Достапни линкови

Mира Гаќина - Не верувам дека од оваа криза ќе излеземе исти


Мира Гаќина, директорка на Музеј на современа уметност Скопје, фото Жарко Чулиќ
Мира Гаќина, директорка на Музеј на современа уметност Скопје, фото Жарко Чулиќ

Времето на криза е по дефиниција освестувачко, тогаш станува појасно колку е важно образованието, знаењето. Вирусот е материјализиран симбол на општата опасност од незнаење, доказ за неопходноста од континуитет во нашите истражувања, вели Мира Гаќина, директор на Музејот на современа уметност.

Во трите години од деценија и половина колку што е во Музеј на современа уметност – Скопје, Мира Гаќина, најпрвин како вршител на должност, а потоа и директор, успеа наново да и ја врати видливоста на оваа културна институција. И, не само овде, во регионот туку и пошироко. Инаку, таа како дипломиран историчар на уметност своите визии за творештвото во времево сегашно најнапред ги наметна ангажирајќи се како организатор и куратор на повеќе групни и самостојни изложби во МСУ и други институции кај нас и во светот, потем и нагласено со Биеналето на млади, беше претседател на АИКА Македонија, и моментално, со својот тим, настојчиво ја крепи идејата за натамошно функционирање по светските стандарди, нешто што за жал не оди многу под рака со нашиот менталитет и практиките на културната политика.

РСЕ: Музеите се затворени, но нашата комуникација продолжува. Остануваме отворени преку социјалните мрежи. Продолжуваме со „прелистување“ дела од колекцијата на Музејот. Веќе два месеца, од почетокот на кризата, вака почнува вашето дневно обраќање до културната јавност во земјава. Беше ли тоа вашата првична изнудена рефлексна реакција и колку по една веќе пристојна временска дистанца таа ја оправда целта? Какви се досегашните реакции?

Во право сте, се работеше за рефлексна реакција. Mузејoт никогаш порано не бил затворен, дури ни за реконструкција, ова беше нешто сосема ново, непознат терен. Коронавирусот го доживеав како општа опасност, сметав дека треба да реагираме како колектив, сите заедно, целото општество, кој како знае. Изолацијата го слабее нашиот дух и нѐ прави поранливи, сметав дека наш придонес во ваква состојба може да биде создавањето на постојана врска со нашата публика, генерирањето на комуникација, да се охрабриме индиректно, онлајн, едни со други, со приказни. Не знаев дека толку долго ќе трае, но се покажа дека музејот има приказни за 1001 ноќ. Реакциите беа навистина многу позитивни. Значајно се зголеми бројот на оние што нѐ следат, и на Фејсбук и на инстаграм, реакции имаше и од странство, од Австрија и од Грција, од Америка и од Украина. Коментираа и професионалци и аматери, уметници и куратори од големи музеи и она што почна како мој мал експеримент, стана нешто како дневник. Мислам дека и оние што го познаваат МСУ се изненадија што се имаме во нашата колекција. Кога велиме дека имаме автори од сите делови на светот, тоа значи навистина од сите континенти, и тоа го потврдивме, од Аргентина до Нов Зеланд, од Белорусија до Јужноафриканската Република. Се работи за уметнички дела кои се навистина влезени во светската историја на уметноста, од автори кои се високо ценети во своите средини. Многу од нив се уште живи и активни уметници иако го одбележале творештвото во шеесеттите. Хокни имаше светска ретроспектива пред три години во чест на неговиот 80-ти роденден, а неговиот „Doll boy“ е изложен во Скопје 1964, кога тој има 27, тоа му е втора меѓународна групна изложба во кариерата. Сулаж имаше изложба во Лувр оваа година, по повод 100 години од неговиот живот, тој уште работи, а од неговата музеографија е јасно дека неговата донација во Скопје е личен чин. Можеби реакциите беа толку позитивни бидејќи скопскиот музеј е уникатен и по начинот на кој е настанат, тој е Музеј на уметниците, создаден од нив како одговор на природна катастрофа. Пандемијата потсетува очигледно колку е важна солидарноста за опстанокот на човечкиот род.

Дејвид Хокни, „портрет“, цртеж 1967
Дејвид Хокни, „портрет“, цртеж 1967

РСЕ: Колку ваквото „проветрување на депоата“, на исклучително богатата колекција на МСУ, од друга страна беше неопходно потребно за да наново и наново се позиционира местото на Институцијата во дадениве реални културни и уште поважно општествени рамки?

-Вонредните состојби нѐ соочуваат со потреба да реагираме брзо, но промислено, што значи дека тоа е време кога се прават превреднувања. Нешто што во период на лекомисленост ни се чини не толку важно, сега го препознаваме како неопходно. Се работи за институциите. Општеството што го градиме е општество на индивидуални слободи, но и на колективен одговор за заедничките потреби. Денес броиме колку лекари и медицински сестри имаме по жител и знаеме што тие бројки значат. Времето на криза е по дефиниција освестувачко, тогаш станува појасно колку е важно образованието, знаењето. Вирусот е материјализиран симбол на општата опасност од незнаење, доказ за неопходноста од континуитет во нашите истражувања. Образованието и науката прават едно со културата, го сочинуваат она што може да се нарече културен капитал, а тоа е можеби клучот за нашиот колективен имунитет. Музејот е школо, како што вели еден познат уметник, Луис Камницер. Ако успеавме таа идеја да ја рашириме, тогаш можеме да кажеме дека направивме нешто за нашето позиционирање во однос на нашето општество. Во секој случај, не верувам дека од оваа криза ќе излеземе исти, не би било логично ако не извлечеме, сите ние, клучни поуки.

РСЕ: Независно од одвивањето на пандемијата и релаксирањето на мерките за заштита и превенција од Ковид-19 ќе ја продолжите ли ваквата виртуелна „отвореност“ на МСУ? Ќе останат ли отворени и натаму портите за виртуелни прошетки, нешто што е практика на извиканите музеи по светот – со два клика да се биде на дофат до изложбите за кои од денешна перспектива може само да се мечтае?

Мислам дека е многу важно МСУ Скопје да продолжи да биде активен и да има богата понуда во виртуелниот простор. Планираме и технички и содржински да внесеме новини во нашето онлајн претставување. Тоа им го должиме, пред сѐ, на оние што физички не можат да дојдат во Музејот, а покажуваат интерес, откривме дека тие не се малку по број. Но важно е се разбира и за оние што редовно доаѓаат, за да бидат во тек, за да можат да ги консултираат архивите, да ги комплетираат своите истражувања. Една од содржинските новини ќе биде и можноста да се следи нашeто специјализирано списание за современа уметност, култура и теорија, „Large Glass“. Сега го подготвуваме третиот дво-број, а во претходните два успеавме да заинтересираме значајни имиња да дадат свој оригинален придонес. Општо кажано, новите технологии, заради квалитетните промени што ги донесоа во доменот на визуелното, се особено значајни за музеите и визуелната уметност во целина.

Кристо Јавашев, „Спакувана уметничка галерија во Берн“ 1968
Кристо Јавашев, „Спакувана уметничка галерија во Берн“ 1968

РСЕ: И, ако тоа стане реалност во иднина колку таа може да го измести нашето поимање за реално и директно уживање во творештвото, во современата уметност? Факт е дека не секој може, или уште повеќе сака онлајн да посега по творештвото на оние кои живеат за и од него?

Се согласувам, и јас мислам дека виртуелната прошетка не може да биде замена за посета на Музеј. Самите објекти се така дизајнирани за да овозможат едно ниво на апстракција од реалниот простор и време, потребно, за да се има некакво уживање во уметничкото дело, да се добие инспирација. За нас е тоа особено важно бидејќи нашата програма предвидува и чести средби со уметници, теоретичари, предавања, интерактивни проекти, музејскиот простор го гледаме, пред сѐ, како место за средба, за директен контакт.

РСЕ: Како вие лично гледате на ликовната, современата уметност во иднина? Каква ќе биде таа според вас? Ќе остави ли трага оваа криза што сега нам ни се случува?

Мислам дека е неизбежно кризата да има влијание врз уметноста. Уметниците сe највнимателните набљудувачи (и критичари) на сегашноста, нивната посебност е токму во тоа што ја гледаат подобро од другите длабочината на промената. Веќе подолго време, и тоа не само кај поедини уметници, туку кај големото мнозинство е забележлив тој отворен критички однос кон времето во кое живееме. Чувството на поразеност и песимизмот, заради правецот во кој оди нашата цивилизација, беа и досега присутни во уметничиот израз, оваа драма што сега ни се случува сигурно ќе биде интегрирана во новата продукција. Дали и натаму ќе зрачи со разочарување, не сум толку сигурна. Сега откако ова ни се случи би требало да заврши ерата на предупредувања и да започне креативна акција, за нови вредности. Дан Пержовски, романскиот уметник кој беше дел од нашето онлајн претставување веќе излезе со неговите духовити коментари во МoМА, ова е време за нови витештва според него, денес витезите носат само поинакви, медицински оклопи и маски.

РСЕ: Од друга страна, факт е дека токму кризата ќе донесе многу сомнежи и преиспитувања кај творците. Мнозина од нив не ќе можат да се справат со немаштијата. Културата кај нас секогаш беше монета за пот кусурување, а сега се чини дека „наместо насловна страница“ ќе биде некаде најдолу...до огласите и тажните вести. Што да се прави во вакви услови на рецесија? Ќе собере ли сила политиката да се надмине себе си и барем малку, навистина малку, да разбере дека токму културата е портата за нормална комуникација со светот?

Политиката би требало да биде обмислена техничка акција за промена на некоја состојба, со користење на заедничка енергија, ресурси, пари. Нормално би било да има прилично широк консензус во однос на тоа што и како сакаме да смениме, да кажеме, во енергетската политика, сите сакаме да имаме поефтин и посигурен извор на енергија, нема дилеми. Слично е во политиката на образованието или науката и културата, лесно можеме да ја формулираме саканата цел, дури и да ги утврдиме потребните мерки, но кога сето тоа треба да почне да функционира, системот паѓа. Се чини прилично едноставно, но изгледа на крајот проблемот е што не им се дава потребната слобода, ресурси и охрабрување на институциите, за да ја завршат работата. Прашањето е како се распоредуваат средствата. Она за што треба да се избориме е соодветна политика во културата, онаква политика која би влијаела на социјалниот и хуман капитал во општеството. Тогаш таа би имала и политичко оправдание, бидејќи би создала субјекти, политички свесни субјекти, кои ги разбираат бенефитите од заедничка и солидарна политика, во било која област. И обратно, би разбрале што е непотребна и скапа декорација. Музеите и другите институции во културата, тоа го потврдуваат истражувањата, влијаат врз знаењето и вештините во заедниците во кои се активни, тоа пак резултира со подобрување на општата здравствена состојба и намалувањето на криминалот во општеството.

Луис Камницер, „Пејзажот како став“, акватинте, 1979
Луис Камницер, „Пејзажот како став“, акватинте, 1979

РСЕ: Како директор на Музеј на современа уметност потпишавте серија на исклучително важни проекти како „Сè што ни е заедничко“, „Пејзажи на совеста“, „Скопје одново“, МСУ се претстави во соседна Грција и по прв пат беше домаќин на солунскиот МОМУС, „Родови перцепции“, изложбата на Глигор Стефанов и така со ред. Во овој период сосема оправдано го имавме чувството дека Скопје пулсира со глобалниот современ визуелен ритам. Ваквата низа за жал изнудено беше прекината. Како натаму? Го искористивте ли овој несигурен пандемиски период за негување на контактите и кроење на нови проекти кои час поскоро ќе ја израдуваат публиката? Што да очекуваме во „нормалноста“ каква и да биде во иднина?

Да, имавме прилично голема динамика, работевме, што се вели, и по работно време. Постои големо задоволство кај целиот тим, заради тоа што успеавме не само да направиме успешни изложби и гостувања, туку и да обезбедиме видливост за нашите активности. Водечката светска ревија за современа уметност, њујоршкиот Арт Форум ѝ го претстави МСУ Скопје на својата публика, во исто време во Скопје ги имавме присутни петте можеби најважни имиња на денешната уметничка сцена во светот. Се повеќе уметници нѐ препознаваат како искрени партнери, сакаат да работат со нас. Во однос на тоа што претстои, ќе најавам три од нашите проекти кои треба да се реализираат во блиска иднина. Едниот е нашата веќе редовна изложба под наслов „Се што ни е заедничко“. И овојпат тоа ќе биде кураторски проект на кој учествуваат повеќе уметници блиски до избраната тема. Ваков тип на амбициозни изложби се смета за успех ако успеете да ги имате еднаш во три години, ние сакаме да ја задржиме оваа динамика за да го искористиме овој постоечки интерес, и кај уметниците и кај публиката. По втор пат ќе пристапиме на уште еден интересен кураторски проект, поврзан со нашата колекција. Претходниот пат имавме куратор гостин од МоМА, Њујорк, овојпат се работи за кураторски тим кој доаѓа од Виена. Очекуваме уште едно интересно читање на нашата колекција. Третиот важен проект го подготвуваме со германскиот Дојче телеком. Тие имаат интересна колекција на современа ументност што ќе гостува во просторите на нашиот музеј. Ќе оставам простор да нѐ поканите пак за да ви зборувам за другите наши програмски активности.

РСЕ: Конечно, колку Мира Гаќина во изминативе два месеца имаше време да си ја преиспита сопствената одлука да застане на чело на МСУ? Иако проблеми и сопки имало и ќе има во иднина, посебно во едно вакво време, дали кога сега би одлучувале повторно би се зафатиле со раководење на Институцијата? Колку добивте и колку изгубивте од таквата одлука?

Во МСУ работам веќе петнаесет години. Не се работи за случајност, сама го одбрав ова. Го сакам Музејот, тоа е. Кога запишав студии по Историја на уметност татко ми, математичар, ми кажа „Што ќе ти е таа егзотика?“ Ама, вистина е, токму таа егзотика ми треба, Како што нему му требаше таа најегзотична егзотика, математиката. Секогаш имало и ќе има луѓе што сметаат дека нивните вештини се најупотребливи во матни времиња. Тоа не треба да значи дека треба да се откажеме од нашите идеали, инаку би било бесмислено да се преземе социјален ангажман. Ми се чини неприкладно да размислувам во категории добивка - загуба.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG