Достапни линкови

Ана Јовковска - Секоја промена почнува од себе


Фото: Томислав Георгиев
Фото: Томислав Георгиев

Со три книги во изминативе пет години, „Пулсот на времето“, „Ехо на слободата“ и „Сакам, значи постојам“, кои одлично поминаа кај публиката, Ана Јовковска не само што се обидува туку успева да создаде дел од културната меморија на едно општество и време. Документ за современата македонска култура.

Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, специјалист за односи со јавност и промоција, тренер за личен и професионален развој, активистка и хуманистка... Згора и веројатно најбитно таа е храбра жена и грижлива мајка, активистка и амбасадор на добра волја на кампањи за човекови права, здрава животна средина, социјална инклузија, родова еднаквост, права на животни... Им помага на луѓето и животните како начин да го оправда своето постоење, а за себе знае да каже дека „рајот го замислува како библиотека полна со книги“. Конечно, возејќи се на тркалото на животот со искрена и цврста верба дека добрината и љубовта можат да го спасат светот, таа во изминатиов четврт век професионален живот е неодминлив дел од пулсот на времето. На денешнината.

Јовковска, некаде на средината на април се појави информација дека првиот тираж од твојата последна објава „Сакам, значи постојам“ (ТРИ, 2019) е скоро распродаден и дека наскоро ќе биде печатен нов. Што значи тоа за еден автор? За Ана Јовковска која со книгата како што ќе забележи го стори „духовното патување од и кон себе“?

Во меѓувреме стигна новото, второ издание на мојата книга „Сакам, значи постојам“ и мириса на тазе хартија. Тоа е оној мирис што во ноздрите ти буди чувство на радост и успех. Но, успехот никогаш не сум го мерела низ бројки. На тоа оро денес може да си напред, прв, утре последен. Затоа, треба да си внимателен колку ги шириш крилјата на горделивоста, оти можеш да изгориш ко Икар. Тоа што ми е важно е да бидам на орото на квалитетот и да останам лојална на своите критериуми за тоа што е добро, вистинито и автентично. Сепак, ќе излажам ако речам дека не сум поласкана со интересот на читателите за мојата нова книга, особено што периодов сме во вакуум-простор меѓу коронавирусот и рестрикциите за изолација. Кога ми се јавија издавачите „ТРИ“ и ми кажаа дека за 3-4 месеци книгата е веќе распродадена, искрено не ми се веруваше бидејќи бев убедена дека за време на пандемија ништо не треба да се очекува. Стуткани, како полжавот во куќичката, станавме поскромни и кога се очекувањата во прашање. Новото „нормално“ се покажа толку различно од сè што претходно бевме навикнати. За оваа пролет имавме закажано неколку промоции со книгата низ различни градови во земјава, кои ќе беа проследени со дебати, како дел од децентрализирачките културни текови за кои се заложувам, но за жал, сите ги откажавме. За среќа, дигиталините рефлексии на книжевноста го покажаа својот најсилен сјај, па така, првото издание на „Сакам, значи постојам“ се продаде за рекордно време преку онлајн можноста на www.kniga.mk. Второто издание е веќе достапно преку истата оваа апликација и на попуст. Се разбира, цените на книгите денес се само уште една точка во ланецот на девалвација на авторскиот труд. Помеѓу револтот што книгите денес чинат колку една пица (за „Сакам, значи постојам“ на шега велам дека 300 страници ракопис, натопени во срцето, болките, мудроста, чинат колку 30 см пица) и неизвесноста од новонастаната ситуација кога најголемиот дел од книжарниците не работат, сепак проблеснува искра радост дека луѓето сакаат да читаат македонски автор(к)и и дека ја поддржуваат локалната книжевна сцена. Заклучив дека во ова чудно време во кое први братучеди ни станаа стравот, несигурноста, болеста и карантинот, книгите ни се отворија како прозорци кон светот, оној надворешниот од кој сега сме лишени, светот што го злоупотребивме со нашата алчност, но и кон внатрешниот. Книгата е најдобриот пријател во ова време на осама.

Во најавата за книгата меѓу другото ќе забележиш дека веруваш оти „овој комплициран свет може да се спаси со добрина и љубов“. И, потем дека „по трнливиот пат на мудроста, не знаеш дали си успеала да ги фатиш состојбите на невралгичните премрежја на нашето време и на нашите души, но дека си се обидела“. Дека „да се биде набљудувач на најчовечното во себе е потешко отколку да се биде набљудувач на времето и светот“. Како стигна до ваквите констатации? Се држиш ли сè уште до ваквите сознанија?

Новинарската професија често нè исправа пред предизвикот да бидеме набљудувачи на состојбите во општеството, на браникот на правдата, во борба за слободата, чувари на јавниот ред и на политиките, детективи за вистината, но во сите тие општествено-одговорни ситуации прстот најчесто го вперуваме кон надвор, кон Другиот, заборавајќи понекогаш да го впериме и кон нас самите, кон внатре. Со моите две претходните книги „Пуслот на времето“ (2015, Силсонс/Матица македонска) и „Ехо на слободата“ (2018, ТРИ) се обидов да создадам некаква културна меморија на едно општество и време, документ за современата македонска култура и интелектуална мисла, да ги анализирам феномените на денешницата, социолошки, антрополошки, филозофски, да го извадам на тапет гласот на интелектуалците. Во тој процес на интервјуирање, дијалозите стануваа и разговор со себе. Кога се решив за книга како „Сакам, значи постојам“ која е целосно различна на другите, сфатив дека морам да го тргнам интимното перде, личниот превез, и да „заглибам“ уште подлабоко. Во неа се бавам со сè што е човечко и со сите точки од животот. А тие, понекогаш се вкрстуваат во љубов и радост, некогаш во болка и загуба. Важно ми кога себерефлексијата добива убав одраз и во другите. Тоа е мојата авторска мисија – да го побарам најчовечкото во секој од нас и да го извадам на мегдан. За ваквите заложби ќе се држам сè додека верувам дека овој свет може да се спаси со добрина и љубов. Можеби затоа едно од трите поглавја во мојата книга го насловив: Револуцијата има име, се вика љубов. Другите две поглавја се: Љубовта е дете на слободата и Очи што будат солидарност. Секоја промена почнува од себе!

Обично авторите честопати го преиспитуваат веќе напишаното. Објавеното. Кога сега би ја почнала со испишување „Сакам, значи постојам“ дали би била тоа истата книга или некое поинакво четиво? Би имало ли повеќе мудрост, бунтовност, поинакви сознанија во него?

Мислам дека баш напротив, сега би имала помалку бунтовност, а повеќе прифаќање. Се менуваме од ден на ден, со секој човек што ќе го сртенеме по патот, со секој проблем што ќе го решиме, со секој предизвик со кој духовно ќе пораснеме, со секоја тежина од која ќе се ослободиме. Сепак, малку менувам од кората, од сржта на моите верувања и идеали. Тие некако најмногу му пркосат на времето. Ги презервирам во најчистата форма во која сум ги создала, за ликов да ми остане мој и автентичен кога ќе се погледнам во огледалото. Значи, верувањата ги чувам, надворешните манифестации ги менувам. Формата е најранлива кај мене. Можеби затоа што сакам да им пркосам на конвенциите. Не сум сигурна колку и како „Сакам, значи постојам“ би била поразлична ако одново почнам да ја пишувам денес. Можеби единствената промена што би ја направила е да одземам малку од песимизмот и револтот, а да додадам уште повеќе оптимизам. По завршувањето на моите обуки за невролингвистичко програмирање (комуникациска методологија), добив уште еден слој на гледање на работите што има повеќе агли во него и ја исклучува ригидноста и претенциозноста. Можеби сепак некои работи би имале друга боја... а можеби не. Важно ми е книгата да инспирира на подолг рок. Да биде љубовно четиво за љубопитните умови!

Фото: Кристијан Војдановски

И, кога сме веќе кај пишувањето си даваш ли простор за хибернација и полнење на батериите или тоа е кај тебе константен процес. Нешто што го стивнува, исцелува немирот, потиснува стравот, го потврдува постоењето?

Пишувањето не е на копче. Не си даваш ништо, не земаш од никого. Доаѓа како бура, како емоција, како наплив од кој мораш да се ослободиш. За мене пишувањето има терапевтско дејство. Благодарна сум што имам методологија низ која можам да го преработам стравот и да им дадам име на сите непознаници во мене. Пишувам многу често и многу одамна, па се навикнав да имам алатка низ која во исто време ќе можам да се карам и дисциплиринам себе си, и да се ослободам и дивеам. Пишувањето ми помага да создадам своја психолошка лабораторија низ која се обидувам да бидам најдобрата верзија на себе. Патот е пред мене, пенкалото до мене и како Сизиф, упорно и нагоре (се смее).

Во името на нашето здравје и опстојба ги живееме времињата на ограниченост и заробеност на слободата. Како лично гледаш на ваквата состојба? Како во нив, како творец со многу вештини, активистка и хуманистка, успеваш да се справиш? Ќе остави ли сево ова лузна кај тебе или само ќе те направи посилна, погласна?

Никој не е имун на промената зад која демнат болест и изолација. Клучно е да го чуваме менталното здравје во вакви тешки времиња. Она што не можеме да го промениме, можеме привремено да го прифатиме како нов начин на живот низ кој би се обиделе да го извлечеме најдоброто за нас. Деновие држев онлајн обука за вработените во една копманија, па зборувавме за тоа како да го искористиме времето дома и да пронајдеме кретивни решенија за иднината. Како да останеме мотивирани и да бидеме продуктивни. Како емоционалната интелегенција може да ни помогне. Колку иднината ќе биде поинаква и што е она за што треба да се подготвиме кога е комуникацијата во прашање. Секогаш е полесно да обучуваш други луѓе, да бидеш нивен тренер за личен и професионален развој, отколку да ги примениш сите тие работи на себе (се смее). Да ги повнатрешниш работите за кои другите ги едуцираш. Затоа, секојдневно се обидувам да работам на себе во правец на прифаќање на овие ограничени слободи на движења и човекови права како привремени решенија во име на јавното здравје, да го стишувам бунтот што го губиме најубавото годишно време дома, да бидам трпелива во однос на моите одложени фриленсерски работни ангажмани, да не се нервирам за загубените професионални проекти односно за загубените пари, бидејќи најубавите јавни настани, културни манифестации, фестивали, дебати, се случуваат на пролет. Сите тие се откажани од мојот работен календар, па се трудам да научам да егзистирам со помалку од секој аспект. Ме разлутува само игнорантниот однос од државата кон една од најзагрозените категории на граѓани – хонорарците/фриленсерите, сите ние кои редовни го полневме буџетот со данокот од нашите проекти. Сепак, се смирувам и си помилсувам дека добро е ако единствената лузна од оваа ситуација ми е финансиската. Здравјето на најблиските ми е приритетот за кој се закачувам.

Каква ќе биде твојата мисија во новата „нормалност“, каква и да биде таа? Сметаш ли дека ќе се освестиме барем малку и дека пореално ќе гледаме на човековите права, судбини, слободите, консумеризмот, пост-модерните ропства... Дека ќе го скротиме нашиот самоуништувачки нагон докрај да ја столчиме грутката на која ги мериме патеките?

Верувам дека оваа пандемија ќе му влепи силна освестувачка шлаканица на човештвото. Коронавирусот е само еден од алармите со кој треба да се свестиме дека не сме господари на планетата и дека ако сакаме да живееме треба да научиме да живееме во хармонија со природата. Претеравме со алчност и консумеризам. Претеравме со оружје, војни, деструкција, брзина, реклами, луксузи, бучава, сообраќај, гмо, отрови... Ако сакаме подобар свет мораме да бидеме подобри луѓе. Едноставно е да се каже, тешко е да се примени. Животот секогаш наоѓа начин. Од нас зависи!

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG