Достапни линкови

Ненад Тонкин со демистификација на стравот во Галерија „КО-РА“


„Малите суштества од станот што се реновира“ е насловена изложбата на скулптури на македонскиот мултимедијален уметник Ненад Тонкин, што од петок, 29 мај до 15 јуни годинава, се одржува во Галерија „КО-РА“ во Дом на култура „Кочо Рацин“ - Скопје.

Малите суштества од станот што се реновира“ е ликовен проект започнат во април 2015 година во еден стан кој не случајно тогаш се наоѓа во почетна фаза на темелно реновирање. Концептот, преку реализација на скулптури единствено изведени од материјали и предмети пронајдени во тој стан претставува илустриран детски страв: страв од седење дома сам, страв од чудовиштето под маса, под кревет или внатре во плакарот, страв од темно, страв од струја да не те утепа, страв од неживи предмети дека ќе оживеат и ќе те изедат ...

Ова ќе го забележи скулпторот и мултимедијален уметник Ненад Тонкин во пресрет на отворањето на својата изложба насловена како „Малите суштества од станот што се реновира“ што треба да се случи овој петок, од 12 до 16 часот, во Големиот салон на Галерија „КО-РА“ во Дом на култура „Кочо Рацин“ - Скопје.

„Преку станот што се реновира се демистифицираат сите стравови. Тие воедно се деконструираат преку тој простор кој е соголен и ослободен од сите замки и тајни места каде би можеле да се кријат потенцијалните извори на стравовите, малите страшни суштества. А „малите суштества“ се ликови со посебен карактер и уникатни способности. Секој лик има своја сериозна улога и придонес во живоста на станот. Позади секој од нив стојат специфични приказни најчесто со комична содржина. Комична затоа што само на тој начин стравот ја губи својата моќ, спласнува и е подносливо достапен“, вели Тонкин.

Во дополна тој знае да каже дека „најважно е што сето ова не би било возможно доколку на почетокот не постоеа прашања од типот: Дали кога дома ни е потполна тишина навистина е потполна? Дали и кога сме сами сме потполно сами? Што е тоа што тишината ја прави толку гласна, а празниот простор толку полн? И што се случува ако малку прочепкаме позади некој ормар, помеѓу процепите на стариот паркет или околу циглите што ѕиркаат во напукнатиот ѕид? Кој ли се ни живее дома без да забележиме, а и ако забележиме сепак не сме свесни?

И, по ова Тонкин нагласува дека „можните одговори на сите овие прашања единствено се наоѓаат само на едно место - во станот што се реновира. Малите суштества се таму, секогаш. И чекаат!“.

За натамошниот тек на концептот Тонкин откако ќе рече дека дел од скулптурите досега веќе биле изложувани пред публика, со уверување дека „Станот никогаш не престанал да го реновира. Дека тој од ден на ден се подлабоко навлегува во суштината на проблемот, му се враќа на стравот, на стравовите“.

„Секојпат има некои промени што се случуваат. Мене ми се случуваат нови материјали за изработка, но како на физичко поле така и на ментално, тоа реновирање ќе постои до крајот на животот. Тие стравови кои ќе ми се појавуваат и во иднина јас ќе ги разработувам на ваков начин. Од таму овој концепт нема да застане додека сум жив и додека мрдам. Постојано ќе имам материјали за изработка и концептот ќе расне со нови, бројни скулптури од новите стравови и новите ситуации“, смета Ненад.

Тонкин и со објаснување дека стравовите се рефлексија на времето и просторот во кои денес живееме. Пресиите што сите ние ги трпиме од државата, системот, политиката... Дека станот е метафора за една микро или макро средина која постојано и упорно не гмечи и уништува како индивидуи.

„Ние цело време живееме со таков тип на страв. Она што ни го наметнува општеството како начин на живеење и како останатите луѓе гледаат на нас. Сето тоа се рефлектира во нашето ментално битување. И затоа не само ти стравови што ние си ги генерираме од различни причини, понекога многу пострашни се оние стравови кои доаѓаат од надвор. Од општеството, од власта, од една ваква карантинска ситуација... Тоа е неминовно, се прашуваме што ќе биде понатаму, и некако полека учиме да живееме со тоа“, ќе рече авторот.

Прашан, пак, дали се обидел да излезе од концептот мултимедијалниот уметник со експликација дека „обично работи некои варијанти на себе и на околината во којашто живее, меѓутоа не толку опсежно и лично како концептот поврзан со стравот. Потенцира дека во случајов конкретно станува збор за неговите стравови и дека на т6ој начин се занимава сам со себе. Од, друга страна информира дека во годиниве наназад зад себе го имал и концептот насловен како „Каде е нашата иницијатива?“. Според авторот, тоа е концепт кој ги предизвикува луѓето дали или нема да направат чекор во животот. Дали ќе земат или не учество во едно уметничко дело со тој „чекор“.

Роден 1978 година во Скопје, Ненад Тонкин е дипломиран вајар и сценограф на Факултет за ликовни уметности и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошки факултет Св.Климент Охридски. Од учебната 2019/2020 е запишан на магистерски студии на ФЛУ, на отсекот за вајарство.

Од 2014 година до сега има реализирано две самостојни ликовни изложби во Гевгелија и Кичево и повеќе групни во Македонија, Италија, Германија, Словенија и во Црна Гора.

Од друга страна, како човек со повеќе интереси и возбуди во уметноста тој компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма). Како член на еден од најзначајните македонски арт бендви Bei The Fish има реализирано четири студиски албуми и отсвирено многу концерти низ Европа, а од 2013 издава своја авторска музика потпишувајќи се како Mammoth & Yashem и досега има објавено три кратки изданија.

Бил дел од организацискиот тим на првото издание на фестивалот КРИК, а сѐ уште е дел од тимовите на фестивалите „Прво па Женско“ и „Пич Прич“.

Конечно Тонкин од 2018 го започнува ликовниот проект „Визија Скопје' кој вклучува повеќе ликовни уметници и студенти по ликовна уметност и архитектура. „Визија Скопје“ има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје и пошироко.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG