Достапни линкови

КУЛТРЕНИНГ - личен пристап кон телото, просторот и имагинацијата


Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и во културата и во време на светска пандемија го продолжи КУЛТРЕНИНГ, односно часовите по современ танц и движење наменети за граѓаните. За нив овојпат задолжени се балетските уметници Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски.

КУЛТРЕНИНГ - часовите по современ танц и движење наменети за граѓаните, програмската целина на Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и во културата што се реализира во рамки на програмата во Кино Култура простор за современи изведувачки уметности и култура во 2020 година, продолжуваат и во периодов на едно поинакво живеење. И во услови на светска пандемија и мерките за превенција и заштита од вирусот Ковид-19. Но во случајов, целината чија реализација беше поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и општина Центар, наместо од вообичаеното место до заинтересираните граѓани во текот на април, мај и јуни ќе стигнува во форма на интерактивни часови со користење на дигитални платформи на кои тие бесплатно ќе може да се приклучат.

Часовите во овој период се реализираат во соработка со домашните танцовите уметници и педагози Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски. Ваквата адаптација, како што забележуваат од Локомотива, ќе овозможи поддршка и континуитет во работата на домашните уметници, од една страна, и можност за сите заинтересирани, да учествуваат и ги посетуваат интерактивните часови бесплатно секој понеделник, среда и петок во 19:00 часот.

Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски го споделуваат својот личен пристап кон телото, просторот и имагинацијата. Тројцата танцови уметници и педагози работат на свој специфичен начин за достигнување на флуидност, координација и форма на телото на заинтересираните учесници, појаснуваат од Центарот за нови иницијативи во уметноста и во културата.

Ивана Коцевска

Во нивниот допис се вели дека балетскиот педагог м-р. Ивана Коцевска со публиката ќе го сподели нејзиниот пристап кон т.н BodyFlow Dance кој е принцип на движење на телото и претставува склоп на танцови движења во комбинација со вежби за зајакнување, истегнување, баланс, координација, правилно дишење и вежби за будење на телото, односно дека тоа претставува воведување во импровизациски вежби на тема интуиција, трансформација и адаптација на се* што не опкружува.

Од друга страна часовите на Христина Ангеловска насловени како „Самосвест во самоизолација“ во фокусот го имаат просторот, времето и мислите. Тие поттикнуваат активност која треба да донесе повеќе свест за самите себе како личност и за луѓето околу нас. Свест за работите што се случуваат околу нас, за времето кое поминало, минува и ќе следува.

И, конечно танцовиот уметник Валентино Апостоловски преку „Киносфера“ ќе ги сподели својот личен пристап на движење на телото и неговите динамики во однос на просторот.

Личниот простор, или „Киносфера“, е просторот околу нас кој е во дофатот на нашите екстремитети, без промена на местото, односно промена од точката во која стоиме. За почеток, на овие часови ќе се концентрираме на просторот околу нас, релацијата на нашето тело во однос на персоналниот и генералниот простор, но подоцна ќе го сознаеме и концептот за различни динамики на просторот, истакнува Апостоловски во најавата.

Валентино Апостоловски

И, кога сме веќе тука, збор-два за уметниците и педагозите.

Ивана Коцевска е балетска уметничка/танчерка, кореографка и магистерка по балетска педагогија. Таа е солист во Македонската опера и балет и бележити се нејзините изведби во претстави како што се „Оревокршачка“, „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“, „Дон Кихот“, „Самсон и Далила“ и многу други.

Во текот на својата досегашна професионална кариера била и солист во Словенечкиот национален балет во Љубљана и во Вурцбург каде била поканета од Ана Вита и една година специјализира во Киев при Украинскиот национален балет каде ја реализира улогата на Мирта во балетот „Жизел“. Нејзината прва голема продукција „МЕТАМОРФОЗА“ премиерно е изведена на 3 јули 2018 на главната сцена на Националната опера и балет со поддршка на Министерството за култура на Македонија.

Христина Ангеловска има дипломирано балетска педагогија за современ танц. Нејзиното искуство со кореографија го стекнала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Работела на презентација на програмата на катедрата за балетска педагогија-современ танц – Нови тенденции/ нови современи танцови дела и автор/и/ки при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на Факултетот за музичка уметност каде е дел од тимот и сама изведува во кореографските дела „Равенка“ во 2018 и „Somewhere, somehow, somebody” и „Три“ една година подоцна.

Како уметничка и танчерка соработувала со Горан Начевски за премиерна изведба на операта „Помеѓу соништа и летови“ во 2019 и во „Континуитет“, на кореографија на Марија Ристеска во текот на 2018 година.

Валентино Апостоловски, пак, е роден во Битола. На десет годишна возраст започнал со изучување на латино-американски и стандардни танци и набрзо станал државен првак во двете категории. На врвот се задржал цели 11 години по ред, за да потем стане студент на Танцовата академија за современ танц, при Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА во Скопје.

За време на студиите и после нивното завршување, соработувал како танчер или кореограф со голем број на локални и светски кореографи, режисери и уметници, со кои работел на различни танцови и театарски проекти.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG