата инспирација. По таа фаза на театарски успеси за мене во нешто повеќе од една година, отидов да гледам претстави во разни театри низ Европа...и кога се вратив дома ме затекна пандемијата. И некако целата убава енергија што ја имав собрано, инспирацијата и натаму да создавам уметност одеднаш како да згасна. Потоа дојде еден период од месец дена во кој размислував што треба всушност да правам сега. Како ќе продолжи театарот. Гледав разни дебати и дискусии. Читав што зборуваат многу театарски режисери којшто мене ми се допаѓаат во овој период...и на крајот се одлучив дека е добро да превземам нешто и да направам една виртуелна претстава. Без разлика на тоа што сеуште во театрите се* е сведено на некакви дискусии, реобмислување и редефинирање на театарот јас некако мислев дека е добро да фатам некој чекор со ова време и со овие околности којшто се наметнати. Да направам една претстава. Да се користам со театарски средства и театарски пристап и да пробам во виртуелниот простор со некакво експериментирање да креирам уметничко дело кое на крајот го нареков виртуелна театарска претстава.

Сега може понатака да се спори што е всушност тоа, зошто така го дефинираме, но за мене во тој момент, во овој момент „Илузии“ е виртуелна театарска претстава.

Нела Витошевиќ, фото: Ана Лазаревска

Со оглед на тоа дека кај нас, освен „Тој и таа“ на Деан Дамјановски во Велешкиот театар и еве сега „Илузии“ на вашиот Wonderland Theatre, речиси и да нема вакви обиди пред кои предизвици и прашања бевте исправени со екипата кога ја започнувавте работата на оваа претстава?

- Театарот ја има најголемата привилегија, односно да го има оној контакт со публиката. Е, сега ние тој контакт со публиката не може да го имаме со оваа виртуелна претстава и размислувавме дали тоа воопшто ќе направи некаква смисла. Сепак, на крајот некако се одлучивме дека е подобро во сега и во овие нови околности да пробаме целото наше театарско искуство и знаење да го искористиме и од тоа да произлезе некој нов жанр, нов пристап којшто ќе е адекватен на импулсот на ова ново време. И се разбира дека беше предизвик секојдневно да имаме проби на кои не се гледаме во живо туку преку платформата на Зум, кадешто комуницираме не во живо туку преку интернет...но и тоа можам да кажам дека колку што има мани толку има и свои квалитети. Мислам дека работејќи така имавме поголем фокус на работата бидејќи не можеш да ја напуштиш просторијата, не можеш да шеташ, не гледаш во телефонот... Сите бевме фокусирани на текстот и на тоа што се создава во моментот. Интересно е затоа што е ново поле на истражување. Мене искрено тоа отсекогаш ме возбудувало и мислам дека тоа е главниот предизвик на театарот – да истражува нови форми макар било тоа и онлајн. Сметам дека ние мора да имаме некаков одговор на оваа ново настаната состојба затоа што не можеме да знаеме до кога ќе трае светската пандемија. Може да трае уште една година, две, три...има разни истражувања коишто даваат различни прогнози и сметам дека во цел тој период не смееме да дозволиме театарот да замре. Мора некако да го одржуваме во живо. Можеби од ова ќе се изроди и некаков нов правец, нешто. Претпоставувам дека сите театри низ Европа ќе се организираат и ќе се потрудат да изнајдат некакво адекватно решение.

Зошто се одлучивте да посегнете по „Илузии“, драмата на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев?

Текстот „Илузии“ го прочитав по 15 дена откако започна изолацијата, откако започна полицискиот час. Ми се виде многу адекватен за времето. Текстот во основа зборува за љубов, меѓутоа зборувајќи за љубов тој зборува за неверство, за минливоста и празнотијата на животот...многу битни теми затоа што светот одеднаш застана, луѓето се соочија со самите себе, се соочија со своите партнери, со своите блиски, пријатели и мислам дека некои искрени емоции прв пат излегоа на површина. Затоа што светот постојано е во трка со времето и бидејќи е во една таква забрзаност луѓето просто се оневозможени да се соочат со сами себе. А, текстот мислам дека ги отвора тие прашања. Ги отвора тие интимни приказни за луѓето соочени со сами себе, со својот живот и со своите партнери. Едноставно текстот е одбран токму за овој период. Меѓутоа сметав дека е лошо ако се обидам сега да направам театарска претстава во која ќе зборувам за мерките што треба да се превземат. Мислам дека луѓето се премногу затруени со тоа. Нема кој не ги знае мерките. Која сум сега јас да им кажувам дека треба да носат ракавици и маска во мојата претстава?! Мислам дека за тоа нема потреба. Пандемијата ја зедовме како некоја индиректна околност и пробавме да замислиме како во тие околности кога би станале нормалност ќе функционираат луѓето. Пробавме по суштински, по психолошки, по длабоко да се бавиме со некаква психологија што ја носи пандемијава.

Инаку, прво имав една идеја кајшто почнавме да пишуваме колективен дневник и во тој колективен дневник да споделуваме некои наши чувства во однос на целава состојба, но дојдов до сознание дека таа идеја е добра за понатаму – кога ќе помине сево ова и затоа сега ми се чинеше дека треба да зборувам за нешто друго. Никако да не ги отсликувам мерките коишто треба да се превземаат во пандемијава, тоа е едно, а вториот спект којшто е многу битен и којшто го отвора претставата е прашањето што се случува и што ќе се случува со пандемскиот театар. Кој се проблемите со кои тој ќе се соочи.

И, ќе извлечеме ли одредени сознанија и поуки за тоа каков треба да биде театарот во иднина?

Ако знаеме дека театарот е одговор на времето во кое живееме, а ова време е време на редефинирање и реобмислување во сите општествени сфери, не само во уметноста, мислам дека ќе треба малку да почекаме за да извлечеме некакви поуки. Но, кога веќе лично ме прашувате јас мислам дека треба да се дејствува. Да, треба да има дискусии, да разговараме на каде би одел тој театар, но ако сето тоа остане само на разговор, ако не се превземат некои чекори, да се дејствува некако, мислам дека многу потешко ќе откриеме и ќе извлечеме поуки каде треба да оди театарот.

Претпоставувам дека во целиот овој проект од особено значење беше и монтажата на Васил Христов и музиката на Огнен Анастасовски затоа што вие креиравте виртуелен продукт кој ќе биде премиерно емитуван на интернет и кој таму ќе го продолжи својот засебен живот во иднина.

- Ние имавме две идеи. Првата беше да пробаме делови од претставата да ги играме во живо, меѓутоа сфатевме дека интернетот кај секого е различен и многу често ни се прекинува врската. Тој проблем со интернетот сега барем не може да го избегнеме, можеби за следната претстава на Wonderland Theatre што ќе ја правиме ќе успееме. Затоа сите заедно работевме на текстот, правевме читачки проби, потоа јас давав конкретни задачи, конкретни ситуации и импровизации што глумците требаше самите да ги снимаат, исто така тие предлагаа свои идеи и снимаа некакви сцени...и текстот требаше да се сними онака како што се договоривме меѓутоа да не се прават повеќе од две снимки. Односно да се обидеме да ја искористиме првата снимка. Како што би било практично на една претстава. Излегуваш и во живо треба да го кажеш текстот така како што ќе го кажеш и тоа е моментот. Последната фаза беше склопување на материјалот која полека ја завршуваме кадешто требаше да се монтираат сите сцени и ситуации. Тоа е сериозна работа и сериозно голем дел од создавање на претставата. Тоа е еден многу деликатен и многу убав дел во претставата којшто ги вади на површина емоциите и додатно ги потенцира. Монтажата има многу врска и со потенцирање на ритамот и на состојбата којашто сакаме да ја истакнеме во претставата. Музиката е на Огнен Анастасовски. Со него соработувам на повеќе проекти и мислам дека досега се разбираме совршено.

И, за крај кој ќе биде текстот што Нела Витошевиќ би го работела утре во некоја „нова нормалност“ што тоа и воопшто да значи?

Јас не знам што е „новата нормалност“. Уште пробувам да ја дофатам. Да ја дефинирам. Мислам дека таа од ден на ден се менува, а така и моите размислувања за текстови што би ги работела во театар се менуваат. Следен проект што треба да го работам е во Албанскиот театар. Имав предложено нешто, но сега со ново настанативе околности размислуваме дали воопшто е добро тој текст да се прави. Многу е тешко сега да се дефинира што е тоа како емоција, тема што би била адекватна да речеме на оваа ситуација. Секој ден сум во некаква потрага по тоа што е адекватно. Во моментов мислам дека е адекватен овој текст на Вирипаев - „Илузии“. Тоа го сработив. Кога ќе ставам конечно точка на проектот ќе тргнам во нова потрага и ќе видам што е тоа друго што би можела да ми „залепи“ на целава оваа ситуација и енергија којашто ја чувствувам.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG